Бразил одбива да издаде визи за работниците во фабриката на БИД

Најголемиот производител на електрични автомобили во Кина, БИД, има намера да отпочне со производство во Бразил во почетокот на следната година, со првичен капацитет од 150.000 возила годишно.

Бразил престана да издава привремени работни визи за БИД, соопшти Министерството за надворешни работи на 28-ми декември, поради обвинувањата дека дел од работниците на градилиштето што го поседува кинескиот производител на ЕВ се жртви на трговија со бело робје.

Соопштението следи по неколку денови откако инспекторите за труд објавија дека пронашле 163 работници од Кина, кои биле донесени да работат во Бразил во услови „налик на ропство“, во градилиштето на идната фабрика на БИД во северозападната држава Баија. Вработувач е договорната компанија Џинџианг Груп, којашто смета дека не направила прекршок.

Властите подоцна објавија дека работниците биле жртви на трговија со бело робје. Според Министерството, работниците влегле во Бразил со привремена работна виза.

Фабриката стана симбол на растечкото влијание на Кина во земјата од Јужна Америка и пример за зближувањето на односите меѓу двете земји. БИД вложи 620 милиони долари само за изградбата на фабричкиот комплекс во Баија.

Бразил е најголемиот прекуокеански пазар за БИД. Компанијата не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар околу решението на Министерството.

Кинескиот производител на електрични автомобили соопшти дека намерата е производството во Бразил да стартува во почетокот на следната година, со капацитет од 150.000 возила годишно.

Бразилското министерство за правда во посебна објава соопшти, дека во случај истражителите да потврдат неправилност во фабриката на БИД, ќе ги повлече дозволите за престој што им ги издало на кинеските работници.

Министерството за правда уште на 20-ти декември испратило барање до Министерството за надворешни работи, да престане со издавање привремени визи за БИД, три дена пред да бидат објавени наодите на властите.

Наредбата понатаму била испратена до амбасадата на Бразил во Пекинг, кажуваат извори.

Во објава на друштвените мрежи во четвртокот, споделена од претставник на БИД, Џинџианг Груп ги негирала обвинувањата од страна на бразилските власти околу условите за работа на градилиштето во Баија.

Договорниот партнер соопшти дека прикажувањето на работниците како „робови“ било неточно и дека постојат недоразбирања во преводот.

БИД и Џинџианг Груп се спогодија да им помогнат и да ги вдомат 163-те работници во хотели, додека не се постигне спогодба околу завршетокот на нивните договори за работа, објави бразилското државно правобранителство за работа во соопштението во четвртокот, по средбата со претставници од двете фирми.

Близу една петина од автомобилите што БИД ги продаде надвор од Кина во првите 11 месеци од 2024 година биле испорачани во Бразил.

Претходна објаваОсаму Сузуки, кој го водеше јапонскиот гигант подолго од четири децении, почина на 94 години
Следна објаваМеѓу најголемите нарачки за камиони Мерцедес годинава: 500 Актроси за литвански Финејас

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here