Рејнџ Ровер прави отмени забави во чест на специјалните модели

Во Рејнџ Ровер е традиција, специјалните модели да се покажуваат пред избран круг сегашни и идни сопственици: Асиломар покажува што сé може да изведе одделението Биспоук по желба на клиeнтите.

  • Рејнџ Ровер СВ Асиломар е врвот на ексклузивноста и покажува колку далеку може да досегне одделението Биспоук што работи посебни нарачки
  • Главната инспирација доаѓа од спектарот на сини бои во заливот Монтереј. Каросеријата е лакирана во две бои, достапни само во Биспоук, кожата во внатрешноста е во сина боја, во комбинација со ексклузивно платно од Квадрат во сива боја
  • Тркалата од 23 инчи се брусени дијамантски, во сјајно сива боја и со додатоци во боја на каросеријата; Седиштата имаат посебна опшивка, поставена е плочка со името Асиломар
  • Гостите на настанот на Рејнџ Ровер Хаус први имаа можност да искажат желба за купување на овој единствен примерок
  • Дел од средствата од продажбата на Рејнџ Ровер СВ Асиломар ќе бидат насочени кон локално здружение за заштита на морскиот свет и животната средина

Специјалниот примерок од Рејнџ Ровер СВ со име Асиломар е изработен само еднаш и беше покажан на ексклузивниот настан на Рејнџ Ровер во Калифорнија.

Во Рејнџ Ровер не се оди во салон, туку на забава. За време на Неделата на автомобилите во Монтереј, прочуениот собир на најскапи олдтајмери и ексклузивни нови автомобили во Пебл Бич, Калифорнија, Рејнџ Ровер го прикажа врвот што може да го постигне одделението за специјални нарачки. Оваа отмена забава на РР во најмена вила беше организирана во чест на Рејнџ Ровер СВ Асиломар.

Рејнџ Ровер ги покани своите ценети клиенти да присуствуваат на ексклузивен настан во посебно најмена вила на Пебл Бич, Калифорнија. Овој отмен собир беше организиран во чест на специјалниот модел Рејнџ Ровер СВ Асиломар, што е изработен во само еден примерок.

Асиломар е подрачјето долж крајбрежјето на заливот Монтереј и значи „прибежиште покрај море“

Тимот Биспоук, што е специјализиран за исполнување на желбите на клиентите на Рејнџ Ровер, за овој единствен РР црпеше инспирација од боите во заливот Монтереј. Природата тука се одликува со широк спектар на сини бои што се прелеваат по површината на морето. Овој калифорниски залив е прочуен и по природниот раскош што го прикажува животот во водата.

Каросеријата е лакирана во две бои, во две нијанси на сина, со темна боја за покривот и светла боја за долната половина од каросеријата. Во тркалата од 23 инчи се вметнати додатоци во иста боја со покривот.

Во кабината владејат полни тонови на сина, со седишта изработени од кожа во морски сина боја и ексклузивно платно од специјалистот Кватро во сива боја. Во дел од седиштата се опшиени надолжни риги, како во скап костум. Патосниците секако дека се во сина боја, со кедар во боја на шампањ.

Ексклузивниот Асиломар е во изведбата со продолжено меѓуоскино растојание, за уште поголема комоција за патниците назад. Просторот е опремен со сите луксузи, вклучувајќи соборливи седишта и електрично задвижувана маса, обложена со фурнир. Тоа се само дел од функциите во СВ Сигначур Суит.

Познавачите на РР ќе забележат и дека натписот на марката напред е лакиран во боја на покривот и обрабен е со хром, додека натписот назад е во боја на каросеријата и исто така врви хром околу него.

Моторот е Ве-8 со зафатнина од 4,4 литри и моќност од 615 КС.

Сопственикот/та на Асиломар ќе добие и посета на ексклузивниот клуб на производителот на голф опрема Тајтлист, за две лица, или во Оушнсајт/Калифорнија или во Акушне/Масачусетс. Присутните на настанот, пак, добија комплет опрема за голф со посвета

Претходна објаваКои се автомобилските новитети на салонот ИАА во Минхен
Следна објаваНовиот Мерцедес ГЛЦ прво во електрична изведба, како одговор на предизвикот од БМВ и-Икс-3

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here