Соопштението од Џеј Ел Ар доаѓа откако британската влада објави дека на компанијата ќе ѝ гарантира заем во висина од 2 милијарди долари, како помош за целата верига од добавувачи што произведуваат делови за фабриките на Џеј Ел Ар, по силниот сајбер напад, што предизвика запирање на сета работа на компанијата.
Производителот на автомобили располага со три фабрики во Британија, што дневно изработуваат по 1.000 возила. Според Би Би Си, компанијата по затворањето губи најмалку 50 милиони фунти неделно. Голем дел од персоналот што опфаќа 33.000 вработени, пуштен се на привремен одмор.
Џагјуар Ланд Ровер ги извести своите добавувачи дека вратилe во работа дел од компјутерскиот систем, вклучувајќи го софтверот што управува со снабдувањето со делови од добавувачите ширум светот, како и финансискиот систем што управува со продажбата на возила. Постигнат е напредок и во капацитетот за обработка на нарачките за возила.
Џеј Ел Ар веќе се соочуваше со проблеми годинава, откако пријави пад во продажбата од 11 проценти во второто тромесечје, поради привременото запирање на извозот за САД, откако владата на Трамп воведе царини за автомобили.
Британскиот производител на премиум возила во меѓувреме продолжи да извезува во САД, меѓутоа планираната профитна маржа за фискалната 2026 година ја спушти на 5 до 7 проценти, од 10 проценти претходно, поради неизвесноста што ја создаваат трговските политики на САД.
Агенцијата за рејтинг Муди го потврди рејтингот Ба1, меѓутоа ги смени прогнозите од позитивни во негативни.
Рејтингот Ба1 значи дека компанијата веројатно ќе го истрпи ударот од сајбер нападот, објаснува Света Патодија, виша асистентка и аналитичарка во Муди. „Менувањето на прогнозите од позитивно во негативно го отсликува нашето гледиште, дека целосното закрепнување ќе потрае неколку месеци“, додава Патодија.
Овој напад е најнов во низата сајбер напади, што целат кон компании ширум светот. Во Британија, жртви на слични напади беа гигантите Маркс енд Спенсер и групацијата Ко-оп.
















