Електричниот модел повеќе нема да се нуди под ознаката Е-Ку-Ц, туку името сега е ГЛЦ со Технологија Е-Ку. Новиот автомобил првпат се појави пред медиумите на 7-ми септември, на настан пред моделот да го има своето деби пред пошироката јавност, на салонот ИАА Мобилност, што почнува на 9-ти септември и трае до 14-ти.
Тековниот ГЛЦ е најпродаван модел на Мерцедес-Бенц на светскиот пазар, но остана без електрична изведба, откако заврши производството на Е Ку Ц во 2024 година.
„Тоа е автомобил од исклучително значење,“ кажа извршниот директор на групацијата Мерцедес-Бенц при дебито на ГЛЦ во Минхен.
Новиот ГЛЦ доаѓа со значајни унапредувања во електричната погонска спрега, вклучувајќи 800-волтна мрежа и батерија од 94 кВч, со којашто се постигнува досег до 713 километри. Овие податоци важат за изведбата ГЛЦ 400 4Матик, што е единствена изведба при премиерата, со по еден електромотор на секоја оска и со вкупна моќност од 490 КС.
„Не само што воведуваме нов модел, ние го електрифицираме нашиот најпродаван автомобил,“ порача Калениус во соопштението. „Тој поседува нов дизајнерски јазик што е впечатлив, врвна технологија, сопствен оперативен систем МБ.ОС и перформанси што предизвикуваат возбуда.“

Испораката на новиот ГЛЦ ќе почне во првата половина од 2026 година, соопшти Мерцедес-Бенц, опишувајќи дека кај ГЛЦ важи „прво електрично“, односно електричната изведба стартува прва со продажба.
Понудата ќе содржи и други изведби со електричен погон и со мотори со внатрешно согорување/хибриди, но уште не се соопштуваат поединостите. Исто важи и за цените.
Мерцедес-Бенц почнува да ги лансира своите електричи модели од втората генерација, со намера да фати чекор со БМВ. Баварците лансираат нова генерација на електрични модели, како и-Икс-3, коишто се конструирани врз новата платформа Ное Класе. И едните и другите вложуваат напори за да стекнат предимство пред соперниците од Кина. Прв модел од новата генерација електрични модели е лимизината ЦЛА, со досег до 750 километри, од којашто се нуди и комби изведба Шутинг Брејк.
По ГЛЦ, в година доаѓа и целосно електрична изведба на Ц-Класа, а до завршетокот на 2026 година треба да стартува и електричниот СУВ-модел со електричен погон ГЛА, најави Калениус.
ГЛЦ е најпродаван СУВ од средната класа од премиум производител во Европа до јули, според податоците од Датафорс. Продадени се 62.875 возила, што е зголемување од 17 проценти во споредба со 2024 година. Волво Икс Ц 60 е втор најпродаван модел со продадени 52.470 примероци, трет е БМВ Икс 3 со 38.514 продажби.
Кај моделите со целосно електричен погон во овој сегмент, води Ауди Ку4 Е-трон со продадени 24.994 примероци, по него се Порше Макан (16.268) и Полстар 4 (12.910). Продажбата на батериски електрични модели во сегментот на премиум СУВ од средна класа порасна 34 проценти во споредба со лани.
Во САД, Мерцедес-Бенц е втор најпродаван модел на марката во 2024 година, со продадени 64.163 примероци, што е незначително зад поголемиот ГЛЕ со продадени 67.928 примероци, којшто воедно се произведува во Алабама.
Сопирачките „Уан Бокс“ пренесуваат исто чувство на педалата кога се сопира и кога погонот рекуперира
Меѓу техничките унапредувања во новиот ГЛЦ спаѓа инфо-забавниот систем од 4-та генерација МБУКС, со вештачка интелигенција од Мајкрософт и Гугл, сопирачки Уан Бокс што поседуваат исто чувство при сопирање и при регенерирање, потоа двонасочно полнење, интелигентна воздушна суспензија и Хајперскрин од 99 сантиметри што се протега долж целиот кокпит и најголем дисплеј е што Мерцедес-Бенц го има вградено досега.

ГЛЦ воведува хромирана маска со нов дизајн, којашто е повеќе исправена и за којашто Мерцедес-Бенц опишува дека „ја дефинира марката.“ Опција е анимирано светнување што се вклучува при полнење или при приближување кон возилото, со 943 осветлени точки во маската. Подрачјето околу трикраката сребрена ѕвезда исто така е осветлено.
Шемата со ѕвездата се пренесува и во задните светла на ГЛЦ, коишто исто така се придружуваат во анимацијата, заедно со избор на „аура“ звуци.
Мерцедес-Бенц нагласува дека дизајнот на новиот ГЛЦ е повеќе спортски и атлетски во споредба со тековната генерација, за што придонесуваат нагласените арки во крилата и истакнатите „раменици“, коишто оддаваат динамичност.
Подолго меѓуоскино растојание за повеќе простор во кабината; дополнителен простор под предната хауба
Меѓуоскиното растојание порасна за 80 милиметри и изнесува 2.972 милиметри. Патниците напред имаат 13 мм повеќе простор за нозе, а назад дури 47 милиметри, открива Мерцедес. Висината на просторот за глава напред е зголемена 46 милиметри, а назад за 17 милиметри. Стаклениот покрив по целата површина е стандард во новиот ГЛЦ.
Напред се наоѓа дополнителен багажник со простор од 128 литри; подот на багажникот се мести на две висини со разлика од 80 милиметри.

Во кокпитот пречекува инфо-забавниот систем од 4-та генерација на МБУКС. Како опција е достапен Хајперскрин што соединува три дисплеи зад единствена стаклена плоча. Мерцедес-Бенц опишува дека кокпитот ги освојува чувствата, со 11 емотивни мотиви, што комбинираат посебна заднина на дисплејот и соодветно амбиентално осветлување. Мотивите може да се менуваат, од смирено до интензивно, од топло до ладно, од техничко до емотивно.
Системот МБУКС располага со виртуелен асистент што користи ВИ, за да даде корисни одговори и последувателни прашања, без потреба да се повторува првото прашање.
Останатите одлики на новиот ГЛЦ:
- Интелигентна топлинска пумпа ја искористува топлината што зрачи од електричната погонска единица, од батеријата и од воздухот во средината
- Воздушна суспензија слична со системот во С-Класа и управувана задна оска, за повисок комфор и во исто време поголема динамичност.
- Меѓу останатите комфорни ставки спаѓаат новите седишта и „програма за велнес“ со посебно дизајнирани звуци, седишта со масажа и анимации на дисплеите.
- Мерцедес-Бенц вградува во ГЛЦ батерија од 94 кВч, што може да полни со моќност до 400 кВ, и во тој случај се полни енергија за преку 300 километри за 10 минути.
- Постојат 4 нивоа на регенеративно сопирање, со моќност на повраток на енергијата при забавување со 300 кВ во највисокиот степен.
- Највисоката брзина е 210 км/ч, додека спринтот до темпо сто трае 4,3 секунди.















