
Тоа беше сосем очигледно, но пак требаше да се спомне. Главниот салон на Киа во Македонија е најголемиот и најпретставителен објект на марката на Балканот.
Новиот центар на Киа ја покажа сета грандиозност при свеченото отворање пред два месеци. Просторот полн со гости, рефлектори, шампањ, весело и позитивно. Реалноста изгледа уште поубедливо, кога сега ќе се влезе во салон и ќе се погледне како сé што претходно било осмислено во дигитална форма, со спокојни клиенти дојдени во своето „трето дома“, се претвора во една досега невидена слика на нашата автомобилска сцена. Разговор со генералниот директор на Премиум Брендс, Владимир Билбилов, за промените што се многу посуштински од убавиот изглед.
Салонот на Киа изгледа импозантно и самиот претставува најдобра реклама што корејската марка ја имала кога било досега на македонската сцена. Тоа што се гледа е само дел од приказната. Менаџментот предводен од генералниот директор на Премиум Брендс, господин Владимир Билбилов, во вистинско време и на вистински начин ја искористи шансата со промените што се случуваат во целата бранша и вложи во објект, што на Балканот на најдобар начин ја претставува марката. Тие што се главни, сепак се клиентите.
Аутомедиа: Господин Билбилов, кога почна да се создава оваа модерна палата на Киа?
Владимир Билбилов: Идејата се роди откако Киа во 2021 година најави комплетно ребрендирање. Така почна целиот процес. Киа го смени логото. Нормално е за секој бренд, по одреден период да се редизајнира логото. Меѓутоа, не беше сменето само логото, Киа го смени и идентитетот на брендот, во смисол на тоа што брендот го претставува. Киа повеќе не е марка што нуди „value for money“, тоа време заврши. Киа сега дефинитивно е бренд, којшто покрај тоа што нуди врвен квалитет и гаранција, сега нуди и лајфстајл. Ова ниво е далеку над тоа што било некогаш. Ние како дистрибутери на брендот се држиме на ниво што претставува разумен, висок оптимум. Меѓутоа, Киа за цената пак нуди највеќе. Не е повеќе „value for money“, туку е најмногу за таа цена.

Тоа што се гледа во центарот навистина ги поместува мерилата на домашната автомобилска сцена во целина, но кои се приказните што стојат зад ова?
Не е само логото и не е само околу идејата или начинот како ние го замислуваме брендот. Визуелно, целата инфрастуктура, сосем е сменета. Ова е веќе друго ниво. Тоа се забележува уште од влезот. Секој дистрибутер на Киа има обврска да го преадаптира примарниот салон, во кошто биле применети стандардите од претходна фаза. Тие се нарекуваат ред бокс – стандарди. Ние увидовме дека постоечкиот објект повеќе не ги задоволува, ниту ентериерните, ниту екстериерните критериуми. Од друга страна, не бевме условени да инвестираме во постоечкиот салон. Наша среќа е тоа што располагаме со доволна инфрастуктура, со објекти што може да се адаптираат. Проектот е изработен локално, во Македонија, согласно стандардите на Киа. Истиот проект е верификуван и конфирмиран од страна на Киа Европа и фирмата Емоушн, што е задолжена за примената на стандардите на Киа на светско ниво.
Проектот лично го однесов во централата на Киа Европа во Франкфурт, Германија, од каде што ни дадоа зелено светло, со коментар дека досега никој на Балканот нема поднесено такво барање. Интуицијата ме водеше во таа насока. Го искористив моментот и за време на годишниот состанок на европските дистрибутери во Франкфурт, во септември 2022 година, настапив со идејата, уште пред принципалот да ни даде задача. Ние им дадовме предлог. Објектот според габаритите е најголем од ваков вид, но и најатрактивен во поглед на внатрешното уредување. Изработивме и комплетни мокапи, рендери на постоечкиот изглед на ентериерот и ги имплементиравме новите стандарди. Излегоа фантастични резултати. Со тоа го постигнавме нивото од коешто почнавме да работиме на реализација на проектот.
Чувството кога ќе се влезе во салонот е како човек низ вратата да влегува директно од улица Перо Наков во најпретставителните германски или шведски салони за автомобили. Како го постигнавте тоа?
