
Со испорачани близу 6.600 возила до последниот месец од 2024 и со просечна месечна продажба од неполни 600 возила, сосем е извесно дека годинава ќе биде рекордна во бројот на продадени нови автомобили – по кобната 2010 година.
Една од малкуте добри вести годинава е тоа македонските возачки и возачи се подновиле со повеќе автомобили од кога било досега, гледано од 2010 година наваму. Според неофицијалната и многупати оспорувана, но единствена статистика што е достапна за продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар, годинава во Македонија се продадени 6.658 автомобили до ноември, што е за близу 36 проценти повеќе од истиот период лани.
Во бројката учествуваат 5.617 патнички автомобили и 951 лесни товарни возила. За споредба, од јануари до ноември лани биле продадени 4.838 лесни моторни возила, од кои 4.213 патнички автомобили и 625 лесни товарни возила, односно доставни возила. Според тоа, годинава имаме раст од преку 33 проценти кај едните, односно дури 52 проценти кај вториве. Ако се оди според правилото за поврзаноста на лесните товарни возила со економијата, тогаш и таа напредувала.
Скромната статистика се сведува само на најпродавани марки и најпродавани модели, без подробности, како во поглед на видот на погон, продажбата на приватни лица или набавка на службени возила и други критериуми. Според неофицијални информации, во ноември 2024 година се продадени 452 патнички автомобили.
Најпродавани марки на патнички возила во ноември 2024:
- Шкода: 66 возила
- Тојота: 56 возила
- Фолксваген: 38 возила
- Ситроен: 37 возила
- Хјундаи: 32 возила
- Киа: 28 возила
- Пежо: 20 возила
- Мерцедес: 15 возила
Кај доставните возила, најпродавани марки во ноември годинава се:
- Фиат: 26 возила
- Ситроен: 7 возила
- Мерцедес: 7 возила
- Фолксваген: 7 возила
Во отсуство на какви било подетални податоци во поглед на продажбата на возила, врз основа на коишто би можеле да се изведат барем основните заклучоци околу пазарните движења, може само да се претпостави причината што доведе до ова зголемување во продажбата на возила.
Во воведот беше спомната 2010 година, кога беа укинати сите законитости околу увозот на користени возила. Тоа што пазарот го стекна во овие близу 15 години е искуството, дека луксузен користен автомобил од увоз, со сомнителна исправност, не може да замени нов и разумен автомобил.
Од каде силниот раст во продажбата на нови автомобили?
Луксузните користени автомобили од увоз што се стари најмалку деценија и пол, што и покрај сета мрсна заработка што ја постигнуваат препродавачите на автоплацевите за користени автомобили, мамат како подобар избор покрај новите автомобили од градската или компакт класата од големоволуменските марки, освестија многумина што се „изгореа“ од таквиот избор, кога се уверија во скапите поправки, што буџетот не може да го дозволи. Таа вистина се осознава најдобро кога ќе се погледнат ридиштата од автомобилски отпади, што изникнаа веднаш штом се излезе од градовите.
Во очекување на податоците за најпродаваните модели во ноември, секако и тие неофицијално.















