Донгфенг Мејџ ќе привлекува и со цена и со изглед, наскоро на македонскиот пазар

Увозникот АБЦ Брадер ја потврди цената од 25.900 евра за Мејџ, според Донгфенг тоа е клучен модел за ширењето на светскиот пазар

Донгфенг направи историска серија со моделски погодоци на македонскиот пазар, што последно доведе до тоа кинески производител да продава суверено во ценовен сегмент од 30.000 евра, со Фортинг Т5 Ево, што се појавува од секој агол. Во меѓувреме има и лимузина со најдостапна цена, па и електричен автомобил за малку над 20.000 евра. Мејџ се спомнуваше уште лани, наскоро и тој почнува со продажба.

Мејџ е следниот новитет од кинескиот производител Донгфенг на нашиот пазар, што е несомнено дека ќе продолжи да освојува симпатии за неговите марки, но секако и купувачи. Тоа е СУВ-модел што со техниката припаѓа во компакт класата, меѓутоа со димензиите и со просторноста недвојбено зафаќа во средната класа.

Мејџ официјално е модел на марката Еолус, дел од Донгфенг, што лани имаше премиера на македонскиот пазар, со лимузината Шајн, во моментов најдостапен модел со традиционалната и сакана каросериска форма кај нас. Видеото од тестот на Шајн во меѓувреме има блозу 10.000 прегледи на каналот на Аутомедиа МК на јутјуб.

За големината на новиот модел најдобро ќе послужи Фортинг Т5 Ево, модел од сосем друга марка под покривот на Донгфенг. Мејџ е долг 4,65 метри и со тоа е десетина сантиметри подолг од Т5, со 1,91 метар е поширок пет сантиметри, меѓутоа е шест сантиметри понизок, затоа што е осмислен како модел со подинамична појава. Може да се очекува изненадување и во просторноста, каде што Т5 е шампион во споредба со веројатно кој било модел од европска продукција. Мејџ мери 2,78 метри меѓу двете оски, што е шест сантиметри плус во споредба со Фортинг.

Името Мејџ треба да потсетува на Имагинација, но може некој ќе препознае и Меџик

Кинезите се одлично поставени во поглед на видовите погон, па Донгфенг Мејџ во почетокот ќе биде достапен со класичен погон, со бензинец без каква било електрификација. Новиот СУВ на Кинезите се произведува и во изведба со приклучен хибриден погон, а секако и во целосно електрична изведба.

Како основа служи сосем нова платформа. Производителите од Кина сервираат малку информации околу своите модели, барем што се однесува до информациите што доспеваат до тука, така што ќе треба да се причека премиерата, што следи за неколку седмици, за сите поединости да бидат разјаснети.

Моторот е турбо-бензинец од 1,5 литар со моќност од 204 КС и вртежен момент од 305 њунтметри при 2000 вртежи. Менувачот е автоматски со двојна спојка и 7 степени на пренос, производ на специјалистот Гетраг. Според кинеската норма, потрошувачката е 7,2 литри.

Мошне убедлив податок што навестува добри возни својства и комфор е мултилинк задната оска. Според податоците од страната на производителот, Мејџ користи тркала од 20 инчи, со гуми 235/50. Засега останува резерва, дали моделот за македонскиот пазар ќе поседува ваков раскошен формат на тркала – затоа што цената што веќе ја потврди увозникот АБЦ Брадер, изнесува 25.900 евра.

Според Донгфенг, Мејџ донесува високи перформанси и единствен изглед. Напред се забележува маска во форма на латинично В, што е главен белег на дизајнот на марката Еолус. Одлика на дизајнот е линијата на покривот што рамно се спушта наназад. Згоден детал е тоа што рачките на вратите се впуштени.

Во внатрешноста, исто така се забележува шема што е позната од Еолус Шајн, меѓутоа истата е унапредена кај Мејџ. Првото што се забележува е исправениот средишен дисплеј од 13,2 инчи. Со тоа одат и дигитални инструменти од 10,2 инчи. Сите моделски изведби располагаат со елеткрично отворање на багажникот и клуч што користи блутут.

Донгфенг напоменува дека Мејџ е „важна пресвртница во стратегијата за освојување на светскиот пазар“. За тоа да се случи, многу се внимавало на дизајнот, како и на опремувањето на возилото. Различниот и впечатлив дизајн е очигледен, тоа што не се гледа е изобилството од системи за асистенција, што меѓу другото овозможуваат и автономно возење од 2-ро ниво.

Неколку ставки од опременоста:

  • Автоматско долго светло
  • Сончев покрив
  • Пристап и старт без клуч
  • Електрика за возачко седиште
  • Безжичен полнач за телефон
  • Собирање на надворешни ретровизори
  • Автоматски клима уред
  • Полнач за телефон назад од 60 вати
  • Камери во 360 степени
  • Приспособлив темпомат

Видеото од тестот на Фортинг Т5 Ево Хибрид

Претходна објаваФолксваген ќе развива нови батерии во Кина
Следна објаваБМВ и Фолксваген предводат со повеќе од половина од автомобилските сегменти во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here