СУВ-моделите од средната и вишата класа на големоволуменските производители имаа најголем раст во продажбата во првото полугодие. За засилената продажба се заслужни првенствено моделите со приклучен хибриден погон и новите модели од кинеските производители.
Сегментот на овие модели порасна за 19 проценти во првото полугодие во Европа, со продадени 466.834 возила. Тоа е спротивно од негативниот тренд на целиот европски пазар во изминатиов период, кога вкупната продажба на возила во регионот опадна за 1,1 процент во споредба со лани.
Големите СУВ модели од народските марки, што се подолги од 4,6 метри, обично постигнуваат послаба продажба, во споредба со помалите и поштедливи возила, за коишто европските купувачи се решаваат повеќе. Меѓутоа, преоѓањето на електричен и хибриден погон, заедно со масивните попусти и поевтините нови модели од кинеските марки, убедија повеќе купувачи годинава да се решат за поголем автомобил.
Сегментот и натаму го предводи Тесла Ипсилон со 68.206 возила, иако продажбата на овој модел годинава е опадната за 32 проценти во споредба со лани. Повпечатлив е пробивот на Би Уај Ди Сил Ју со приклучен хибриден погон, што се најде на 4-то место, со продадени 32.645 возила.
Со цена од 33.315 фунти во Обединетото Кралство, каде што е најголемиот пазар за моделот во првите шест месеци, Сил Ју оди близу 7.000 фунти под цената на новиот Фолксваген Тајрон со бензински мотор.
Големата побарувачка за Сил Ју и за изведбите на Шкода Кодиак, Тојота РАВ4 и Мазда Ц Икс 60 со приклучен хибриден погон, донесе раст од 241 проценти во вкупната продажба на модели со овој вид погон. Со тоа, пазарниот удел се зголеми на 19 проценти.
Приклучните хибриди ги престигнаа обичните хибриди, бензинците и дизелите, и се втор најпродаван вид на погон, по батериските електрични возила во овој сегмент. На БЕВ-моделите им припаѓаат 44 проценти од пазарот на СУВ од средна и виша класа.

Продажбата на електрични автомобили порасна 7,9 проценти. За опаднатата продажба на Тесла, надоместија освежената Шкода Ениак и Тојота би-Зи-4-Крос, како и новодојденците Купра Таваскан и Форд Капри.
Кинеските марки освоија 12 проценти од сегментот, што е двапати повеќе од уделот што тие го држат на целиот европски пазар.
Предводник е Би Уај Ди, со моделите Сил Ју и Силајон 7 БЕВ, што сочинуваат преку половина од вкупната продажба од близу 57.000 кинески возила во овој сегмент.
Следи Шаопенг со продадени 8.055 примероци од електричните модели Г6 и Г9.
Овој сегмент им е интересен на кинеските производители затоа што е мошне популарен на пазарот во Кина. Тоа им дозволува на кинеските марки да оформат побогата понуда од модели, отколку во сегментите на помалите возила.
Меѓу останатите кинески модели што се пробија позабележливо во сегментот во првото полугодие се Липмотор Ц10, Смарт број 5 и Зикр 0 7 Икс.
Чери веќе има силно присуство во сегментот на компактните СУВ со своите марки Џејку и Омода, а сега се пробива и меѓу СУВ-моделите од средна класа. Омода 9 ПХЕВ, со батерија од 34 кВч и досег до 145 км на струја, прв е од овој сегмент. По него следи Омода 7.
Чери Тиго 8, достапен со бензински и ПХЕВ-погон, исто така се пробива на европскиот пазар. Тиго 8 ПХЕВ со цената му парира на Сил Ју.
Кинеските марки се соочуваат со високите царини на ЕУ за електрични модели од Кина, што ги наведе да се префрлат на ПХЕВ и воедно да им дозволат на традиционалните марки во меѓувреме да ја прошират својата понуда од електрични модели.
Во следната пролет доаѓа електричната Тојота би-Зи-4-Крос Туринг, со багажник зголемен на 600 литри, за третина повеќе од класичниот модел.
Електричниот седумсед на Шкода, што беше најавен со Вижн 7С, исто така доаѓа в година, како електро-алтернатива за 2-от најпродаван модел во сегментот, за Шкода Кодиак. Се спомнува батерија од 89 кВч и досег од 600 километри.
Продажбата на хибриди во овој сегмент опадна 13 проценти, главно поради ослабнатата побарувачка за Тојота РАВ4, којашто имаше пад од 36 проценти. Затоа, пак, надомести Рено Рафал со хибриден погон, што постигна зголемена продажба и го ублажи падот во сегментот од РАВ4.
















