
Во намерата да скрои издржана стратегија за луксузните марки во концернот Стелантис, новиот шеф Антонио Филоса размислува да ја врати премиум марката ДС во матичниот Ситроен.
Во моментов се разговара околу сценариото, за премиум марката ДС да се претопи назад во Ситроен, главно со дилерите во Франција, а во дел и во Германија. За ДС несомнено има иднина, меѓутоа не како самостојна марка, туку како луксузна серија модели во понудата на Ситроен. Тоа го изјавија повеќе извори за гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе. Во моментов нема планови за марката да се продава, компанијата категорично одбива какви било гласини во тој правец.
На премиум марките на Стелантис, а покрај ДС, тоа се Алфа Ромео, Масерати и Ланчиа, им се крои нова иднина. Филоса досега нема соопштено какви му се плановите со лускзуниот огранок на концернот.
„Уште не е донесена одлуката, но тоа е една од можностите за коишто се разговара“, изјави менаџер на Стелантис за Аутомобилвохе, во врска со ДС.
На тоа се надоврзува уште еден раководител од концернот: „Филоса сака да постигне повеќе со помалку – тоа важи за портфолиото, но и за марките. Тоа сигурно нема да го зголеми просторот за игра на ДС во иднина,“ вели менаџерот.
Претставничка на Ситроен кјажа дека сепак се работи само за „шпекулации“, што компанијата не сака да ги коментира. Остар демант дојде и од марката ДС. Претставничка изјави за Аутомобилвохе: „Не постојат какви било намери, самостојната премиум марка ДС Аутомобилс да стане дел од Ситроен. Се работи за чисти шпекулации.“

Продажбата забави 20 проценти
Сепак постојат знаци дека е можно ДС да се врати во Ситроен. Еден од знаците е забавената продажба, а од друга страна постои неоходност за масивно да се зголемат инвестициите во марката, доколку Стелантис сакаат да бидат сериозни со премиум-имиџот на ДС.
Благородната марка ДС се издвои од Ситроен во 2014 година и освен во Франција, во 11-те години од своето постоење нема постигнато повпечатливо присуство на пазарот. Марката малку се издвојува единствено во Шпанија, Италија, Полска и Турција.
Во Европа (ЕУ, ЕФТА, ОК) во првото полугодие се продадени 16.044 возила, што е 22,5 проценти помалку во споредба со лани.
На домашниот пазар, Франција, низ сиве години се постигнуваше половината од вкупната продажба на ДС, но во последно време и таму забавува продажбата. ДС до завршетокот на јуни продаде 7.824 возила, што е пад од 25 проценти.
Наспроти тоа, во Германија беше постигнат раст од 6,7 проценти, со 1.700 возила, но пазрниот удел на француската премиум марка и натаму е под 0,1 процент од тамошниот пазар.
Видеото од тестот на Ситроен Ц3 Еркрос во Аутомедиа
Мора да постои поголема соработка
Филоса е пред дилема. Марката ДС е француска икона, но без нови инвестирања, марката ќе го изгуби значењето. Сé потешко е да се издржи сопствена организација на продажбата и дистрибуцијата.
Така се наметнува идејата, преку враќањето во Ситроен да се искористи соработката. Во тој случај, бизнисот ќе биде исплатлив и со релативно мали продажни бројки.
Во поглед на техниката, синергијата веќе функционира, затоа што моделите на ДС ги користат истите платформи со моделите на Ситроен, Пежо и Опел. Тие се произведуваат на истите ленти со Опел Астра и Пежо 308.
Новите соперници веќе се зад петиците
„Само за да се задржи сегашното ниво, потребно е да се инвестира многу во марката. Ако се има предвид целта, ДС да биде најблагородна француска марка автомобили, тоа што го добиваат купувачите заостанува значително зад останатите премиум марки“, оценува еден долгогодишен менаџер во ПСА.
Марката започна со голем елан пред околу десет години. За таа цел беше организиран спектакл во Лувр и извесно време постоеше скапо платен престижен салон на прочуената Шампс-Елизе.
„Марки како Купра или Полстар, уште не постоеја при стартот на ДС во 2014 година. Натпреварот во премиум сегментот се вжештува,“ оценува дилер на ДС.
Тој ги зема како пример Ланд Ровер и Порше. „Овие марки имаат постигнато првокласно искуство на клиентите на секое поле.“
Автомобилскиот свет е сменет
Кога ДС се издвои од Ситроен во 2014 година, автомобилскиот свет изгледаше сосем поинаку. ДС беше францускиот одговор на германските премиум марки Мерцедес, БМВ и Ауди. Замислата беше со француски шик и париска елеганција да се контрира на динамичните возни својата на германските соперници.
Тогаш и кинеските производители уште беа далеку од денешниот пробив на светската автомобилска сцена. Европа уште беше предводничка со технологијата, а имиџот на европските модели уште сјаеше. ДС очекуваше многу токму од кинескиот пазар.
Со тогашниот партнер Чанган, групацијата ПСА, што подоцна стана дел од Стелантис, во 2011 година отвори заедничка фабрика во кинескиот Шенџен. Во фабриката требаше да се произведуваат моделите ДС5 ЛС, ДС6, а подоцна и ДС9, наменети за кинескиот пазар.
Но, планираните 200.000 продажби останаа само сон. Во 2018 година се произведоа само 4.000 возила. ДС уште одамна се има откажано од Кина.















