
БМВ во првите три месеци од 2025 година испорача 586.149 возила на светскиот пазар, вклучувајќи ја марката Мини.
Тоа сепак е за 1,4 процент под резултатот од истиот период лани. Минусот се должи првенствено на забавувањето во Кина. Таму до март се продадоа 155.195 возила, што е за 17,2 проценти под лани.
Концернот БМВ постигна најголем раст во Европа (+6,2%) и во САД (+4,0%).
Расте и продажбата во САД
Според објавената статистика, во првото тромесечје се испорачани 520.142 возила од марката БМВ. Раст во продажбата е постигнат и во САД, каде што Доналд Трамп започна трговска војна, со општото зголемување на царините.
Добро се движи и продажбата на целосно електрични модели од марката БМВ, со раст од 9,9 проценти. Од јануари до март се испорачани 86.449 батериски електрични возила од марката БМВ на светскиот пазар. На ниво на цела групација БМВ (Мини, Ролс Ројс) тоа се вкупно 109.516 целосно електрични автомобили. Секој петти продаден автомобил на Баварците е електричен.
Мини има голем удел на електричните модели во продажбата
Во позитивна насока се движи и марката Мини, којашто во минатата година имаше падови во продажбата, поради многуте смени на моделските генерации. За три месеци се продадени 64.262 возила Мини, или за 4,1 проценти повеќе. Најголем придонес за растот имаат целосно електричните модели. Тие учествуваат во вкупната продажба на Мини со дури 35,3 проценти, односно секое трето продадено Мини до март е електрично.
Видеото од тестот на Мини Кантримен Д
Исто како кај останатите германски производители, загриженост предизвикува важниот пазар во Кина. Таму продажбата во првото тромесечје опадна за 17,2 проценти.
Овој резултат покажува многу јасно, колку е важно Кина да ги прифати претстојните модели од Ное Класе, од новата класа. Тие сепак нема да учествуваат во продажбата на БМВ во Кина годинава, затоа што првиот модел ќе стартува на кинескиот пазар дури во 2026 година.
Директорот за продажба Јохен Голер е оптимист
Директорот за продажба Јохен Голер е оптимист за натамошниот тек на годинава: „Стратегијата на групацијата БМВ, што е отворена за технологија, се исплатува: нашите производи привлекуваат клиенти ширум светот, и тоа со сите видови погон.“ Голер наведува и голем број на пристигнати нарачки, како за модели со мотор со внатрешно согорување, така и за електричните модели.















