Пред да завршат субвенциите, Фолксваген се отепа од продавање електрични автомобили во САД

Кусо пред истекот на субвенционирањето за електрични автомобили, граѓаните на САД сакаат да го искористат бонусот. Корист од тоа имаат големите производители.

Фау Ве ИД.4 во САД: Фолксваген е меѓу профитерите од зголемената побарувачка за електрични автомобили, кај Тесла е спротивно.

Наскоро во Соединетите Држави ќе заврши субвенционирањето на електричните автомобили. Во јули се почувствува зголемена побарувачка, затоа што купувачите сакаат да се осигурат дека ќе го искористат даночното ослободување во висина од 7.500 долари. Помошта од државата за купување електричен автомобил ќе истече на завршетокот на септември.

Во јули во САД биле продадени 124.961 батериски електрични автомобили, што претставува раст од 6 проценти, покажуваат податоците на С енд П Глобал Мобилити. Уделот на електричните автомобили во вкупната продажба на автомобили во земјата, пораснал од 8,5 проценти во јули 2024 година, на 8,9 проценти во истиот месец годинава.

Бројката ги опфаќа само новорегистрираните батериски електрични возила, без приклучните хибриди. Во почетокот на јули, Претставничкиот Дом го одобри планот на претседателот Доналд Трамп, којшто предвиде и укинување на помошта за купување електрични автомобили.

Тесла не профитираше од зголемената побарувачка

Од духот на сезонска распродажба што беше поттикнат на тој начин, искористија пред сé традиционалните производители. Според С енд П, продажбата на нивните електрични автомобили во јули пораснала за 27 проценти. Шевролет постигна 100 проценти во плус, Фолскваген 127, а Ауди дури 252 проценти.

Тесла и натаму е најпродавана марка електрични автомобили во САД, но не го искористи бумот. Напротив, компанијата на Илон Маск имаше за 13 проценти послаба продажба во споредба со јули лани. Форд изгуби 19 проценти, кај Мерцедес-Бенц има пад од 29 проценти, па и БМВ отиде 37 проценти во минус.

Третиот квартал може да биде рекорден

„Во јули имавме значителен пораст, а тој тренд ќе се задржи од чисто економски причини“, вели Том Либи, аналитичар во С енд П Глобал Мобилити. „Бројките за август и септември ќе бидат уште повисоки, за потоа да видиме голем пад во октомври.“

Кокс Аутомотив предвидуваат дека продажбата на електрични автомобили во САД, во третото тромесечје ќе постигне рекорд. Компанијата очекува августовската продажба да достигне 146.332 возила, што би претставувало 10 проценти од целиот автомобилски пазар.

Конкурентите на Тесла имаат понови модели

Како што се ближи крајот на субвенцијата, за растот на продажбата придонесуваат и честопати широкоградите попусти на производителите. Зголемениот број на електрични модели во понудата на докажаните производители, конечно вклучувајќи и подостапни модели, го зголемува изборот на купувачите.

Видеото од тестот на Фау Ве ИД.4 во Аутомедиа во 2023 година

Тесла губи поради застарената понуда од модели. „Воведувањето на новото моделско годиште на Модел Ипсилон го забави падот во продажбата на Тесла, но не му е лесно за електро-пионерот, затоа што пазарот е преполн со сосем нови, свежи електрични автомобили од големоволуменските соперници“, посочува Стефани Валдез Стрити, виша аналитичарка во Кокс Аутомотив.

Експертите очекуваат дека по завршетокот на субвенциите, хибридните модели ќе продолжат да им ја поткопуваат продажбата на електричните автомобили.

Претходна објаваНа 27-ми септември почнува Бахус Рели, доаѓаат тимови со олдтајмери од Европа да возат цела седмица низ Македонија
Следна објаваОпел ги објави македонските цени за Фронтера, изненадува електричниот модел

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here