Мицубиши се држи настрана од спојот на Хонда и Нисан, сака да остане независен производител

Извршните директори на Хонда, Нисан и Мицубиши на конференцијата за медиуми на 23-ти декември објавија дека планираат да се соединат во холдинг.

Со овој чекор, корпорацијата Мицубиши Моторс ќе продолжи да котира како посебна единка на берзата, надвор од холдингот што во минатиот месец го најавија компаниите Хонда Мотор и Нисан Мотор. Тоа го објави јапонскиот дневен весник Јомиури, повикувајќи се на неименувани извори.

Мицубиши одговори со соопштение, во коешто се наведува дека компанијата уште ги разгледува сите можности и дека уште не е решено конечно. Во истото се напоменува и дека написот во дневниот весник „не е објавен од Мицубиши.“

Извршниот директор на Мицубиши, Такао Като, кој беше на бина заедно со своите колеги од Хонда и Нисан при објавата за спојувањето на 23-ти декември, тогаш кажа дека неговата компанија до завршетокот на јануари ќе реши дали ќе учествува во големото спојување. Нисан е најголем акционер во Мицубиши.

Во почетокот на месецов, зад кулисите на Токио Ауто Салон, Като им соопшти на новинарите дека одговорот на Мицубиши ќе зависи од тоа какви ќе бидат понатамошните поединости што ќе се договорат околу спојувањето на Хонда и Нисан.

Тој кажа дека преку поголемата соработка меѓу компаниите ќе се подобрат ефикасноста и конкурентноста во позитивна насока. Но, тогаш уште беше премногу рано за да се оцени колку ќе бидат корисни синергиските ефекти, кажа тој.

„Поради тоа, во овој момент, не сме во положба да кажеме дека ќе преземеме проактивни чекори,“ соопшти Като. „Ценам дека нема потреба да спомнуваме дека и менаџментот треба да се интегрира.“

Мицубиши е мала единка како самостоен производител на автомобили

Мицубиши треба да ги објави деловните резултати од третиот квартал на 3-ти февруари, кога се очекува да се соопшти и конечното решение. Се најавува дека Като ќе присуствува на објавувањето на финансиските резултати.

Враќањето на самостојноста ќе претставува огромен предизвик за Мицубиши, во време кога глобалните производители на автомобили ги здружуваат силите за да постигнат поголем волумен и да ги поделат трошоците за развој. Мицубиши е меѓу помалите играчи од Јапонија и продава помалку од еден милион возила годишно.

Веројатно последниот автомобил со цена што уште се пишуваше со четири бројки. Тестот на Спејс Стар во 2020 година

Тест: Mitsubishi Space Star 1.0 Entry

При објавувањето на историскиот договор, извршниот директор на Хонда, Тошихиро Мибе, и неговиот колега од Нисан, Макото Учида, кажаа дека целта е да се прерасне во „компанија за мобилност од светска класа“, со промет од близу 191 милијарди долари и оперативна добивка од преку 19 милијарди долари.

Хонда и Нисан треба да го финализираат договорот до јуни и да основаат холдинг компанија до август 2026 година. Тие планираат во меѓувреме да ги понудат акциите во новиот ентитет на јавно наддавање, доколку претходно добијат одобрение за тоа на вонредниот состанок на акционерите во април 2026 година. Хонда и Нисан повеќе нема да котираат посебно на берзата во Токио и ќе станат подружници на новата холдинг компанија.

Вкрстените холдинзи на Нисан со Мицубиши и Рено го усложнуваат спојувањето

Вкрстените акции на Нисан во Мицубиши и Рено можат да ги комплицираат преговорите.

Во рамките на тековното внатрешно реструктурирање и во плановите за возобновување, Нисан го продава својот удел во Мицубиши. Во ноември, Мицубиши откупи дел од учеството на Нисан, што во тоа време изнесуваше околу 10 проценти од преостанатите акции во Мицубиши. Компанијата за трговија Мицубиши Корпорејшн е другиот голем акционер во Мицубиши Мотор, што поседува околу 20 проценти од акциите.

Доколку Мицубиши остане независен, холдинг компанијата на Хонда и Нисан на крајот пак ќе поседува удел во Мицубиши, иако тој ќе биде значително помал од тековниот холдинг на Нисан.

Во меѓувреме, Нисан и Рено вршат ребаланс на своите крос-холдинзи за да задржат по 15 проценти од акциите. Остатокот од својот удел од 43 проценти, Рено го продава на труст.

Синергијата меѓу Хонда и Нисан ќе значи продажба на 7,2 милиони возила на светскиот пазар. Мицубиши на тоа би додал 895.000 возила, што вкупниот обем ќе го зголеми на преку 8 милиони.

Корпорацијата Тојота Мотор, за споредба, во фискалната година што заврши на 31-ви март, продаде рекордни 11,09 милиони возила, со што продолжи да го зацврстува своето место како најголем производител на автомобили во светот. Во таа бројка, дури не се вклучени продадените возила од соработките на Тојота со Субару, Мазда, Сузуки и Исузу.

Претходна објаваЕлектричниот Фолксваген „Пасат“ мина 941 километри без дополнување
Следна објаваЕ-Класата на Мерцедес-Бенц е најбезбедниот автомобил на тест во Еуро НЦАП лани

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here