
Моделот со службена ознака Класик Дефендер Ве8 Черчил Едишн е изработен во чест на УКЕ 80, на Ланд Роверот од првата генерација од 1954 година, што своевремено беше во сопственост на британскиот премиер Сер Винстон Черчил.
Само десет примероци од Дефендер Класик ќе бидат лакирани во бронзено зелена боја, со челични тркала во истиот стил, поцинкувани детали и со скапоцена полуанилинска кожа што е производ на Бриџ оф Вир и во боја е на Ботл Грин, и по тоа ќе биде лесно препознатливо дека станува за Черчил Едишн на еден од најславните британски модели, изработени во чест на славниот британски политичар.
Овие ексклузивни возила се изработуваат рачно и од нула, понудени во изведба 90 или 110 Стејшн Вагон, или 90 Софт Топ. Моторот е 5,0-литарски В8, бензинец со 405 КС, во комбинација со 8-степен автоматски менувач од ЗФ.
Идејата потекна од швајцарската компанија Емил Фреј, еден од најголемите дистрибутери на возила во европски размери и партнери на Класик Ланд Ровер, коишто го поседуваат оригиналниот УКЕ 80 на Сер Винтон Черчил.
Бојата на каросеријата се повторува и во челичните тркала од 16 инчи, но и во внатрешноста, во детали во средишната конзола. Предниот браник е поцинкуван, класичната маска има метална решетка. Детали со натпис УКЕ 80 се наоѓаат на предните крила, а во истиот стил се амблемите назад и нелакираните рабови на каросеријата, што се поцинкувани.
Таванот и украсните лајсни се обложени со виндзор кожа во црна боја. Арматурната табла ја краси ексклузивен часовник со син бројченик и црвени стрелки, по инспорација од Пол Роџер, омилената марка шампањ на Сер Винстон Черчил.
Оригиналниот УКЕ 80 беше преработка на стандарниот модел, затоа што главно служеше за премиерот да биде возен на совозачкото седиште. Место стандардното беше поставено пошироко седиште со потпирач за рака, вклучувајќи грејачи во просторот за нозе и држач обложен со кожа. Возилото остана во сопственост на семејството до 2013 година, кога беше купено од Емил Фреј. По скапото реновирање, историскиот примерок беше предаден во музејот на Емил Фреј во Зафенфил, Швајцарија.
Како основа за преработките во Класик Ланд Ровер се користат примероци од Дефендер произведени од 2012 до 2016 година. Потоа следи највнимателна обработка што трае стотици часови.
Подвозјето е унапредено значително, со пружини по посебна нарачка од Ајбах и амортизери Билштајн, сменети стабилизатори, нов управувачки преносник и сопирачки од Алкон.
Не отстустува и современ систем за инфо-забава, со навигација, дигитално радио и блутут.
Цените почнуваат од 230.000 фунти.















