Афшар беше одговорен за продажбата и производството на Тесла во Северна Америка и Европа, до неговото заминување кон завршетокот на минатиот месец. По губитокот на уште еден високо рангиран менаџер на Тесла, Илон Маск и вишиот потпретседател, Том Жу, ќе преземат дел од одговорностите на Афшар, во време кога Тесла бара начини да закрепне по уште еден квартал со пад во продажбата.
Жу, кој дејствува во Кина, ќе продолжи да ја надгледува продажбата на Тесла во Азија и ќе преземе одговорност за производството во светски рамки, кажуваат лица што се упатени во промените, но не сакаат да биде објавен нивниот идентитет, затоа што се работи за приватна информација.
За второто тромесечје се претпоставува дека продажбата на Тесла достигна 389.400 возила, според процените на Блумберг. Тоа би било околу 12 проценти под истиот период лани, и ќе биде уште еден квартал во минус, откако и во првиот квартал исто така имаше пад од 13 проценти.
Откако испадите на Маск во изминатиот период влијаеја за купувачите на неколку важни пазари масовно да се откажат од намерата да купат Тесла и откако стана очигледно дека најавените модели со подостапна цена уште нема да влезат во производство, инвеститорите се подготвуваат за втора година по ред, со пад во продажбата на Тесла.
Аналитичарите што ги анкетираше Блумберг предвидуваат дека компанијата годинава ќе испорача околу 1,65 милион возила, што ќе биде околу 8 проценти под резултатот од минатата година, кога беа продадени 1,79 милион возила.
Од големо значење е тоа што Маск ќе му се посвети повеќе на европскиот пазар, што го оцени како најслаб пазар за Тесла. Бројот на испорачани возила во мај е намален за 28 проценти, односно во првите пет месеци е за 37 проценти под резултатот од истиот период во минатата година. Наспроти тоа, кинеските производители на ЕВ, како БИД, ја засилуваат продажбата.
Откако даде ветување дека ќе ѝ се врати на Тесла, по повеќемесечното ангажирање во Вашингтон, Маск неколкупати влезе во спор со претседателот на САД, Трамп, меѓу другото заканувајќи се дека ќе основа политичка партија и ќе ги финансира предизборните кампањи против членовите на Конгресот што ќе гласаат за буџетот на САД.
Со преземањето на одговорноста за производството на Тесла во светски рамки, Жу ќе добива извештаи од Хруши Сагар, којшто е шеф на фабриката на Тесла во Фремонт, Калифорнија, и од Џејсон Шаван, којшто раководи со фабриката во Остин. Тој Џоунс останува потпреседател за продажбата во Северна Америка и ќе му поднесува извештаи на Маск, кажуваат извори што се упатени во случувањата.
Жу се вработи во Тесла во април 2014 и искачи неколку скалила, што му го донесе местото на шеф за изградбата и работењето на првата прекуморска фабрика на компанијата во Шангај, како потпретседател за Кина. Во април 2023 тој беше унапреден во виш потпретседател за автомобилскиот бизнис, со преземање одговорност за глобалното производство, продажбата, испораката и сервисирањето, преселувајќи се во САД.
Тесла лани го врати Жу во Кина и му даде функција што повеќе е од регионален катрактер, откако Тесла се соочи со низа технолошки и законски пречки при лансирањето на системот за автономно возење.
















