Канадските возачи на Тесла се срамат од марката што ја возат, поради Илон Маск

Клубот на обожуватели на тесла на Стефан Паскалон ги спојува сопствениците на електрични возила Тесла, кои некогаш се гордееја на својата марка, но таа гордост сега се претвори во срам. Клубот планира на членовите да им подели стотици налепници, за тие да се дистанцираат од извршниот директор на Тесла, Илон Маск.

Клубот неодамна спроведе анкета меѓу своите членови, којашто покажа дека околу 80 проценти од анкетираните сакаат да се дистанцираат од Маск, контроверзен шеф на Тесла и советник од висок ранг на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Околу 50 проценти од членовите не сакаат да учествуваат во јавни собири со возила Тесла, кажа во интервју Паскалон, претседател на клубот на Тесла од Квебек.

„Тие порано беа посебно горди на својот автомобил, но сега гледаме дека потезите на Илон Маск навистина ги раздвојуваат луѓето, така што денес не е едноставно да се биде горд на тоа што се вози Тесла,“ кажа Паскалон. На налепниците што неговата група планира да ги дистрибуира се наоѓа лого на Тесла во зелено срце, додека името Илон е напишано на знак стоп.

Маск е еден од најбогатите луѓе во светот и беше вмешан во низа контроверзи, вклучувајќи и поздрав што своевремено го користеа Нацистите, за време на инаугирацијата на Трамп. Тој понатаму искажа јавна поддршка за крајно десничарката Алтернатива за Германија, а се обиде и да пристапи до чувствителни податоци на милиони жители во САД, во неговите обиди да ги скуси трошоците на властите. Штетното влијание на могулот на електричните автомобили се чувствува и во Канада.

Пакалон има изнаслушано бројни поплаки од 1.700-те членови на клубот, вклучувајќи покажување среден прст кон возачите на Тесла или заканувачко однесување при возење, поради гневот што го создава Маск. Четири проценти од анкетираните не планираат следниот електричен автомобил да биде Тесла, а има и возачи што размислуваат да го продадат своето возило.

На мета се локациите на Тесла во Ванкувер

Полицијата во Ванкувер објави на 12-ти февруари дека го истражува случајот со вандалското однесување кај дилер на Тесла, на чијшто објект ноќта меѓу 8-ми и 9-ти февруари беше нацртан графит со понижувачка симболика упатена кон Маск. Објавата на мрежата Редит со слика од графитот доби поддршка од илјадници корисници.

На протестите што се закажани на 15-ти февруари, една од целите е сервисната работилница на Тесла во Лангфорд, Вакувер.

Во почетокот на месецов, слични протести имаше во Холандија, кога салон на Тесла осамна во графити со свастика и антифашистички слогани, а во јануари имаше слични случувања и во фабриката на Тесла во Германија.

Можно е Канада да одговори со царини за Тесла

Тесла се најде на тапет и пред канадските политичари, кои предлагаат да се воведе царина од 100 проценти за возилата на Тесла. Според првичните податоци, во минатата година во Канада биле продадени 44.950 возила Тесла или 21,8 проценти повеќе отколку една година претходно.

Познавачите стравуваат дека присуството на Маск во Тесла може да влијае негативно врз целата електромобилност во светски рамки.

Претходна објаваМазда вложува 150 милиони долари во фабрика за електрични автомобили во Тајланд
Следна објаваНовиот шеф на Пежо се залага за перформанси

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here