Мерцедес-Бенц В-Класа: Без двоумење, ова вреди 143.000 евра

Во сценарија кога ниту С-класата не е доволно добра, постои само уште еден автомобил што може задачата да ја заврши подобро: В-Класата, што со право се води како С-класа меѓу вановите. Во салонот на Мерцедес во Скопје е изложен досега најпрестижниот примерок од нелимузинскиот знаменосец со трикраката ѕвезда.

Ако човек сака да биде барем малку посигурен дека ќе склучи добра зделка со половината дузина менаџери што доаѓаат на гости, испраќањето луксузна В-класа да ги преземе од аеродром и најдостојно да ги довезе до хотел, веројатно е чекор што ќе биде меѓу пресудните за состанокот да мине успешно. Постојат безброј сценарија кога е важно да се удоволи со автомобил каква што е В-Класата.

Секако не смее да се превиди нејзината привлечност за музички, филмски и ѕвезди од секаков профил, за шатл што се ангажира како официјален превоз за филмски фестивали, за конференции и конгреси на коишто се решава за светски прашања, за секакви важни и престижни собири, каде што е важно превозот и изборот на превоз да остават добар впечаток.

В-Класата несомнено е еден од Мерцедесите со најшироко подрачје на примена

Штутгарт секако не спречува никого да ја избере В-Класа како „семејна лимузина“. Таа се појавува во сосем друго светло како модел од серијата Марко Поло, односно како луксузен кампер, што исто така е испорачан во неколку примероци на македонскиот пазар.

Иако е ван, Мерцедес-Бенц ја води В-Класата како модел што спаѓа во понудата од патнички модели, односно меѓу Ц-, Е- и самата С-Класа. Единствено светло во коешто светот ја нема видено В-Класа досега е како АМГ-модел и под знакот на Мајбах – иако салонскиов примерок меѓу другото поседува и АМГ-пакет, заедно со тркала од 19 инчи и сопирачки клешти со натпис Мерцедес-Бенц.

Должина 5,4 метри, тежина близу 2,5 тони, и пак спринтува за 7,4 секунди до темпо сто

Овој историско-рекордерски примерок на В-Класа е далеку од основниот модел во секој правец. Прво, моторoт е најсилниот што се вградува, дизел од 2,0 литри со 237 КС и рамно 500 њутнметри. За споредба, основниот модел вози со 163 КС. Следното скалило е погонот на сите тркала 4Матик. Уште еден степен над основата е екстра долгата каросериската изведба што мери 5,37 метри од еден до друг крај. Тоа е близу половина метар разлика од стандардната должина.

Со погон на сите тркала, со тежина на празно возило од 2.324 килограми, не сметајќи ја дополнителната опрема, оваа В-Класа пак забрзува до темпо 100 за 7,4 секунди и по аутобанот брза со 215 километри на час. За машина што вреди околу 90.000 евра без дополнителна опрема, повеќе од задоволително.

Однадвор јасно се познава дека тоа е Авангард-модел. Над тоа постои само уште едно ниво, Ексклузив, со име што ја открива целата суштина, и во основа изведба што се нарачува само во еден примерок, за ексклузивен хотел или некој отмен ресорт што ги презема своите гости допатувани со приватен авион.

Само седиштата во вториот ред чинат преку 10.000 евра

Најистакнатата ставка во дополнителната опрема во салонскиов примерок се луксузните седишта во средниот ред. Колку е вредна ставката, доволно кажува тоа што Мерцедес-Бенц наплаќа по седиште. Едно седиште чини преку 5.000 евра. Што значи луксузно седиште: Масажа, климатизација во самото седиште, легнување, амбиентално осветлување, посебни прегради, држач за чаша, па уште и обложување со напа, со мека телешка кожа.

Додека кај останатите седумседи треба со голема резерва да се пристапи до третиот ред седишта, тука се добива целосна комоција како во лимузина. Сé е на електкрика, па дури има и нешто на пневматика. Во ваков луксузен примерок не смее да отсуствува пневматска амортизација, што В-Класа ја носи повеќе во насока на лимузина, кога се вози по автопат и каросеријата се потспушта. Истото подвозје Ерматик, вредно преку 2.000 евра, воедно нуди и зголемено растојание од подлогата по потреба, што има смисол уште повеќе со погонот на сите тркала 4Матик.

Сите системи за асистенција се вградени, не заостануваат и светлата со матрична диодна техника. Атмосферата ја дополнува аудио системот Бурместер, со 15 звучници, сабвуфер и моќност од 640 вати.

Сé на сé, 143.207 евра. Доколку идниот купувач се избори за барем 1% попуст, тоа ќе му донесе заштеда од 1.432 евра. Честито.

 

Претходна објаваОпел Корса Електрик со подолг досег, сега минува 429 километри
Следна објаваБМВ ја пушти во работа фабриката за Ное Класе во Унгарија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here