Сé што е внатре и сé што е вградено, ентериерот и екстериерот, ништо не е локално. Сé е произведено кај производители што се конфирмирани и ангажирани од страна на Киа Европа. Тоа се фирми што работат исклучиво според стандарди. Ова е стандардизирано, не е прилагодено, во смисол, „да направиме да изгледа исто“. Површините што се во кафена боја, симулираат природа, нешто еколошко. Не е класика со произволни бои. Според стандардите на Киа, тоа се нарекува „Инфинити луп“. Бесконечен круг.
Врз основа на рендерот што го изработивме, следеше целосен проект и изработка според егзактни димензии. Сите компоненти во ентериерот се изработени егзактно за објектот. Пристигнаа архитекти од специјализирана компанија во Чешка, којашто од страна на Киа Европа е сертифицирана да произведува ентериери за салоните на Киа во Европа. Тие извршија целосен премер на салонот. Изгледот каков што ние го замисливме, тие го проектираа со егзактни димензии, согласно просторот. Проектот беше завршен за само неколку недели. Потоа следеше производство на сите компоненти од ентериерот, целосно. За еден месец, производство заврши комплетно. Сé е според лего-систем.

Во меѓувреме се работеше на сите неопходни конструкции, потконструкции, подготовки. Потоа ни беше потребна екипа да ги вгради пристигнатите компоненти. Ангажиравме наша фирма-соработник, којашто состави комплетен тим од најразчилни категории, тишлери, електричари, бравари. Работеа неколку тимови, еден мултикомплексен тим, што комплетно го изведе ова за четири недели.
Работата се одвиваше беспрекорно, затоа што сé беше измерено идеално, проектирано идеално, произведено идеално. Резултатот од тоа се гледа. Очекувавме дека ќе бидат потребни повеќе корекции, излегоа далеку помалку.
View this post on Instagram
Секој агол во овие стотици метри квадратни е осветлен, температурата е пријатна, воздухот планински, како да се влегува во луксузен трговски центар. Како функцонира објектов?
Објектот го искористивме само како простор и како елементарна конструкција. Целата електрична инсталација и опрема, сите потсистеми, кабли за пренос на податоци, сé е според стандардите на Киа. Мораше сé да се проектира од ново. Вградени се преку 8 километри кабел. Комплетно се сменети вентилацијата, дотокот на свеж воздух, филтрацијата, комплетно е сменето ладењето и греењето. Ништо не е искористено од стариот простор. Сé работи на соларна енергија. Располагаме со соларни панели со капацитет од еден мегават и поврзани сме на фотоволтаичката централа за целиот комплекс, од каде што земаме струја. Сé што гледа, се напојува со струја од фотоволтаички панели.
Салонот го зрачи новиот дух на Киа уште однадвор, автомобилите внатре се забележуваат повеќе отколку претходно. Што е сменето?
Целиот излог со 18 стакла е сменет. Следен чекор е да додадеме окапници, од што градот ни е многу чист. Секој дожд ја слева насобраната нечистотија од средината, што ни се цени по стаклата. Се работи на окапници што нема да бидат видливи, за да не го нарушат изгледот на објектот.
Автомобилите секако дека владеат со просторот, тоа што се забележува е дека во салонските експонати може да се пушти контакт и да се види внатрешниот живот на моделите на Киа. Нема да се потрошат акумулаторите?
Плочките на коишто стојат автомобилите се по стандарди и сé е ново. Секое возило во салонот има точна позиција, и точно под секое возило има приклучок за еднонасочна струја, за да се прикачи на полнач и акумулаторот да се држи под напон. Секое возило е под напон, за да не се празни акумулаторот и да не фрламе акумулатори. Кога капацитетот утре ќе падне под 20 проценти, тој акумулатор не се враќа во живот, гаранцијата за него повеќе не важи.
Секој консултант за возило, има обврска при демонстрација да ги покаже функциите во возилото со вклучен контакт. Сите модели се апликативни и распоалгаат со мултимедија, со дисплеи. Како поинаку би можело да се доживеат возилата. Тоа е пред да се премине на тест-возењето. Тоа е веќе друга фаза. Во оваа фаза, презентацијата има за цел на клиентите да им се прикаже тоа што го нудат возилата, да им биде појасно кога ќе седнат во возилото.
Сите светла во салонот се сертифицирани од Киа и се производ на Филипс. Целото осветлување работи на тајмер. Точно се знае кога се вклучуваат светлата, кога се гаснат, сé е под тајмер. Да не се заморуваме со палење и гаснење.
