Најновиот кинески производител на македонската сцена, БАИК, наскоро ќе придружи уште еден модел во својата понуда, покрај класичната лимузина У5 Плус и триото модерни СУВ-модели Икс35-55-7. Новиот член повеќе е споредлив со салонскиот магнет за внимание, при првото појавување на марката кај нас, со БЈ40. Според логиката на ознаката, БЈ30 оди една класа подолу, но затоа има да понуди нешто екстра: Хибриден погон.
Според најавите што уште не се потврдени со датум и со точна цена, и се темелат на интерни разговори во кругот на увозникот за БАИК, наскоро на македонскиот пазар ќе пристигне уште еден важен модел. Тоа е БЈ30, теренски модел што се произведува во изведба со преден погон и во изведба со хибриден погон. Вторава изведба располага со погон на сите тркала и таа ќе биде главна во промовирањеот на новиот модел на нашата сцена.
Цената на БЈ30 со хибриден погон ќе се движи околу 40.000 евра, што е значително под БЈ40 Плус, моделот со којшто кинескиот производител очигледно има намера да им парира на култни теренски модели, како Џип Вранглер или Тојота Ланд Крузер 70. За десет илјади евра под цената на БЈ40 – БАИЦ во понуда има уште два модели што се позиционирани повисоко, БЈ80 како пандан на Г-Класа и помалиот БЈ60 – триесетката нуди теренец со класичен изглед, долг 4,73 метри и системска моќност од 301 киловати, односно 410 КС.
Тоа е веќе втора генерација на моделот со оваа ознака, што лани имаше премиера на кинескиот пазар. Податоците по традиција се скромни, барем во обемот во којшто се достапни надвор од домашниот пазар. Од тоа што е познато, моторот е 1,5-литарски со моќност од 116 кВ/158 КС, во комбинација со електромотор на задната оска, со моќност од 55 кВ/75 КС и вртежен момент од 135 њутнметри, плус електромотор напред со 130 кВ/177 КС и вртежен момент од 315 њутнметри. Нема детали околу менувачот, единствено е јасно дека станува збор за автоматик.

Сето тоа заедно произведува системска моќност од 301 киловати/410 КС и системски вртежен момент од 685 њутнметри. Тоа се мошне импресивни вредности. Постои и изведба со хибриден погон, но без втор електромотор на задната оска. За цената на таа моделска изведба засега нема информации. Според фабрика, просечната потрошувачка изнесува 6,45 литри.
Опременоста е повеќе во насока на луксуз, посебно покрај фактот што изведбата со хибриден погон и 4ВД се испорачува единствено во највисокото ниво на опременост. Повеќе детали кога моделот ќе пристигне во салон. Во моментов првиот поголем контингент од нарачани возила од БАИК за македонскиот пазар плови кон Европа.
БАИК ги истакнува теренските способности на БЈ30, којшто располага со класична конструкција на теренец, со носечна рамка и каросерија врз неа. Може да се избира меѓу три режими на работа на погонската спрега – кал, песок, и како што стои во спецификацијата, понирање во вода. На располагање стои и електронска блокада на диференцијал на задна оска.
Со цената и со поставеноста како способен теренец, БЈ30 го пополнува просторот меѓу стилскиот СУВ-модел Икс7, чијашто цена е незначително над 30.000 евра, и луксузниот БЈ40.
БАИК (продажба преку Цилаз), заедно со марките на Донгфенг (Еолус, ДФСК, Нами – увозник АБЦ Брадер) се најактивни и најзабележани кинески производители на македонската сцена.
















