Фон дер Лајен ги поддржува барањата на производителите за нова категорија автомобили со подостапни цени

Планот што го предложија Стелантис и Рено, за создавање посебна категорија малечки автомобили во Европа ја освои најголемата поддршка, од страна на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Skoda Citigo iV Frankfurt
Еден од последните автомобили со цена под 10.000 евра; во Германија во 2019 година, Шкода Ситиго 1.0 чинела 9.870 евра; Уште тогаш се нудеше и електрична изведба

Во нејзиното обраќање „за состојбите во заедницата“ на 10-ти септември, фон дер Лајен кажа дека Комисијата е подготвена да соработува со производителите на автомобили, околу т.н. Иницијатива за Достапни Малечки Автомобили (АСЦИ, Афордабл Смол Карс Инишатив).

„Милиони Европејци сакаат да купат достапни европски автомобили,“ изјави таа во Европскиот Парламент во Стазбур, Франција. „Не смееме на Кина и на останатите да им дозволиме да го освојат овој пазар.“

Воведувањето категорија малечки автомобили ќе се најде на агендата на 12-ти септември, кога пратениците на ЕУ ќе одржат средба со претставници на европската автомобилска индустрија, во третиот круг од „стратешкиот дијалог“ за иднината на автомобилската бранша во Европа. Меѓу останатите теми се законите околу емисијата на штетни материи и мерките за конкурентност, како поддршка за веригата на добавувачи за батерии и полупроводници.

Европската Комисија во почетокот на годинава соопшти дека ќе ги разгледа предлозите на Рено и Стелантис, за воведување посебни закони за малечки авотмобили, но сега искажаната заложба на фон дер Лајен е најсилниот знак дека ЕУ има намера да преземе чекори во таа насока.

Во своето обраќање, фон дер Лајен ја повика Европа да се воведат „Е-кар“ коишто ќе бидат „чисти, штедливи и лесни“, како и „достапни“ и произведени во Европа преку вериги од европските добавувачи.

„Иднината ќе биде електрична и Европа мора да биде дел од тоа,“ кажа претседателката.

Законодавците одговорија на нејзиниот предлог и со аплаузи и со негодувања.

Стелантис ја поздрави иницијативата на фон дер Лајен за Е-кар, оценувајќи ја како „визионерска и итна“, повикувајќи на итно поедноставување на законите, како и воведување нова категорија возила, што ќе дозволи пониски цени на автомобилите, објави италијанскиот дневник Ла Република.

Јапонските микро-автомобили и законите за Каро Популар во Бразил може да бидат пример за ЕУ

Уште не е разјаснета содржината на новата регулатива. Микро-автомобилите во Јапонија имаат ограничување на работната зафатнина на моторот и на должината на каросеријата. Тие сочинуваат повеќе од една третина од продажбата на автомобили во земјата. Во Бразил, пак, повластената категорија возила Каро Популар важи за автомобили со мотор со зафатнина до еден литар.

Во 2024 година, Лука де Мео, тогашен извршен директор на групацијата Рено и претседател на европското здружение на производители АЦЕА, повика Европа да воведе нова категорија за евтини возила. Во отворено писмо до законодавците на ЕУ, пред парламентарните избори, тој укажа дека европските закони „имале негативно влијание врз профитабилноста во сегментот на малечките автомобили, каде што продажбата опадна за 40 проценти во период од 20 години.“ Решението за тоа се гледа во примерот од Јапонија, со нејзините микро-автомобили со мотори со ограничена работна зафатнина и ограничена должина.

„Возењето наоколу секој ден со електричен автомобил што тежи 2,5 тони е очигледна бесмисленост од гледиште на животната средина,“ додаде де Мео, повикувајќи ја Унијата да се врати на своите основи, за „масовен развој на малечки автомобили за градско возење и за достава до врата.“

Примери за микро-автомобили во Јапонија се Нисан Сакура и Мицубиши еК Икс (на сликата); двата модели се идентични

Претседателот на Стелантис, Џон Елкан, се надоврза на иницијативата на де Мео. „Кога Јапонија може да има микро-автомобили, што сочинуваат 40 проценти од пазарот, не постои причина за Европа да нема Е-Кар“, изјави Елкан на конгресот на Аутомотив Њуз Европа што во јуни се одржа во Торино.

Во 2019 година, во Европа беа продадени еден милион автомобили што чинеа под 15.000 евра, но тој број сега е сведен на само 10.000 возила, посочи Елкан.

Малечките автомобили, како Фиат 500, порано беа срцето на тоа што европската индустрија го умееше најдобро – да понуди достапни автомобили за најширок круг купувачи, кажа Елкан, но законите само направија автомобилите да станат потешки и поскапи.

Главната вина за високите цени на малечките автомобили е во законите, кажа Елкан.

Во заедничкото интервју со де Мео во мај, што беше објавено во францускиот дневник ле Фигаро, Елкан посочи дека продажбата на автомобили во ЕУ е застражувачки ниска и дека е од „стратешка“ важност да се воведат посебни норми за помали автомобили.

„Со оваа динамика, не се менува траекторијата, во следните три години мора да донесеме одлуки што ќе бидат болни, за да ја заштитиме нашата производствена база,“ кажа Елкан.

Шефот на Стелантис за Европа, Жан Филип Импарато, изјави на салонот ИАА во Минхен, дека нормите за малечки автомобили треба да важат и за модели со електричен и со погон со мотори со внатрешно согорување. Тие може да важат за автомобили долги до 3,5 метри, со поблаги норми за безбедност.

Пазарот на достапни малечки електрични автомобили може да достигне 3 милиони

Подржувачите укажуваат дека новата категорија за малечки автомобили во Европа ќе ја пополни празнината во нормите, што постои меѓу евтините четирицикли, каков што е Ситроен Ами, што имаат ограничено користење во градски сообраќај и превезуваат два патници, и меѓу сé поскапите патнички автомобили, што се предвидени за брзини за автопат.

Уште е неозвесно дали ќе биде потребно да се воведе нова хомологациска категорија или ќе се воведат промени во постоечката регулатива за возила од категорија М1, упатуваат експертите.

Томасо Парди, истражувач на универзитетот ЕНС Париз-Сакле, кој е соавтор на студијата за можните идни норми за малечки автомобили во Европа, укажа дека пазарот за достапни малечки автомобили со електричен погон може да достигне 3 милиони, што секако ќе води кон зголемување на целиот автомбилски пазар.

Тој сегмент може да помогне за пазарот да се врати на нивото од пред пандемијата, воедно спречувајќи илјадници отпуштања, укажуваат Парди и соавторите на студијата.

Претходна објаваРено може да се одбрани од кинеската закана, верува новиот шеф Франсоа Прово
Следна објаваСтелантис ја продаде фабриката за дизел мотори во Италија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here