Големите пултови среде салон изледаат како командна централа во вселенски брод. Со што ќе се командува од нив?
Во салонот се наоѓаат два дисплеи што работат на допир. Преку нив ќе може да се пристапи до конфигураторот, за клиентот да може тука да ја проба конфигурацијата и да види како ќе изгледа возилото со одредена боја или опрема, пред да седне на биро со консултатот на продажба. Софтверот го работи наша ИТ фирма, и апликациајта за кратко време ќе биде достапна за користење.
Посебен впечаток кога ќе се влезе во салон остава просторот што изгледа како дневен боравок, со клиенти што опуштено чекаат да им биде завршена услугата. Како го осмисливте сервисирањето?
Интеграцијата на постпродажбата и продажбата беше клучна тема. Тоа веќе е императив на секој импортер. Клиентот откако ќе заврши со купување на возилото, станува клиент на постропродажбата, кој по една година треба да дојде на сервис. Зошто условите на сервисот да бидат поразлични од условите на продажбата? Затоа сите подрачја веќе се на едно место. Тоа се две различни зони. Едната е постородажба, другата зона е продажбата. Меѓутоа, клиентот кога ќе дојде на сервис, тој ужива во истиот амбиент како во моментот кога го купувал возилото.
Испораката на возилата исто така е во посебна просторија. Таа просторија за испорака е изолирана, но е видлива за секој што ќе пристапи во тој дел од салонот. А, тоа е делот на постпродажбата, што значи дека секој клиент што го чека своето возило од сервис, може да го доживее чинот на испорака на ново возило.
Истото важи и додека клиентите чекаат, без разлика дали се работи за период од еден час или повеќе. Можеби некој клиент има итни обврски и во таков случај му стои на располагање возило за користење во меѓувреме. На тој начин, нема потреба за клиентот да чека во сервис, додека има неодложна работа, и може по час или два да се врати и да си го подигне своето возило.
Колку возила им стојат на располагање на клиентите?
Располагаме со две категории на возила за клиенти. Три возила се заменски при сервисирање во сервис, седум возила служат како демо-автомобили. Кој е расположен и има намера да направи пробно возење, го имаме на располагање комплетното моделско семејство, од Пиканто до Соренто.
Сервисната работилница е преселена долу и капацитетот ѝ е зголемен за 50 проценти. Тоа значи за 50 проценти повеќе работни попзиции и за 50 проценти забрзување на процесот во сервис. Квалитет на услуга, грижа за клиентот, сé е по нови стандарид, според нови процедури. Имплементацијата е сериозен предизвик. Тоа не се работи што се завршуваат преку ноќ.
Преку овие услови, само се докажува сериозноста на дистрибутерот и сериозноста на брендот, за соодветно да се постави и да ми понуди соодветна услуга на клиентот.
Отворањето на новиот центар беше шанса што не смее да се пропушти, додека Киа веќе во полн обем ја спроведува новата стратегија?
За нас повеќе е обврска, отколку шанса. Возилата веќе постигнаа висок оптимум, како критериум според којшто сакаме да ги позиционираме. Нашето дистрибутерско ниво ни дава можност да составиме пакети на опрема, какви што ние сметаме дека се најадекватни за нашиот пазар. Ние во меѓувреме се ребрендиравме како компанија и сме Премиум Брендс, со неколку имплементирани брендови. Најголемиот дел ѝ припаѓа на Киа, меѓутоа тука е и Волво. Ни останува простор за некој иден бренд, што може да влезе во состав на оваа групација на премиум брендови, и затоа името е универзално. Тоа не дефинира бренд, туку вид на бизнис. Тоа е идејата зад Премиум Брендс.
Возилата веќе се докажани од аспект на квалитет, доверба, присутност на пазарот. Годинава одбележуваме 20-годишнина. Но, од друга страна, тој стандард што ние сакаме да го наметнеме преку продуктот и да го понудиме на клиентот, наметнува стандарди и за работењето. Не може денес да се работи во вонстандардни услови, што веќе се застарени, а да се нудат актуелни стандарди во возилата, што веќе не се само европски, туку и светски.
На секоја страна се забележува по некој полнач. Што им се нуди на клиентите со електрични возила?
