Омед Афшар, еден од највисоко позиционираните директори на Тесла и еден од најблиските довереници на Илон Маск, си замина од компанијата, соопштуваат лица што се упатени во случувањата околу масовното заминување на менаџерскиот врв, додека производителот на електрични автомобили од САД запаѓа во сé поголема криза.
Веста за заминувањето проструи во изминатите неколку денови меѓу дел од вработените, наведуваат лица што бараат да останат анонимни, поради тоа што се работи за внатрешна информација. Името на Афшар повеќе не се појавува на списокот, посочуваат две лица. Причината за таа промена и плановите на Афшар не се познати.
Афшар имаше унапредување во минатата година, преземајќи го раководењето со продажбата и производството во Северна Америка и Европа. Тие пазари станаа најголема болка на производителот во изминатиов период, поради падот во продажбата, за што придонесоа зајакнувањето на конкуренцијата и лошиот имиџ од улогата на Илон Маск во владата на Доналд Трамп.
Две лица што се запознаени со случувањата во Тесла наведуваат дека Афшар бил еден од директорите што презеле повисока одговорност во текот на годинава, откако Маск му се посвети на Вашингтон. Маск раководеше со скусувањето на трошоците на Трамп. Тоа предизвика загриженост кај голем број инвеститори и аналитичари, дека Маск ја запоставува Тесла, а воедно предизвика одбивност во кругот на можни купувачи.
Поранешниот директор за продажба од средните редови Метју Лаброт, кој неодамна доби отказ поради јавните критики кон Маск, кажува дека Афшар бил „поддршувачки лик“ што бил близок до Маск, што на крајот му ја донесе функцијата да раководи со продажбата и производството во Северна Америка и Европа.
Лаброт вели дека постоел силен внатрешен притисок да се спречи големиот пад во продажбата, што најмногу го погоди европскиот пазар на Тесла.
Дел од директорите што претходно му рапортираа на Афшар, сега имаат одговорност пред Том Жу, виш потпретседател на Тесла за автомобилскиот сектор, наведуваат некои од изворите. Директорот што е родум од Кина, одговорен е за фабриката на Тесла во Шангај и еден е од трите извршни директори на компанијата.
Другите заминувања на директори на Тесла
Заминувањето на Афшар е врв во одливот на директори на Тесла во изминатите 14 месеци, што проследи откако компанијата почна со масовно преструктурирање и со укинување илјадници работни места.
- Милан Ковач, главен инженер за хуманодниот робот Оптимус, си замина наведувајќи дека сака повеќе да се посвети на своето семејство.
- Џена Фериа, во чијшто профил на Линкдин стои дека директорувала со одделението за човечки ресурси за Северна Америка, исто така си замина од Тесла и повеќе не се наоѓа на списокот на компанијата.
- Директорот за батерии Винит Мехта си замина во мај.
- Главниот инежнер за батерии Дру Баљино, Ребека Тинучи, која раководеше со полначите и шефот за глобална јавна политика Роуен Петел, си заминаа во пролетта лани.
Акциите на Тесла изгубија 19 проценти, додека слабееше побарувачката за моделите на Тесла и Маск беше зафатен во Вашингтон.
Во текот на неделава се очекува Тесла да ги објави резултатите од продажбата за вториот квартал.
Маск го пренасочува бизнисот на Тесла кон вештачка интелигенција, роботи и автопилотирани возила. Тесла на 22-ри јуни пушти во работа самовозечко такси во Остин, Тексас. Неколку аналитичари предупредија дека планот за роботаксито да се воведе и во други градови во текот на годинава ќе наиде на пречки, поради ниовната загрижененост околу безбедноста и технологијата.
















