Астон Мартин со стариот директор губеше по 76.000 евра од секој продаден автомобил

Астон Мартин ДБ12 Воланте. Британскиот производител нема да лансира нови модели во блиска иднина, за да не троши пари на развој на нови модели

Фелиса со себе донесе половина чета италијански директори, кои место да се преселат во седиштето на Астон Мартин во англиски Вест Мидлендс, секоја недела патуваа од Италија со приватен авион.

Според последниот годишен извештај на компанијата, само патувањата на Фелиса го чинеле Астон Мартин околу 1,45 милион евра во периодот од 2022 до 2023 година. Во првите три квартали лани, Астон Мартин направи загуба од преку 275 милиони евра, што значи дека од секој продаден автомобил губеше близу 76.000 евра.

Фелиса е минато, исто како и приватните авиони. Негов наследник е Ејдријан Холмарк, поранешен извршен директор на Бентли Моторс, кој отпочна со строга програма за скусување на трошоците.

Астон Мартин нема да брза премногу со развојот на нови модели. Скусен е планот за испорака на возила и ќе се повикаат надворешни консуланти, за да најдат начини да се подобри ефикасноста во производството и во набавката на компоненти. Резултатите од минатата година ќе бидат соопштени на 26-ти февруари, при што ќе бидат објавени и останатите поединости околу плановите на Холмарк.

Веројатно најголемата промена е тоа што извршниот директор на компанијата и нејзин најголем акционер, канадскиот милијардер Лоренс Строл, препушти Холмарк да има целосна контрола врз Бентли.

Доколку Холмарк, со заслугата што ја има за враќањето на Бентли во форма, не успее да изврши пресвртница во компанијата, „тогаш е тешко да се замисли како тие ќе можат на одржлив начин да продолжат понатаму,“ вели Ентони Дик, аналитичар во Одо БХФ. „Тоа ќе им биде пресудна година. Тие ги имаат производите, го имаат менаџментот, сега треба да се продаваат автомобилите. Само уште тоа недостига.“

Вредноста на Астон Мартин опадна значително од појавувањето на берза

Астон Мартин отсекогаш произведувал убави автомобили, но компанијата често пати не успеваше да постигне профит од нив. Во својата 112-годишна историја, компанијата пропаѓаше седумпати. Во последните две децении, Астон Мартин е во постојан круг на криза и спасување.

Додека останатите производители на луксузни автомобили, како Бентли и Порше, постигнуваат постојан раст во продажбата на луксузни семејни автомобили од 2010 година наваму, Астон Мартин одвај успеа во 2020 година да го пушти во продажба својот прв СУВ-модел.

Во 2018 година, Астон Мартин ги понуди своите акции на лондонската берза, проценет на 4,3 милијарди фунти. Во 2020 година, вредноста на компанијата падна на 1,1 милијарда фунти, по низа разочарувачки резултати. Строл ја спаси компанијата, откако преку конзорциумот во којшто припаѓаше претседателот на ЈЦБ, Ентони Бамфорд, изврши спасувачка акција вредна 536 милиони фунти.

Строл се прослави и стекна милијарди откако изврши пресвртница во модните марки Томи Хилфигер и Мајкл Корс, што на инвеститорите им влеа надежи дека тој ќе може и Астон Мартин да го претвори во профитабилна марка. Тој е воедно и голем заљубеник во автомобилизмот и во 2018 година го купи банкротираниот Ф1 тим на Форс Индија. Тој прво го преименуваше тимот во Рејсинг Поинт, а потоа во 2021 година, во Астон Мартин. Неговиот син Ленс вози за тимот.

Проблемите на Астон Мартин продолжија. На добавувачите им се случуваа пожари, поплави и банкротирања. Побарувачката во Кина згасна. Суперавтомобилот Валкири, вреден 2,5 милиони фунти, доцнеше две години со почетокот на продажбата. Отккао Холмарк го презеде раководењето во септември 2024 година, компанијата двапати објави предупредувања дека нема да постигне профит.

Aston Martin Valkyrie

Од стартот на берза, Астон Мартин стекна 1,9 милијарда фунти преку издавање нови акции. Компанијата во моментов вреди само малку над 1,1 милијарда фунти.

Продукцијата треба да се среди

Доаѓаат нови проблеми. САД учествуваа со четвртина во прометот на Астон Мартин во 2023 година. Тоа создава голема неизвесност, доколку администрацијата на Трамп ги исполни заканите дека ќе воведе високи царини за увоз на автомобили во земјата.

Холмарк има намера да го скуси производството, за да спречи губиток на пари од автомобили што се произведени и чекаат да се најдат купувачи за нив, соопштуваат извори што се запознаени со случувањата во компанијата.

Тој веќе соопшти дека планира бројот на испораки на возила да го скуси од претходните 10.000 возила на годишно ниво, на две илјади возила помалку. Астон Мартин ќе се посвети на главното, на кешот и на добивката, место со сила да се зголемува производството.

Британскиот производител наидуваше на проблеми и во ланецот на добавувачи, избирајќи фирми да произведуваат компоненти за возилата, што на крајот доцнеа со испорака, а Астон Мартин мораше да ги плаќа пеналите.

За да заштеди пари на развој, Астон Мартин не планира во блиска иднина да пушта нови модели. Место тоа, ќе се работи на варијанти од постоечките модели. Истото им успеа на Ламборгини, Порше и Бентли. Додека раководеше со Бентли, Холмарк имаше стратегија, на клиентите да им понуди можности да внесуваат индивидуална нота во своите возила. Во 2023 година, пред тој да замине, преку 70 проценти од автомобилите на Бентли се изработуваа по посебна нарачка, според посебни барања.

Видеото од тестот на Шкода Кодиак

Претходна објаваБМВ и Фолксваген предводат со повеќе од половина од автомобилските сегменти во Европа
Следна објаваВо јануари продадени 489 нови возила на домашниот пазар, Тојота прва

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here