
По повеќе рунди преговори со намера за ЕУ да ги намали дополнителните царини за електрични автомобили од Кина, што достигаат 35,3 проценти и стапија на сила во октомври, Пекинг се надеваше дека Брисел ќе се сложи со кинескиот предлог, пред да биде одржана лидерската средба. Барањето беше царините да се заменат со минимално ценовно оптоварување за извозничките на електрични автомобили.
Тоа се чини дека ќе остане неостварена желба, откако се појавија разидувања во билатералните односи.
Додека Пекинг се надева на затоплување на односите пред лидерската средба, Брисел не покажува расположеност да одговори во иста насока.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ју ја посети Западна Европа во периодот од 30-ти јуни до 6-ти јули. Брисел беше првото одредиште на Ванг, каде што тој одржа преговори со Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската Комисија, и со шефицата за надворешни работи на комисијата, Каја Калас.
Ванг се сретна и со водечките политичари и министри од Белгија, Германија и Франција.
Во врска со извозот на ретки метали од Кина, коишто се клучни за производството на електрични возила и опрема во бројни индустрии, Ванг изјави за медиумите во Берлин на 3-ти јули дека „сé додека европските компании ги исполнуваат законите за контрола на извозот и ги извршуваат неопходните продецури, нивните нормални потреби ќе бидат задоволени,“ стои на вебсајтот на кинеското министерство за надворешни работи.
На конференцијата за медиуми, Ванг посочи и дека кинеските власти поставиле „брза патека“ за се забрза извозот на ретки метали за европските компании.
На 4-ти јули, при објавувањето на „антидампинг“ царините за европското бренди во висина до 34,9 проценти во времетраење од пет години, што главно се произведува во Франција, кинеското министерство за економија дозволи отстапка за брендито од ЕУ, под услов производителите да ги почитуваат договорените цени.
Неколку часови подоцна, Ванг му кажа на францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Барор дека резолуцијата за брендито преку „пријателски консултации“ покажува дека Кина и Европа „целосно се способни да ги надминат несогласувањата,“ стои во соопштението од кинеското министерство за надворешни работи.
Ванг исто така покажа надеж дека Франција може да „игра конструктивна улога и да ја охрабри ЕУ да го следи истиот дух, за соодветно да се надминат разликите.“
Дали француската влада сега ќе го убедува Брисел да постапува со царините за електрични автомобили од Кина исто како што Пекинг постапи со брендито од Франција?
Дури и во случај Франција да покаже волја да помогне, мали се шансите дека ЕУ ќе го омекне ставот околу електричните автомобили од Кина.
По средбата со кинескиот министер за надворешни работи во минатата недела, фон дер Лејен и Калас не попуштија со критиките кон Кина за останатите проблематички подрачја. Голем камен на сопнување е поддршката од Кина за војната на Русија со Украина, што Пекинг псотојано го демантира, како и ограничувањето на пристапот до пазарот за европските компании и на испораката на суфицитот од производи и материјали во ЕУ, според објавите на Блумберг и Ројтерс.
Видеото од тестот на електричниот Донгфенг Бокс, којшто излезе најдостапен ЕВ на македонскиот пазар, а целта му е друга
ЕУ го одложи и потпишувањето на заедничкиот пакт за клима со Кина, којшто првично требаше да биде потпишан на лидерската средба, поради отсуство на поконкретна заложба на Пекинг за смалување на емисијата на стакленички гасови.
Тоа се чини дека ја разлути кинеската страна.
Кинеското министерство за финасии на 6-ти јули објави дека ќе ја ограничи владината набавка на медицински уреди од ЕУ, како противмерка за ограничувањата што Брисел на 20-ти јуни ги воведе за слични производи од Кина.
Со таква напнатост во односите, речиси е неверојатно дека Брисел ќе се сложи за нов договор за електричните автомобили од Кина, освен во случај Пекинг да направи голема отстапка, како отстранување на сите ограничувања за извозот на ретки метали за ЕУ.















