Киа Стоник: Моделско освежување за тивкиот шампион

Кросоверот на Киа го доби новиот стил на марката, што започна со електричниот бран модели и се пренесе на Соренто и Спортаж. Сега е ред на Стоник, а најважното е тоа што погонот остана класичен.

Многу повеќе од обичен фејслифт, промените во изгледот на Киа Стоник се само најава за целосно сменетата внатрешност

Киа Стоник доаѓа во новото моделско годиште со сменет изглед, облагодорена внатрешност и нови онлајн-функции. Од македонската Киа го потврдија пристигањето на новото моделско годиште во следното тромесечје, моторот 1,0 Т-ГДи доаѓа во комбинација со мануелен или автоматски менувач со двојна спојка.

Кај Киа се чини дека два модели се главни и го преземаат целото шоу на корејската марка: Спортаж, светскиот (и македонски) бестселер на Киа со генерации наназад, и Сид. Меѓутоа, распоредот на силите на моделите на европскиот автомобилски пазар е многу поширок, односно сите модели грабат силно, секој во својот сегмент.

Податоците за продажбата во првото полугодие, од аналитичарската куќа Јато, го потврдуваат Спортаж како бестселер, со 74.370 продадени примероци на европскиот пазар. По него е Сид со 36.058 примероци и раст од 9%, следи електричниот пулен ЕВ3 со 35.027, па малиот силен Пиканто со 34.647 примероци и раст од 10 проценти. Стоник ја заокружува навалната петорка на Киа, со 30.049 продадени примероци на европскиот пазар во првото полугодие.

Вакво рамномерно распоредување на силите на моделите во понудата можат само да посакаат повеќето соперници. Тоа меѓу другото покажува дека луѓето веруваат во оваа марка, односно секаде каде што стои знакот на Киа, има Киа внатре. Сите модели на марката користат од имиџот на Спортаж и Сид.

Стоник нема промени во механиката, единствено ќе отсуствува 4-цилиндарскиот атмосферец, поради тоа што ЕУ притиска за просекот од емисијата на ЦО2 да биде под 95 грами на ниво на цела марка и целата бранша се приспособи соодветно. Место со два мотори, новиот Стоник ќе биде достапен со еден мотор, во две варијанти: Едната е класичен 1,0 Т-ГДи со турбонатполнење, втората е комбинација со електромотор, односно 48-волтен благ хибриден погон.

Според првичните најави од македонската Киа, Стоник на нашиот пазар ќе се нуди во класичната изведба, со избор на 6-степен мануелен или 7-степен автоматски менувач со двојна спојка.

Претседателот и извршен директор на корпорацијата Киа, Хо Сунг Сонг, за новиот Стоник вели дека „демонстрира како Киа продолжува да ги користи придобивките од усовршениот дизајн и напредната технологија во главната пазарна струја“. Тоа што шефот понатаму го гледа како главна предност на новото моделско годиште се „дисплеи што се водечки во класата, паметно поврзување и сеопфатни системи за безбедност, со сменет дизајн и практичност“, со коишто Стоник ги подигнува стандардите за компактните кросовери во светски размери, наведува Сонг во соопштението.

Димензиите остануваат, багажникот и натаму нуди повеќе од пристојни 352 литри за класата, просторноста сепак е меѓу главните доблести на овој автомобил.

Промените во изгледот се во согласност со дизајнерскиот пристап на Киа што се води како „спротивностите обединети“, со намера да се постигне рамнотежа меѓу природните форми и тоа што го создава технологијата. Стилот е истиот со ЕВ6 и ЕВ9, како и со фејслифтите на Соренто и Спортаж.

Светлата ја следат „ѕвездената шема“ на Киа, со една надолжна линија и една линија што продолжува право надолу. Маската повеќе не постои во класична форма, туку е заменета со тесен жлеб што ги повторува линиите на „тигровскиот нос“, уште едно обележје на дизајнот на марката. Поголем нагласок е ставен на широкиот отвор за воздух долу во браникот, којшто изгледа скапо обрабен и создава осумаголна форма, заедно со графичкиот елемент горе, во стилот на ЕВ3. Тоа е значајна промена и му дава свежина на Стоник за втората половина од моделскиот век.

Истите потези се повторуваат во опашот, вклучувајќи и целосно сменета форма на вратата на багажникот. Сосем вообичаено, сменет е дизајнот на тркалата, со опција за алу-тркала од 16 или 17 инчи, и посебен дизајн за ГТ-Лајн. Има и две нови бои, авантуристичка зелена и јахта сина.

Внатрешност како од повисока класа

Киа ветува внатрешност со „премиум одлики, што обично се резервирани за возила од повисокиот сегмент“. Јасно е дека тоа се однесува на заоблениот дисплеј во стилот на Спортаж и Соренто, што се протега по целата ширина до совозачкото седиште. Овој панорамски дисплеј се состои од два екрани од по 12,3 инчи.

Уште една новина за Стоник, а позната од Спортаж, се двојните функции на сензорската површина под дисплејот, што со едно посегнување се префрлува од контрола на климата, во контрола на музиката и навигацијата.

Основното ниво и ГТ-Лајн добиваат волани со нов дизајн, рачка на менувач со сменета форма, целосно сменета арматурна табла и нова средишна конзола со копче за старт, прекинувачи за греење на седиштата и на воланот, два различни УСБ-приклучоци и преграда, вклучувајќи функција на безжичен полнач. Новина претставува и амбиенталното осветлување.

Конективност за дигиталната генерација

Новиот Стоник располага со Киа Конект за поврзување со телефон, со услуги базирани на податочен облак, со далечинско отчитување информации за возилото преку апликацијата на Киа. Новина претставува и дигиталниот клуч, што овозможува отклучување и стартување на возилото преку мобилен телефон или паметен часовник. Тоа исто така е реткост во класата на Стоник.

Примерна безбедност

Бројни системи за асистенција беа присутни уште пред фејслифтот и сега се дополнети со нови или унапредени функции. Тоа вклучува предупредување за возило во мртов агол, предупредување кога при отворање врата наидува возило, велосипедист или пешак, понатаму темпомат што е поврзан со навигацијата и соодветно забавува во свијоци, радарски темпомат и сисем за следење лента.

Киа Стоник летово беше хероина на патешествието долго 800 километри низ цела Македонија, на мисија да докаже дали тоа е најдобриот избор во ценовната класа до 20.000 евра. За очекување е дека новиот модел со сите унапредувања ќе биде поскап од досегашниот модел, меѓутоа изненадувањата не се исклучени.

Претходна објаваАуди планира да ја качи продажбата на 2 милиони возила
Следна објаваЕлектричен Мерцедес-АМГ осум дена без престан по тркачка патека, мина над 40.000 километри

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here