Мерцедес-Бенц 450 СЕ и самиот беше ѕвезда во средината на 1970-те години, кога го понесе насловот на Автомобил на 1974 година. Во следната година, оваа победоносна лимузина доби уште понапредна изведба, 450 СЕЛ 6.9, со мотор од една од најголемите легенди од Штутгарт, Мерцедес-Бенц 600.
Серијата 116 поседуваше сé што требаше да поседува еден Мерцедес-Бенц од врвна класа. Штутгарт го одушеви стручниот свет, којшто во 1974 година даде најмногу гласови за Мерцедес-Бенц 450 СЕ да биде избран за автомобил на годината во Европа и да ги победи Фиат Икс 1/9 и Хонда Сивик.
Во тие години, на производителите на автомобили им беше дозволено сé. Во такво опкружување, Мерцедес-Бенц реши во својот врвен модел од серијата 116 да вгради мотор од претседателската лимузина, Мерцедес 600. Моторот во 450 СЕЛ 6.9 беше само темелот за целосна преработка на техниката на оваа посебна изведба.
Со исклучителната моќ и со посебното место на сцената, 450 СЕЛ 6.9 убеди дури неколку возачки ѕвезди од Формула 1 да ја изберат оваа лимузина.
Патрик Готвик, директор за продажба на Мерцедес-Бенц Херитиџ ГмбХ, кажува за овој автомобил: „450 СЕЛ 6.9 е врвна изведба на тогашната С-Класа и со тоа е посебно ценета. Голем број познати личности ја поседуваа оваа изведба, затоа што моќта и луксузот се фасцинантен спој. Побарувачката на пазарот на класични автомобили отсекогаш е на високо ниво. Тоа се огледува и во движењето на цените во последните години: За возило во состојба на сочуваност 1, Класик Дата во 2015 година процени просечна цена од 50.000 евра – денес, по десет години, цената е над 80.000 евра. Посебни примероци без проблем надминуваат 90.000 евра.“ Овој огранок на Мерцедес-Бенц посредува при трговијата со класични автомобили.

Серијата 116 е прва генерација на модели на Мерцедес-Бенц од вишата класа што го носи името С-Класа. Таа имаше премиера во септември 1972 година и освои бројни награди. Меѓу нив спаѓа и изборот на 450 СЕ за Автомобил на 1974 година. Во мај 1975 година, 450 СЕЛ 6.9 го постави врвот на понудата од модели.
Новинарите се запознаа со лимузината на презентација во Ле Овалд, во Алзас, Франција. Медиумите се одушевија, насловите беа „Најдобриот автомобил на светот“ или „Најбрзата лимузина на светот. Во 1970-те години, „зекснојнерот“ (шест девет) е меѓу најбрзите со својата крајна брзина од 225 км/ч. Побрзо од 7,4-те секунди спринтуваа само суперспортски автомобили.
Сериската опременост е на врвно ниво. Клима уред е стандард, исто како и централно заклучување, темпомат, електрика за прозорците, бришачи за светла, велур на седиштата, автоматски безбедносни ремени. Во 1975 година, тоа се ставки за коишто мора да се доплати кај останатите модели.

На задната клупа има невројатно многу простор. Врвниот модел во сериајта се произведува само во продолжена изведба, со дополнителни 100 милиметри што одат во корист на патниците на задната клупа.
Од опциите, може да се доплати за електричен сончев покрив (987,90 ДМ), па дури и за авто-телефон Бекер АТ 160 С, што со цената од 13.542 ДМ е сосем јасно дека е реткост. Во ценовникот бр. 16 од 28-ми јануари 1976 година, СЕЛ 6.9 чини 69.930 ДМ. Тоа е двапати повеќе од 280 СЕЛ, основниот модел во серијата со продолжено меѓуоскино растојание.
Како се распознава „зекснојнерот“?
Освен по ознаката на багажникот, три детали откриваат дека станува збор за знаменосецот: Под маската се наоѓа заоблена решетка што овозможува повеќе воздух да струи до моќниот мотор; Гумите имаат димензија 215/70 ВР 14, додека останатите осумцилиндарски модели од серијата користат гуми 205/70 ХР 14, односно 185 ХР 14 кај шестцилиндарците; Назад се пошироки двојните издувни цевки. Алуминиумските ковани тркала од Фукс не се стандардна опрема, туку и за нив треба да се доплати: 1.554,00 ДМ.
Осумцилиндарец од Мерцедес-Бенц 600
Моторот М 100 Е 69 го има главниот збор во 450 СЕЛ 6.9. Како основа служи моторот Ве-8 од претседателската лимузина Мерцедес-Бенц 600 (В 100). Одот на клиповите е ист, зголемен е пречникот од 103 на 107 милиметри и со тоа е постигната зафатнина од 6.834 сантиметри кубни. Моќноста на овој М 100 изнесува 286 КС при 4.250 вртежи. Максимален вртежен момент од 550 њутнметри се постигнува при 3.000 вртежи.

Тристепениот автоматски менувач во основата е ист со моделите со осумцилиндарски мотор од 4,5 литри, но е приспособен за екстра моќноста на „зекснојнер“.
Трошоците за одржување се релативно ниски. Хидраулика го коригира зјајот на вентилите и нема потреба од дотерување во сервисна работилница. Со новата заптивка за двете глави на моторот нема потреба да се затегнуваат завртките на одредено време. Сувиот картер дозволува моторот да се вради ниско, но дозволува и менувањето масло да се врши на 15.000 километри.
Разлики има и во амортизацијата. Место пневматска амортизација како кај 300 СЕЛ 6.3 (В 109), новиот врвен модел користи хидропневматика со хидраулично дотерување на нивото. Растојанието од подлогата останува исто и при полно оптоварување, а не се менува ниту должината на работните одови на амортизацијата.

Од февруари 1975 до септември 1980 се произведени 7.380 примероци од 450 СЕЛ 6.9. Одделението на Мерцедес-Бенц за класични возила има широка понуда од резервни и потрошни делови, со врвен квалитет и оригиналност. Опсегот на цени се движи од 17,47 евра за прекинувач за клима, до 3.756,20 евра за преносниот механизам во управувањето што е посебен за овој модел.
















