
Програмата за субвенционирање е одговор на барањата на производителите да се даде поттик на продажбата, затоа што тие секоја година мора да ја зголемуваат продажбата на електрични автомобили, за да ги исполнат целите за намалување на емисијата на штетни материи. Во спротивно, производителите ќе мора да плаќаат високи казни.
„Овој грант за ЕВ не само што ќе им дозволи на луѓето да ги сочуваат своите мачно спечалени пари – туку ќе помогне и нашиот автомобилски сектор да искористи една од најголемите шанси на 21-от век,“ изјави секретарката за транспорт Хајди Александер.
Владата ќе потроши 650 милиони фунти на програмата, којашто почнува на 15-ти јули. Во моментов се нудат повеќе од 30 модели со цена до 37.000 фунти.
Како дел од пошироката цел за постигнување нулта емисија на стакленички гасови до 2050 година, Британија има намера да ја запре продажбата на нови автомобили со бензински и дизел мотор во 2030 година.
Во изминатите месеци, продажбата на ЕВ во Обединетото Кралство забрза со помош на попустите што ги дадоа производителите, коишто мораат да ги почитуваат целите за нулта емисија на владата. Продажбата сепак заостанува зад зацртаната динамика. Тоа не е случај само во ОК, туку и на други пазари во Европа. Тоа што е најголема пречка за купувачите се високите цени.
Британија во 2022 година ја запре тогашната шема за ценовна помош при купување ЕВ, затоа што конзервативната влада во тоа време ги насочи финансиите кон ширење на мрежа од јавни станици за полнење.
Повеќе европски држави, меѓу кои секако Норвешка, којашто има најголем удел на електрични автомобили во Европа, исто како Франција и Германија, нудат субвенции за купувачите на ЕВ, во вид на попусти и ослободување од данок.
Британската влада во април им ги спушти таргетите за продажба на ЕВ на производителите на автомобили, за да ѝ помогне на браншата што се соочи со новите царини во САД, коишто се втор најголем пазар по ЕУ.
Субвенциите за ЕВ во Обединетото Кралство ќе важат до 2028/29
Џини Бакли, директорка на вебсајтот Елетрифѕинг.цом, кажа дека секој втор електричен модел ќе поевтини благодарение на „долгорочните“ субвенции.
Владата јави дека до 2028/29 година е обезбеден фонд во висина од 650 милиони фунти за субвенционирање на продажбата на електрични автомобили.
Тестот на најдостапниот електричен автомобил во Македонија
За споредба, производителите на автомобили потрошија 6,5 милијарди фунти на попусти на ЕВ, откако владата во почетокот на 2024 година ги воведе таргетите за продажба на ЕВ, изјави пред новинарите Мајк Хејвс, директор на британското здружение на производители на автомобили СММТ.
Хејвс го поздрави новиот грант, велејќи дека тоа е „јасен сигнал“ дека е време за возачите да се префрлат на електрични автомобили.















