Добивката на Тесла во второто тромесечје се намалила за 16 проценти во споредба со истиот период лани, на 1,2 милијарда долари, како последица од падот во продажбата и сé поголемите попусти за поттик на продажбата на застарените модели.
Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, при објавувањето на деловните резултати на 23-ти јули, соопшти дека достапниот модел што веќе долго време доцни, ќе биде лансиран во последниот квартал, и во основа се работи за поевтина изведба на кросоверот Модел Ипсилон. Маск не наведе детали, како околу цената, така и околу техничките податоци.
„Желбата да се купи автомобилот е мошне голема,“ кажа Маск. „Единствено луѓето немаат доволно пари во својата банка за да го купат. Тоа е единствениот проблем. Не се работи за отсуство на желба, туку за недостапност. Поради тоа, колку автомобилот ќе биде поевтин, толку подобро.“
Модел Ипсилон во САД почнува од 46.630 долари, вклучувајќи транспорт, но без даночното повластување во висина до 7.500 долари.
Прометот на Тесла во вториот квартал падна 12 проценти, на 22,5 милијарди долари, соопшти производителот. Прометот од автомобилскиот сектор забележи пад од 15 проценти, на 15,8 милијарди долари. Од продажба на кредити за емисија на ЦО2 на други производители на автомобили бил остварен промет од 439 милиони долари, што е половина во споредба со лани.
Вредноста на акциите на Тесла изгуби 5 проценти при продолженото тргување на берзата на 23-ти јули.
По укинувањето на даночното ослободување за електрични автомобили на 30-ти септември, Тесла може да се соочи со уште неколку тешки квартали. Се очекува натамошен пад во продажбата, а потребно е и време додека се материјализира свежиот промет од штотуку стартуваниот бизнис со роботакси, кажа Маск.
„Се наоѓаме во овој чуден период на транзиција, кога ќе изгубиме многу од субвенциите во САД … и уште сме во релативно рана фаза со автономното возење,“ кажа Маск. „Веројатно ќе имаме уште неколку тешки квартали. Не велам дека тоа ќе се случи, но е можно.“
Иако во моментов е мал обемот на проектот на Тесла со роботаксито во Остин, Тексас, Маск најави можност дека бизнисот со нарачка на превоз ќе се прошири во повеќе сојузни држави и до завршетокот на годинава ќе биде достапен за половина од населението на САД. Се чека одобрение од властите.
Неговите предвидувања за автономното возење во изминативе десет години не се исполнија.
Светската испорака на возилата на Тесла во второто тромесечје опадна за 13 проценти, на 384.122 возила. Ист пад од 13 проценти имаше и во првиот квартал, кога беа испорачани 336.681 возила.
Покрај осиромашената изведба на Модел Ипсилон што ќе се појави годинава, Тесла најави дека в година ќе следат уште две нови возила: Влекачот Семи и наменскиот модел за роботакси Сајберкаб.
Тесла се соочува со жестока конкуренција од производителите на автомобили на големите пазари, вклучувајќи ги САД, Европа и Кина.
Купувачите се откажуваат од лидерот во електричните возила поради застарената понуда од модели и екстремните десничарски коментари што Маск ги објави на својата друштвена мрежа Икс, ценат аналитичарите.
Тесла не ја објавува продажбата одделно по земји. Кокс Аутомотив проценуваат дека во САД во второто тромесечје биле испорачани 130.168 возила, што е пад од 21 проценти во споредба со 2024 година.
Компанијата објави дека во второто тромесечје произвела 410.244 возила, што е практично исто со 410.831 возила лани. Тесла произведува во Калифорнија, Тексас, Германија и Кина.
Тесла го насочува својот бизнис кон автономните возила, по лансирањето на пилот-проектот со роботакси на 22-ри јуни во Остин. Маск најави дека компанијата во видно време планира да ја понуди услугата во Калифорнија, Тексас и други сојузни држави.
Аналитичари на Вол Стрит, коишто имаат позитивни гледишта за Тесла, се согласуваат со Маск дека роботаксито и софтверот за автономно возење може да донесат поголем промет и добивка отколку продажбата на возила. Маск очекува Тесла да постигне позначајан добивка од роботаксито кон завшетокот на 2026 година.
















