
Производителот на делови и опрема за војската и за автомобилската индустрија Рајнметал, заедно со добавувачот на автомобилската индустрија од прв ред Шефлер, масовно вложуваат во секторот на одбрана. Останатите компании, од ковот на Роберт Бош и ЗФ Фридрихсхафен, пристапуваат претпазливо во овој сектор.
Шефлер јавно соопшти дека има интерес да го прошири својот бизнис со воена опрема, којшто моментно учествува со помалку од 1 процент во вкупниот промет. Продажбата главно се сведува на аеронаутичката индустрија во САД, на којашто ѝ се испорачуваат делови за воени хеликоптери.
Првиот човек на Шефлер, Клаус Розенфелд, неодамна укажа дека неговата компанија има „бројни точки на поврзување“ со одбранбениот сектор и таму гледа можности за проширување на бизнисот.
Бизнисот со воена опрема на Рајнметал порасна 50 проценти во 2024 година, додека автомобилскиот огранок ослабна. Воениот бизнис на компанијата постигна промет од 7,6 милијарди евра, наспроти вкупниот промет на Рајмнетал од 9,8 милијарди евра. За 2025 година се предвидува прометот да порасне за уште 35 до 40 проценти.
Неоданочената маржа на Рајнметал во висина од 19 проценти далеку ја надминува профитабилноста на повеќето добавувачи на автомобилската индустрија.
Бош е најголем автомобилски добавувач во светот и пристапува повнимателно, наведувајќи дека воениот сектор не е во фокусот на стратегијата на компанијата.
Компанијата нема посебен огранок за производство на воена опрема, меѓутоа има посредни врски со компании што работат во воениот сектор. Некои од компонентите што ги произведува Бош, како системи за управување и технологија за впрскување на горивото, може да се користат во воена опрема.
Внимателни се и во ЗФ Фридрихсхафен, каде што одбранбената технологија е мал дел од индустрискиот огранок и учествува со само 0,3 процент во вкупниот промет од 50,5 милијарди долари во 2023 година.
Побарувачката за производите на ЗФ за воениот сектор сепак расте и компанијата ги зголеми капацитетите.
ЗФ немаат стратешки планови за развој на овој бизнис и напоменуваат дека производите за потребите на одбраната претежно имаат двојна намена, односно развиени се првенствено за цивилни возила и потоа се приспособуваат за потребите на војската.
Растечката побарувачка за производи за воени потреби влијае и врз плановите за вработување. Некои добавувачи ја смалија својата работна сила и на вработените им помагаат да се преквалификуваат за работа на производи за воени потреби.
Континентал, на пример, на 100 вработени од фабриката за сопирачки им понуди работни места во фабриката за муниција на Рајнметал.
[the_ad id=”85764″]
Сличен пример е фирмата за технологија Хелсолт, којашто вработените од фабриката на Континентал во Вецлар ги регрутира за својот огранок за воена опрема.
ЗФ исто така води преговори со компании од одбраната, за да им помогне на вработените чијшто места се неизвесни при реструктурирањето. Компанијата сака своите вработени да ги поврзе со можни идни вработувачи во секторот на одбрана, посебно откако почна да расте побарувачката за воени возила и муниција во Европа.
Синергија меѓу автомобилскиот и одбранбениот сектор
Експертите гледаат јасна поврзаност меѓу автомобилската и воената индустрија, посебно во големоволкуменското производство, во логистиката на ланецот на добавувачи и во контролата на квалитетот.
Хенинг Ренерт, партнер во Стратеџи, вели дека Германија и останатите европски држави мора брзо да ги обноват воените залихи, и за тоа им е неопходна експертизата од автомобилската индустрија.
Рајнметал, на пример, јавно има искажано интерес за фабриката на Фолксваген во Оснабрик, каде што во 2027 година ќе заврши производството на Т-Рок Кабриолет.
Според компанијата Папергер, фабриката точно одговара да се претвори во погон за производство на воени возила.
Ренерт предвидува и можност некои од фабриките за делови за автомобили во Германија што имаат проблеми, да се продадат на фирми од одбраната, затоа што производителите на автомобили имаат одлично искуство во организацијата, логистиката и во квалитетот, каде што воената индустрија е слаба.
Претседателот на концернот Стелантис, Џон Елкан, неодамна ја отфрли идејата дека европските производители на автомобили би морале да се потпрат на воената индустрија, за да преживеат.„Веруваме дека нема да биде потребно да се избира меѓу воената индустрија или автомобилската индустрија – можно е да се имаат двете,“ изјави Елкан за време на една конференција во Рим.
Се зголемуваат воените буџети
Глобалните трошоци за војската во 2023 година достигнаа 2,2 билиони евра, што беше за 6,8 проценти повеќе отколку во 2022 година. Тоа воедно беше и најголемо зголемување од година в година, по 2009, според СИПРИ, истражувачки институ за меѓународен мир во Стокхолм.
Завршните бројки за 2024 година уште не се готови, меѓутоа аналитичарите очекуваат дека ќе продолжи растот, што ќе направи одбраната да стане интересен сектор за индустријата што се справува со забавена продажба на автомобили.