Поставивме дури четири полначи. Не тврдам дека можеби сме претерале, но знам дека електрификацијата не можеме да ја занемариме како фаза. Дали таа ќе се случи побавно или побрзо, решаваат различни фактори. Меѓутоа, тој е потенцијалот. Имаме можности, имаме потенцијал, а тоа производство на електрична енергија, Напред имаме два полначли од по 22 кВч, со два конектори на коишто можат да полнат два автомобили со по 11 кВч. Полначите се програмабилни и може секој да си купи струја. Независно од тоа, полнач за електрични автомбоили е поставен во самиот сервис, каде што посебно можат да се полнат демо-возилата, а полнач има и во просторијата за испорака, така што покриени сме од сите страни.
Ве бараат клиенти уште во стариот салон?
Имплементацијата и реконструкцијата траеја близу една година. Ние работевме паралелно на двете места и во моментот кога се отвори новиот салон, направивме преод од две недели, На тој начин постигнавме да нема затворање на старата локација и отворање на новата локација. Секако значи и тоа што двете локации се оддалечени стотина метри. Неосетно го спроведовме преодот и на 22-ри декември беше официјализирано отворањето на новиот центар.
Клиентите ќе стекнат впечаток дека Киа работи посветено и на нашиот пазар, дека се работи буквално по стандарди како во која било поразвиена земја. Производителот не се разликува, тоа значи дека и услугата и условите не треба да се разликуваат. Тоа е пораката што сакаме да ја испратиме до сите наши сегашни и идни клиенти. Не е целта клиентот да купи кола и да си замине, туку напротив, ние сакаме тој да се врати, сакаме клиентите да ни бидат задоволни од поседувањето и сервисирањето на возилото.
Новиот центар го засега секој што вози Киа?
Секој што вози Киа на одреден начин е позициониран да не се чувствува како повеќето. И претходно сме работеле нестандардно како за мал пазар. Меѓутоа, вредноста на возилата кај нас и на кој било поразвиен пазар со применети стандарди, не е различна, вредноста е идентична. Што се разликува? Стандардите на работењето, условите на работењето. Тоа кај нас веќе не е случај. Ние во претходната фаза имавме стандарди што веќе ги надминавме, во оваа фаза ги применуваме тековните стандарди и меѓу првите сме на Балканот што ги имаат применето. Тврдам дека сме со најголем центар на Киа на Балканот, од Љубљана до Белград.
Ние, дистрибутерите, сме тие што ја даваат услугата кон клентите и тие преку нас го доживуваат брендот. Па, како тогаш ние ќе им објасниме што е брендот, ако ние истиот го деградираме или не применуваме стандарди, туку само им велиме дека ова е брендот. Искрено се чудам како може некои брендови да дозволуваат таков начин на работа. Тоа директно удира врз имиџот на брендот. Тоа не е вина на производителот, туку на импортерот.
Колку овој репрезентативен објект ќе влијае да се зголеми продажбата на Киа на македонскиот пазар?
Продажбата на Киа на македонскиот пазар расте секоја година и задоволни сме од тоа што привлекуваме сé повеќе клиенти. Растот на продажбата зависи од сé, најмногу од големината на пазарот во моментот. Ние како импортери се трудиме да освоиме колку е можно поголем пазарен удел. Тоа е нашето учество на пазарот. Здрава конкуренција води кон тоа да се работи подобро отколку во минатата година.
Каде јас гледам можност за повеќе? Брендовите ги произведуваат автомобилите. Брендот го произведува истото возило, и за тука, и за друг пазар што е поразвиен од нашиот, значи станува збор за идентично возило. Клиентот на Киа во Македонија, не купува само бренд и модел на тој бренд, туку со тоа ја купува и услугата. Во тоа лежи разликата. Кај мас-брендовите, возило во просек се вози по 7 години. Тоа значи дека клиентот треба седум години да живее во одредени услови околу автомобилот, да се дружи со луѓето во постпродажбата. По одредено време, клиентот ќе има потреба да го смени возилото, а наш интерес е клиентот да биде задоволен и да ни стане лојален. Тоа се дополнителните вредности на услугата, што ние ќе ги обезбедиме преку од овој калибар. Тука е разликата. Тие услуги, клиентот ќе ги добие во новиот центар. Јас се надевам дека повеќето луѓе што го ценат тоа, ќе се решат да возат Киа.















