Мерцедес С-Класа управува целосно самостојно до 95 км/ч

Техниката може да постигне многу повеќе, меѓутоа законите мора да бидат строги, а според нив: Драјв Пилотот на Мерцедес-Бенц, којшто за разлика од божемниот систем за автономно возење во Тесла е вистински автопилот, во моделското годиште 2025 на С-Класа смее да ја преземе целата контрола врз возилото, до брзини од 95 километри на час. Има и други промени во зондер-класата на Мерцедес.

Мерцедес С-Класа во новото моделско годиште доби одобрение за Драјв Пилотот да управува целосно самостојно со лимузината до 95 километри на час, по аутобанот. Додадени се и нови можности за избор на материјали и бои во одделението за специјални нарачки Мануфактур. Уште една важна промена во С-Класа во „модел-јар“ 2025 е инфо-забавниот систем, што со помош на вештачка интелигенција реагира попаметно.

Штутгарт по оваа пригода потсети уште еднаш дека го има најбрзиот систем за високоавтоматизирано возење. Место 60 км/ч, како што ограничуваат законите, С-Класа со Драјв Пилот може по аутобанот да управува самостојно до 95 км/ч. Кога е пуштен Драјв Пилотот, возачот може да се препушти на други активности, или човек може едноставно да си одмори.

Безбедноста го има пресудниот збор кога се работи за автопилотот кај Мерцедес-Бенц. Целиот систем е изведен редундантно, а тоа значи дека сите функции се изведени двојно. Тоа важи за електриката, управувањето и сопирањето. По потреба, Драјв Пилот ќе го предупреди возачот да ја преземе контролата. Доколку тој не реагира, С-Класа ќе вклучи посебна програма и безбедно за сите ќе го запре возилото на помошната лента.

Драјв Пилот се состои од 35 камери, радари, ултразвучни сензори и од ласерски радар. Секој од овие сензори користи различен принцип на работа. Автопилотот на Мерцедес е од 3-то ниво, а тоа може да се постигне само со ЛиДар, односно ласерски радар.

Техниката знае точно до сантиметар каде се наоѓа возилото во просторот, раководејќи се според најдетални карти. „Просторот“ значи германски аутобан. За учесниците во сообраќајот да бидат свесни дека автопилот управува со возилото, Мерцедес-Бенц испробува користење посебни светла со светлосина боја (тиркиз).

Во примероците од С-Класа што веќе се возат, може преку мрежата да се вчита апдејт за инфо-забавниот систем МБУКС. Новини има во навигацијата и во говорните команди што користат АИ.

Посебно се издвојува вклучувањето Чет ГПТ во говорниот асистент МБУКС, преку Мајкрософт Азур, услугата за АИ со отворен код. Мерцедес вели дека тоа прави разговорот со АИ да биде поприроден и поразновиден.

Прочуеното одделение Мануфактур, каде што се изработуваат најскапите Мерцедеси по посебна нарачка, има преку 50 нови бои за каросеријата и уште 25 опции за внатрешноста. Новите материјали опфаќаат рачно шиено платно, најквалитетна кожа или вистинска ентарзија во дрво.

Изработката по посебна нарачка е традиција од прв ден: Токму првиот Мерцедес, моделот 35 ПС, беше изработен точно по барањата на неговиот сопственик.

Штутгарт пушти специјална серија Едишн од С-Класа

Во чест на почетокот на продажбата на С-Класа 2025 е пуштена ексклузивна С-Класа Едишн, стандардно со пакети АМГ Лајн и Најт, со избор на пет бои за каросеријата, меѓу кои црна мат и опалит бела со бисерен ефект.

[the_ad id=”85764″]

Меѓу посебностите на Едишн се рачки на врати во темен хром, црни лајсни на прагови со осветлено име, напа кожа во три можни бои, проекциски дисплеј и врвен аудио систем Бурместер. Сето тоа е заокружено со АМГ-тркала од 20 инчи и дигитални светла.

Претходна објаваМихаел Кирш назначен за извршен директор на Porsche за Централна и Источна Европа, додека Ирина Каук ја презема одговорноста за Европскиот регион
Следна објаваЦарините на Трамп ќе им нанесат милијарди евра штета на германските премиум марки

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here