Само 15 ќе преживеат: Студија предвидува масовно изумирање на автомобилските марки во Кина

Донгфенг 007 располага со 510 КС, минува 580 километри со полна батерија и спринтува за 3,8 секунди до темпо сто

На преценетиот автомобилски пазар во Кина му претстои период на консолидација, односно ќе преживеат само најсилните. Од 129 марки што во 2024 година продавале електрични и хибридни возила – што во Кина се водат како НЕВ, ново-енергетски возила – во 2030 година ќе останат само 15 марки што ќе работат со профит. Тоа го предвидува аналитичарската куќа Аликс Партнерс во својата најнова прогноза за светскиот автомобилски пазар.

Тие 15 марки ќе држат три четвртини од целиот пазар на НЕВ-возила во Кина. Агресивната и во најголем дел самоуништувачка ценовна војна, што производителите си ја предизвикуваат едни со други, ќе доведе до потиснување на некои компании од пазарот или до соединувања.

Проблеми со профитабилноста

„Кина е еден од пазарите на НЕВ на коишто владее најголема конкуренција, со жестока ценовна војна, со брзо воведување иновации и со постојано појавување нови учесници на пазарот,“ оценува Стивен Дајр, експерт на Аликс Партнерс за Азија.

Овие услови доведоа до „значителен напредок во технологијата и во смалувањето на трошоците“, но во исто време им предизвикаа проблеми на голем број компании, што не можат да постигнат профитабилност на подолг рок. Кинеските компании мора да создаваат силни марки, за на крајот да се најдат меѓу победниците.

Ефикасен начин на работа

Големите производители од Кина поставија нови мерила во светски размери, во поглед на на брзината, ефикасноста и иновациите, наведува понатаму студијата. На тој начин, тие постигнаа предимство пред докажаните конкуренти од Западот. Тоа најмногу важи за системите за асистенција и за примената на вештачка интелигенција во оптимизацијата на работните процеси.

Кинескиот „нов оперативен модел“, новиот начин на работа, на производителите им овозможува да ги развиваат новите модели со двојно побрзо темпо – со инвестиции што се пониски за 40 до 50 проценти и со 50 проценти пониски трошоци.

Влијанијата врз браншата

Аликс Партнерс предвидува дека кинеските компании во тековната година ќе го зголемат својот удел на пазарот во Кина на 67 проценти. Според студијата, нивниот удел на европскиот пазар ќе се зголеми двојно до 2030 година, на десетина проценти. Конкуренцијата, во меѓувреме, може многу работи да научи од Кинезите.

Јичао Џанг, претседател на автомобилскиот огранок во Аликс Партнерс, укажува: „Извозот на кинеските производители забави поради царините и геополитичката несигурност, но извезувањето на новите начини на работа, а тоа се партнерства и заеднички инвестиции, добива залет.“

Претходна објаваОкта Блек е рок-ѕвездата на Дефендер
Следна објаваЕУ и натаму притиска за брз договор за царините со САД, откако Трамп го одложи рокот до август

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here