
Во првиот месец од годинава, според неофицијални податоци, на македонскиот пазар се продадени 397 нови патнички автомобили и уште 92 доставни возила. Тојота и Шкода ја предводат продажбата. Поголем е растот кај доставните возила.
Во споредба со јануари лани, во првиот месец годинава се продадени за 16,4 проценти повеќе возила, од кои 397 се патнички автомобили (+15,4%), додека 92 се доставни возила, главно фургони до 3,5 тони за службена потреба. Кај вториве е забележан поголем раст, од преку 21 проценти.
Податоците се неофицијални и повеќето увозници се оградуваат, затоа што информациите не се потврдени и обработени од МВР, и меѓу другото, потекнуваат од странски извори. Тоа продолжува да биде еден од горливите проблеми со коишто се соочува браншата, во отсуство на основниот инструмент на водењето на кој било бизнис, а посебно во отсуство на веродостојна информација врз којашто ќе можат да се потпрат купувачите, доколку повисок продажен успех на одреден модел на домашниот пазар им е значаен при изборот.
Составот на водечката петорка е сосем сменет во споредба со оној во првиот месец во 2024 година. Додека лани биле први Шкода (50 возила), Дачиа (45), Киа (39), Тојота (35) и Хјундаи (23), во јануари годинава повторно се појавуваат Шкода и Киа, но им се придружуваат уште Тојота, Ситроен и Рено.
Во првичните информации фигурира само продажбата по марки, наскоро ќе биде познато и кои се десетте најпродавани модели.
Во категоријата на доставни возила, најдобра продажба во јануари постигна Фиат со 32 возила, следи Рено со 19 и Исузу со 9 возила. Вкупно се продадени 92 доставни возила.
Во минатата година, Македонија ја имаше најдобрата продажба на автомобили од 2010 година наваму, откако беа укинати сите дотогашни правила за увоз на користени возила, што ја десеткуваше вредноста на возилата од матичниот, македонски возен парк, и со тоа беше прекинат ланецот на обновување на возниот парк. Во моментов, земјава има најстар возен парк во цела Европа, од преку 20 години, а како што се потврдува постојано, и возен парк со највисока емисија на штетни честички ПМ, што го загрозува здравјето на национално ниво.















