Кампањата на кинeската влада за запирање на беспоштедната војна со спуштање на цените на електричните автомобили, се чини дека е без ефект. Дваесетте најголеми автомобилски марки во јули или ги задржаа големите попусти, или ги покачија или само незначително ги смалија.
Додека производителите уште се борат со неискористените капацитети и со опаѓање на купувачкиот дух, седум марки ги зголемија попустите, и покрај јунскиот повик на Пекинг да се спречи ценовната војна, што некои производители нема да ја преживеат. Во целина, попустите во минатиот месец останаа повисоки отколку пред една година.
Слабиот одговор на повикот на владата да се спречи ценовната војна, што е најжестока кај електричните авотмобили, покажува дека нема да биде толку едноставно да се контролира однесувањето на пазарот на којшто владее најостра конкуренција.
Докажаните производители, како Би Уај Ди или Тесла, се соочуваат со ненадејниот подем на новодојденците од светот на високата технологија, каков што е Шаоми. Останатите производители, на пример Нио и Шаопенг, засилено пуштаат нови модели со намера да освојат поголем дел од пазарот.
Кај Би Уај Ди, производител со најголема продажба во земјата, за чијшто огромни попусти Пекинг реагираше во мај, разликата е незначителна. Просечниот попуст, во минатиот месец се смали само на 7,5 проценти, додека во јуни просекот изнесуваше 7,9 проценти.
Аналитичарка на Блумберг Интелиџенс, Џоана Чен, во почетокот на месецов објави дека „ќе биде тешко да се регулираат продажните цени.“ Чен додава, „производителите веројатно нема да ги прикажуваат попустите директно, но постојат други начини за промовирање.“
Во Би Уај Ди, просечната цена на продадено возило во јули продолжи да опаѓа и дојде до 114.760 јуани, што одговара на околу 14.000 евра, наспроти претходните 116.200 јуани. Тоа може да биде и показател дека купувачите посегат по поевтините модели.
Џили следи сличен тренд, со просечна продажна цена спуштена на 104.300 јуани (околу 12.500 евра) во јули, од 105.700 јуани во претходниот месец.
Би Уај Ди на 29-ти август треба да го објави извештајот за добивката во првото полугодие. Аналитичарите ќе можат да заклучат од извештајот, како директивата од Пекинг за прекинување на ценовната војна влијаела врз финансиите и врз продажбата на возила. Тие исто така ќе проценат и дали светскиот број 1 во електрични возила ќе ја исполни целта да продаде 5,5 милиони возила во 2025 година. Во првите седум месеци, продажбата достигна 2,49 милиони.
Видеото од тестот на Ситроен Ц3 Еркрос во Аутомедиа
Странските производители во Кина се чини дека повеќе го почитуваат повикот на Пекинг
Просечната продажна цена на европските луксузни марки Мерцедес-Бенц, БМВ и Ауди, во јули порасна кај сите. Тоа може од друга страна да биде и резултат од налогот на владата, за банките да запрат со партнерства при давањето автомобилски кредити, преку коишто дилерите добиваа големи погодности. Повеќето дилери на скапоцени возила ги искористија погодностите и на тој начин купувачите на крајот добија попусти, што уште повеќе ја вжешти ценовната војна.
Домашниот производител Липмотор, неодамна излезе со став, дека иако владината кампања е корисна за индустријата, таа нема да влијае врз формирањето на цените.
„Во поглед на нашата стратегија, ништо не се менува, затоа што ние им продаваме производи со одлични својства и со исклучителна противвредност на нашите целни потрошувачи,“ изјави потпретседателот на Липмотор, Мајкл Ву, во интервју за Блумберг ТВ. „Ние ќе продолжиме да ги спуштаме трошоците користејќи го тоа што го умееме најдобро, а тоа е вертикално интегрираниот бизнис модел.“
Претседателот на Шаопенг, Брајан Гу, кажа дека повикот на Пекинг повеќе е насочен кон големоволуменските производители. „Тоа не го смалува напорите на владата за охрабрување на долгорочното иновирање, што е насочено кон квалитет и создавање подобар екосистем,“ кажа Гу.
Ли Јанвеи, советник на кинеското здружение на автомобилски дилери, кажа дека Пекинг мора да оди на долга игра и дека секаков потег во насока на ограничување на конкурирањето со цените бара многу време.
„Цените во динина нема да продолжат да паѓаат,“ кажа Ли, „но исто така ќе биде и многу тешко за тие да се качат.“
















