
Фолксваген ИД.7 Про С, модел од класата на Пасат, со целосно електричен погон, уште еднаш се докажа со штедливоста. Не трошат сите електрични автомобили исто.
Фолксваген уште еднаш увери во ефикасноста на својот електричен модел од средната класа, ИД.7, којшто со големината и зрелоста одговара на легендарниот Пасат. На кружната патека во Нардо, Италија, стандарден ИД.7 во изведбата Про С со 286 КС и со батерија од 86 кВч нето, возеше 941 километри. Тоа е за 232 километри повеќе, односно за 32,7 проценти над фабричкиот податок за просечната потрошувачка.
Секако дека тоа не е постигнато во вистински услови на возење, меѓутоа резултатот ќе ги израдува познавачите на електричниот погон и воопшто љубителите на автомобилизмот, кои се радуваат што сведочат на ова време на пробивање на електромобилноста.
Просечната потрошувачка на енергија изнесуваше само 9,2 киловатчасови на сто километри. Тоа е исклучително ниска потрошувачка според мерилата на електричниот погон. За најдобра претстава, таа потрошувачка е иста со енергијата што се ослободува при согорување приближно еден литар дизел.

Намерата на фабричкиот тим со овој потфат беше да се прикаже вистинската ефикасност на погонот на ИД.7 Про С
Податокот е веродостоен и поради фактот што возењето беше извршено во декември, при температура од 5 до 15 степени Целзиусови. Кругот за тестирање со умерени брзини е долг 12,5 километри и овозможува симулирање на сценарија во возење што се споредливи со секојдневието. Просечната брзина изнесуваше 29 км/ч, што за споредба е повеќе од просечната брзина во скопски сообраќај. Според ТомТом, најбавно се вози во просек во Хамбург (22 км/ч), а најбрзо во Амстердам (31 км/ч).
За ниската потрошувачка секако дека е заслужен и нискиот отпор на воздух, со коефициент 0,23 цВ. Погонскиот модул се води под ознаката AПП550 и вграден е во самата задна оска. Вртежниот момент достигнува 545 њутнметри, моќноста е 210 кВ, односно 286 КС. Спринтот трае 6,6 секунди.
При соодветно брз полнач, ИД.7 постигнува моќност на полнење до 200 кВ, што значи дека за 10 минути ќе наполни енергија за 242 километри. До 80% би траело 26 минути.
Во моментов Фолксваген добива повеќе нарачки за ИД.7 отколку за Пасат. По скопските улици, патем, веќе подолго време може да се забележи дека ИД.7 се има придружено во возниот парк на такси компанијата Плава Лагуна, каде што возењето на струја одамна е стандард.















