
Првокласна моќност, врвна динамика и изглед што се забележува. Тоа „стои“ на пакувањето што Мерцедес-АМГ го води како ЦЛА 45 С 4Матик+ и што сега го нуди како специјална серија за поздравување со својот појдовен модел во понудата. Освен како купе-лимузина, Финал Едишн е достапен и како купе-комби. Нарачките веќе се почнати, без дополнителни рокови за испорака, со тоа што серијата ќе остане во понуда до завршетокот на годината.
Дволитарскиот мотор во ЦЛА 45 С е најсилен четирицилиндарец во историјата, што се вградувал во модел од сериско производство. Овој мотор се вградува и во моделите на АМГ од Ц-Класата, како и во ГЛА и ГЛЦ/ГЛЦ купе, со различни силини.
Во ЦЛА, моторот постигнува 431 КС, што се претвора во спринт до темпо сто за 4,1 секунди. Крајната брзина е ограничена на 270 км/ч. Тоа што дополнително го одликува моторот е неговото рамномерно повлекување и високиот врттежен момент од 500 њутнметри. Верно на традицијата на Афалтербах, моторот целосно го составува само еден човек.
Душата на погонската спрега ја дава 8-степениот менувач со двојна спојка Спидшифт ДЦТ-8Г. Сето тоа се заокружува со активен и целосно приспособлив погон на сите тркала 4Матик+, што распределува различен вртежен момент до секое задно тркало, зависно од условите. Меѓу посебните таленти спаѓа и дрифт-модусот.
ЦЛА 45 С се препознава по АМГ-маската со исправени краци, по предниот браник, тркалата и по грбот на АМГ врз хаубата.

Темни бои и светли контрасти
За каросеријата на Финал Едишн може да се избере мат сива или уни црна боја. На вратите е поставена фолија со голем натпис 45 С во црна или жолта боја. Логото АМГ на ретровизорите е во жолта боја.
Специјалната серија поседува мат црни ковани АМГ-тркала од лесен метал со пречник од 19 инчи и вкрстени краци. Во стилот на серијата, во средиштето на тркалата е постравено жолто лого АМГ, со дафинов венец.
Сопирачките клешти на зајакнатиот систем за сопирање се бојадисани во сјајна црна боја и имаат бело лого АМГ. Посебен детал е затворачот на чепот за гориво во сребро-хром боја со натпис АМГ.

Тоа што е стандард во серијата е двојниот ноќен пакет АМГ со сите каросериски додатоци во сјајна црна боја. Издувните цевки се изведени во темен хром. Вештото око ќе ги забележи облогата на ладилниот и натписот на моделот во црн хром.
Опција е само дополнителниот пакет спојлери, што посебно се развиени во воздушен тунел, заради подбрување на стабилноста при висока брзина.
Овој пакет содржи подолг сплитер во предниот браник со дополнителни перки во црна сјајна боја, повеќе издигнат раб на вратата на багажникот, странични додатоци во задниот браник, основа на дифузорот, сé во сјајна црна боја.

Жолти акценти во спортската внатрешност
Внатрешноста исто така носи посебен печат. Седиштата АМГ Перформанс се комбинација од вештачка кожа и микрофибер во црна боја. Акцент во жолта боја е ставен на штеповите на седиштата, по вратите и арматурната табла. Истото важи и за опшивката 45 С на предните потпирачи за глава. Во средишната конзола се наоѓа плочка со името на серијата.

Воланот АМГ Перформанс е во комбинација кожа напа и микрофибер, со жолти штепови и со алуминиумски украси, со жолт натпис АМГ. Жолтата боја доследно е присутна и во осветлувањето на плочките на праговите. Патосници во истиот стил не отсуствуваат.
Цената за специјалната серија не е објавена, стандардната изведба на ЦЛА 45 С во Германија чини 76.401,03 евра.















