Колку ѝ значи Ауди А6 на македонската автомобилска сцена, се забележува уште на улица. Во увозниот бран на користени луксузни возила, што патем трае деценија и пол, долгата лимузина од Инголштат честопати е гледана како прв избор. Таа долга моделска серија на Ауди во меѓувреме ја достигна својата деветта генерација и првите возила веќе се пристигнати во Порше Македонија.
Малку недостигаше за новата генерација на лимузината и комбито од вишата класа на Ауди да го изгубат „името“. Инголштат едно време имаше намера да ги одвои моделските серии со традиционален погон од новите моделски серии со чисто електричен погон. Првиве ќе добиеја непарна бројка во ознаката, односно А4 ќе станеше А5, додека А6 ќе прераснеше во А7. Соодветно, А6 и А4 ќе беа ознаки за електричните модели, со парни броеви. Планот се смени, ете го Ауди А6 како Ауди А6.
Марката со четирите прстени прво го пушти комбито Авант. На бројни пазари, тоа е попродаваната изведба на Ауди А6. Кај нас, купувачите сепак се решаваат повеќе за лимузинската изведба.
Првиот изложен примерок од Ц9 во салонот на Порше Македонија, од 9-та генерација на моделот што до 1994 година ја носеше ознаката Ауди 100, го прикажува новиот Ауди А6 во полно светло, и тоа буквално. Изложениот примерок со цената доаѓа блиску до 100.000 евра, но затоа поседува преку половина од опциите што се достапни за моделот.
Иако Баварците (не се само БМВ) уште се резервирани околу драстично менување на стилот, под каросеријата работи сосем нова платформа ППЦ, од Премиум Платформ Комбашчн, којашто е наменета за модели со мотори со внатрешно согирување. Истата платформа ја користат и новите генерации на Ку-5 и А5.
Постои и целосно електрична изведба, којашто исто така се води под ознаката А6, меѓутоа додавката е-трон укажува дека станува збор за сосем различен модел. Додека А6 со класичен и хибриден погон ја користи платформата ППЦ, тука работи платформа ППЕ (Премиум Платформ Електрик), а тоа е истата техника што ја поседува електричниот Порше Макан.
Хибридите на Ауди А6 возат преку 100 километри и плус се ослободени од 50% од акцизата
Понудата од погонски единици ја сочинуваат три изведби со мотор со внатрешно согорување и две изведби со приклучен хибриден погон. Основната хибридна изведба е-хибрид располага со системска моќност од 299 КС, додека посилната изведба доаѓа до 367 КС. Посебност на хибридите е тоа што постигнуваат електричен досег од преку 100 километри.
Основниот бензинец е дволитарски со 204 КС и погон напред, по него следи трилитарски Ве-6 со 367 КС и погон кватро. Дизелот исто така располага со 204 КС и се нуди во изведба со преден или кватро-погон. Подоцна ќе следи трилитарски дизел со 367 КС и погон кварто, изведен како благ хибрид. В година се очекуваат и спортските С 6 и РС 6, веројатно со масивна елеткрификација заради ЦО2-надзорот на ЕУ.
Светлата се вистинско шоу
Промените во изгледот кај новиот А6 се сведуваат на предните и задните светла, и секако на маската. Веднаш се забележува колку е снижен носот и колку маската го презема вниманието. Место спојлери и агресивен изглед како за на трка, тука владее отменост.
Не може да се превиди присуството на матричните диодни светла, чијашто различна структура се препознава веднаш. Задните светла исто така користат напредна ОЛЕД технологија, којашто меѓу другото дозволува многу поплитки светла, но и многу појасни и поизедначени светлечки елементи. Вкупно 450 светлечки диоди содржи целата светлечка лента назад.
Задните светла ја менуваат шемата кога ќе се приближи човек или возило
Секвенцијалните трепкачи одамна станаа неизоставен дел од моделите на Ауди, тоа што го нуди А6 е уште едно скалило погоре. Преку средишниот дисплеј може да се избира меѓу седум различни графики на предните и задните светла. Уште една посебност е тоа што задните светла се засилуваат и ја менуваат графиката, кога возило или човек ќе се приближи до опашот на Шестката.
Аеродинамичноста е голема тема кај Ц9, што се докажува и со коефициентот 0,23. Дел од зафатите што служат за таа цел се воочуваат странично во предниот браник, тоа се т.н. воздушни завеси, коишто го насочуваат воздухот да ги избегне тркалата, односно поткрилата.
Обично се гледаат прво носот и опашот, тука плени страничната силуета
Страничната силуета ќе им го наполни срцето на љубителите на лимузини. Хаубата почнува ниско и мошне е долга, а следното што го фаќа погледот се триаголните задни прозорци, што се одлика на секој Ауди од оваа класа. Рачките на вратите се впуштени и мошне длабоки, а реагираат на допир.
Концептот на внатрешноста е познат од А5 и Ку-5, и секако од А6 е-трон, каде што главниот збор го има ММИ-инфозабавниот систем. Опција е дисплеј од 10,9 инчи пред совозачот, со информации за возењето, со пристап до навигација и уште бројни функции, што во возење се видливи само од совозакото седиште.
Впечатокот од материјалите е стандардно „Ауди“, изработката исто така. Тоа што се чувствува уште во салон се комфорните и мајсторски контурирани седишта, како напред, така и назад.
Заоблениот дисплеј не импресионира само со големината – се состии од два екрани од 11,9 и 14,5 инчи – туку и со јасноста на приказот и со графиката. Се забележува и дека дисплеите се поставени многу повисоко отколку во Ку8, речиси во иста линија со прозорците, со што погледот може полесно да ги следи и патот и инструментите.
Меѓу ставките од дополнителната опрема посебно се издвојува пакетот Тех, во третиот и најбогат обем на истиот, што се води како Тек Про и меѓу другото поседува:
- Матрични диодни светла
- Миење на предните светла
- Надворешни ретровизори самозатемнувачки, со проекциски светло
- 4-зонска автоматска клима
- Камери за просторот околу целото возило
- ММИ дисплеј пред совозач
- Приспособлив темпомат и систем за следење лента
- Про-активна заштита на патници, напред, странично, назад
- Дигитални ОЛЕД задни светла
- Греење на предни и задни седишта
- Греење на волан
- Електрично местење на волан
- Електромотори за помош при отворање на вратите
- Спортски диференцијал (кај кватро)
Според германскиот ценовник, овој пакет чини 6.720 евра.
Останати пакети што се достапни за Ауди А6 се С Лајн за надворешност, ММИ Експериенс Про со проекциски дисплеј и аудио систем Банг и Олуфсен, гласовен читач на е-пошта, понатаму тркала од 21 инчи со гуми 255/35, седишта во комбинација кожа-вештачка кожа, волан зарамнет горе и долу, тајмер за греење и ладење, пакет за чист воздух во кабина за честички под 2,5 микрометри и јонизација, панорамски покрив со променлива провидност, па сé до комфорни потпирачи за глава напред.















