Во соопштение до Федералниот Регистар испратено на 24-ти септември, Министерството за трговија и Бирото на трговските претставници на САД, објавија дека извршиле измена во царинскиот тарифник, со цел да се примени спогодбата што во јули беше постигната со ЕУ. Со таа спогодба, царините за главнината од увозот од ЕУ, вклучувајќи автомобили и делови, се намалува од сегашните 25 проценти на 15 проценти.
Со соопштението се надминува неизвесноста во индустријата, што долго време ја чекаше потврдата, за да може во иднина да ги планира набавките.
Вредноста на акциите на германските производители Фолксваген, Порше и Мерцедес-Бенц веднаш порасна по објавувањето на веста.
Оливер Блуме, извршен директор на Фолксваген и Порше, во минатата недела изјави дека фактичкото намалување на царините за увоз на автомобили во САД, уште е предмет на преговори меѓу САД и ЕУ, и дека тоа може да потрае со недели.
Повеќето од новите царини важат за стока од ЕУ, што е увезена во САД од 1-ви септември наваму, меѓутоа олеснувањата за автомобили и делови чекаа, ЕУ прво да ги стави во сила законите за намалување на царините за индустриските производи од САД и неколку земоделски производи што не се клучни.
Унијата ги презеде тие чекори на 28-ми август и во моментов работи на примената на концесиите, како услов за администрацијата на Трамп да воведе ретроактивност за увозот на автомобили од 1-ви август.
















