Опел ја најавува идната Корса преку електричен концепт со 800 КС за салонот ИАА

Опел Корса ГСЕ Вижн Гран Туризмо е концептен автомобил врз платформата СТЛА Смол, што дава предимство на електричен погон, но овозможува и изведби со бензинец.

  • Опел преку концептот порачува дека е „верен на сегментот на малечките автомобили“
  • Детал од дизајнот на следната Корса е истанчената маска Визор, со осветлено лого на Опел
  • Производителите сé почесто се повикуваат на своите спортски модели од минатото, со намера да го насочат вниманието кон електричните автомобили и воедно да создадат имиџ-модели што носат поголема заработка
  • Корса ГСЕ Вижн Гран Туризмо поседува батерија од 82 кВч, за разлика од тековната Корса Електрик со батерија од 51 кВч

Опел ја најавува следната генерација на Корса преку концепт во стил на тркачки автомобил со моќност од 800 КС.

Концептот со име Корса ГСЕ Вижн Гран Туризмо ќе се појави првпат на салонот ИАА во Минхен во следниот месец. Наесен ќе биде достапна и верзија за видео-игри, за Гран Туризмо 7.

Опел уште во почетокот на месецов го најави новиот автомобил преку слика од внатрешноста.

Концептот на идната Корса е долг 4,19 метри и ја користи платформата СТЛА на концернот Стелантис. Тоа е воедно платформа што ја користат Ситроен Ц3 и Ц3 Еркрос, како и Фиат Гранде Панда. Наскоро следат уште неколку модели врз оваа платформа на концернот на Фиат и Пежо, што дозволува мошне конкурентни цени.

СТЛА Смол првенствено е платформа што е развиена за батериски електрични возила, меѓутоа без проблем вдомува и мотор со внатрешно согорување. Истото е случај и со платформата ЦМП што ја користи тековната генерација на Опел Корса.

Корса ГСЕ Вижн Гран Туризмо поседува батерија од 82 кВч, што е значително повеќе од батеријата од 51 кВч во тековната Корса Електрик. Стелантис соопшти дека платформата СТЛА Смол ќе нуди досег до најмногу 500 километри.

Тековната Опел Корса е од шестата генерација и почна со продажба во 2020 година, вклучувајќи моделско освежување во 2024 година.

Опел напоменува дека со овој концепт ја потврдува својата „посветеност на сегментот на малечките автомобили.“

Стелантис веќе потврди дека моделите врз платформата СТЛА Смол ќе ги произведува во својата фабрика во Сарагоса, Шпанија. Таму во моментов се произведува Корса, заедно со Пежо 208 и Ланчиа Ипсилон. Не се наведува датумот кога ќе почне производството на новите модели.

Широката каросерија и задниот дуфузор се елементи од тркачки автомобил

Видоизменетата маска Визор кај концептот, што е обележје на целата гама на Опел, веројатно ќе биде задржана кај сериската Корса од следната генерација. Маската е потенка, без преод кон светлата и во средина го прикажува осветленото лого на Опел.

Вниманието повеќе го привлекуваат раширената каросерија и внатрешноста, како наверстување дека Опел има намера да ја прошири својата понуда од спортски модели ГСЕ. Извршниот директор Флориан Хутл вели дека концептот „ја пренесува подмарката ГСЕ на ново рамниште“.

Производителите на автомобили сé почесто се свртуваат кон своите спортски модели од минатото, со намера да го насочат вниманието кон електричните возила и да создадат модели коишто носат повисока добивка. Таков пример е Пежо, со најавата за враќање на моделите ГТИ, преку концептот на база на електричниот 208, а Рено дури има и таков модел што веќе е во продажба – Алпин А290, како изведба што става силен спортски нагласок, врз база на Рено 5.

Опел уште во јули најави дека ќе ги врати моделите ГСЕ во својата понуда, со Мока ГСЕ со 280 КС, којашто ќе биде присутна во редовната понуда на бараниот СУВ на марката.

Опел во соопштението наведе дека концептот на Корса дава „увид во идните генерации на спортски модели ГСЕ.“

Концептот вообичаено претерува со перформансите, со тврдењето на Опел дека спринтот до темпо сто теоретски би траел 2,0 секунди. Тоа ќе биде заслуга на два електромотори со моќност од 800 КС. Истата вредност важи и за вртежниот момент, крајната брзина е 320 километри на час.

Внатрешноста на концептната Корса. Кокпитот е со заднинско осветлување и има дополнителна функција како површина за прикажување на предупредувањата за возачот

Погон на сите тркала и активна аеродинамика за тркачки перформанси

Постојаниот погон на сите тркала се грижи за врвна тракција, додека активната аеродинамика, вклучувајќи го огромниот дифузор назад и широкиот преден спојлер произведуваат потисок за тркачката Корса да се прилепи за асвалтот.

Комбинацијата жолта-бела-црна е по углед на Опел Манта ГСе ЕлектроМОД од 2021 година, како електрична верзија на култната Манта од 1970-те години.

Претходна објаваЈапонските производители на автомобили ќе загубат 18 милијарди евра со царините на Трамп
Следна објаваСитроен Ц3 Еркрос · Тест · Уште еден голем Ситроен

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here