Многумина ќе бидат изненадени од фактот што две големи релија минувале низ Скопје, Монте Карло Рели и Рели Акрополис во 1960-те години. Релито понатаму низ годините се возело редовно низ Македонија. Токму тоа е појдовната идеја на „спектакл-мајсторите“ Игор Стефановски – Ила и Благоја Петровски, да го организираат Бахус Класик Кар Рели.
За настанот што започнува в сабота, на 27-ми септември, досега масовно е објавувано на телевизиските канали и по друштвените мрежи. На конференцијата за медиуми што беше одржана како завршница на подготовките за големиот автомобилски настан, првиот Бахус Класик Кар Рели, меѓу другото беше посочено и на два големи историски моменти од светот на релито.
Во 1960-те години, Скопје било одредиште на две големи релија, на Монте Карло Рели, како класика на т.н. концентрациски релија, и на Рели Акрополис. Постојат малку, но уште толку повредни фотографии, што сведочат за тие историски настани. Публиката што ќе дојде да посведочи на воведната етапа, што поаѓа од Плоштад Јадран, стотина метри подалеку од местата на коишто се одвивале историските настани, на денешна „Никола Вапцаров“ и на самиот Плоштад Македонија, ќе го забележат паното на коешто ќе го препознаат историското Скопје.
Но, нивното внимание прво ќе го привлечат олдтајмерите што доаѓаат за релито во Скопје. Дваесетина тимови ги качија своите олдтајмери на шлепер за Македонија, за тие да бидат подготвени за големото рели, што опфаќа вкупна тура од преку 1.000 килоеметри. Се вози низ Македонија, по Винскиот Пат, релито понатаму води во Грција, до Халкидики, па назад до Битола, Охрид, Маврово и назад до поаѓалиштето. Настанот трае цела седмица
Како што најавија организаторите, Бахус Класик Кар Рели е настан од тип што досега се нема одржано во Македонија, но и пошироко во регионот. Сосем е извесно дека предизвикот ќе биде спроведен на дело, исто како што Стефановски-Петровски претходно ги имаат организирано Дистингвишд Џентлменс Рајд (мотоцикли), Дистингвишд Џентлменс Драјв (автомобили) и Скопје Класик Дејс.
Доаѓаат автомобилисти од Германија, САД и ОК, Австрија, Швајцарија, Белгија, Луксеумбург и Франција. Меѓу возилата се Порше 356 СЦ (1966), Џенсен Хили 2000 (1966), Алфа Ромео ГТВ 2000 (1972), Волво ПВ544 (1962), македонски Морган Плус 4 (1975), Трајемф ТР4 (1961), Мерцедес-Бенц 230 СЛ Пагоде (1966), Џагјуар И-Тајп Родстер (1968) и уште бројни вредни историски автомобили.
Публиката ќе ги поздрави учесниците на релито на 27-ми септември, на Плоштад Јадран (Хотел Јадран) во 19 часот. Потоа ќе следи воведната етапа. Во следниот ден, во недела, стартува и првата брзинска трка. За учесниците ќе биде посебен предизвик тоа што ќе мораат сами да ја наоѓаат точната рута.
Релито се враќа во Скопје на 2-ри октомври, околу 17 часот. Возилата за време на релито ќе бидат изложени во неколку градови, за публиката да може одблизу да ги види возилата, и секако да е запознае со автомобилистите.















