Новите достапни модели ги вратија електричните автомобили во трка

Ситроен е-Ц3 е во трка за насловот на Автомобил на 2025 година во Европа

Првите електрични модели со цена под 25.000 евра од европско производство, Ситроен е-Ц3 и Рено 5, почнаа да фаќаат залет, покажуваат првичните податоци од Датафорс.

Рено 5, еден од новите електрични модели што се чекаа со нетрпение, не само поради цената, туку и поради култното име, се најде на 11-то место по продажбата на возила со овој вид погон во Европа, во ноември. Продадени се 4.099 возила, што е околу четирипати повеќе од октомври, откриваат првичните податоци што ги објави агенцијата Датафорс и во коишто се опфатени 97 проценти од пазарот во ЕУ, ЕФТА и ОК.

Рено 5 почна да се забележува и општо во продажбата во сегментот на градските модели, вклучувајќи ги сите видови погон. Уште еден новак, кинескиот МГ3, што доаѓа во нова генерација, постигна 3.558 продажби и со тоа заостанува зад Р5. Тоа што Рено нуди два модели во истата класа, електричниот Р5 и класичниот (и хибриден) Клио, не оди на штета на едниот или другиот модел. Клио беше втор најпродаван модел во класата, со 16.645 возила.

Со ретро-стил, Рено 5 во Франција чини околу 26.000 евра, во изведбата со батерија од 40 кВч и електромотор со 120 КС. Основниот модел со 95 КС ќе биде понуден наскоро и тој ќе чини под 25.000 евра.

Уште повеќе ветува новиот електричен модел Ситроен е-Ц3, којшто подзаостана со почетокот на продажбата, затоа што производителот реши да го доработи софтверот во возилото, пред да го пушти стратешки клучниот модел. Електричната изведба на Ситроен Ц3 – што сосем очекувано привлече огромно внимание на сцената и неодамна беше на тест во Аутомедиа – во Франција чини малку над 23.000 евра, и во минатиот месец се продаде во 2.378 примероци. Уште едно важно поглавје допрво претстои: В година доаѓа уште подостапна изведба што ќе чини под 20.000 евра.

Видеото од тестот на Ситроен Ц3

Рено 5 и Ситроен е-Ц3 помогнаа продажбата на ЕВ во сегментот на градските модели во ноември да се зголеми за повеќе од двојно во споредба со лани. Во ноември се продадени 11.091 електрични возила од градската класа, наспроти 5.830 возила во истиот месец лани. Најголемиот удел во тој раст го имаат токму двата нови модели, Ситроен е-Ц3 и Рено 5.

Липмотор Т03, малечок електричен модел од новата соработка на концернот Стелантис во Кина, во ноември се најде на 6-то место во продажбата во својот сегмент, со продадени 295 возила.

Тесла Ипсилон го задржа првото место во продажбата на ЕВ

Иако продажбата на целосно електрични возила опадна во споредба со ланскиот ноември, извесно е дека пазарот на ниво на цела година ќе биде во мал раст. Ноемвриската продажба е намалена за 0,4 процент, односно од јануари до ноември, пазарот е 1,4 процент во минус, во споредба со лани.

Тесла Ипсилон пак е најпродаван електричен автомобил воопшто, со 17.370 возила во ноември. Во октомври водството го презеде Шкода Ениак. Чешкиот СУВ на струја е на 2-то место, со 8.857 продажби, следи Тесла 3 со 7.315 возила.

Фолксваген има три модели во Топ 10. Четврти најпродаван модел со електричен погон во ноември е СУВ-моделот од средната класа ИД.4, со 6.394 продажби, лимузината од средна класа ИД.7 е шеста, со 5.184 возила, додека компактот ИД.3 е деветти со продадени 4.134 примероци.

Во категоријата на приклучен хибриден поогон, голем раст постигнаа Фолксваген Тигуан, серијата 5 на БМВ, Мерцедес Е-Класа

Приклучните хибриди во ноември изгубија 7,8 проценти од пазарот во истиот месец лани, односно 4,7 проценти во споредба со 11 месеци лани. Тоа е помал пад отколку што се очекуваше.

Волво ИксЦ 60 и натаму е најпродаван модел со ПХЕВ погон во Европа, со 5.674 возила во ноември, што е за 30 проценти над ноември лани. По него е Фолксваген Тигуан, со раст од 171 проценти и продадени 4.667 возила.

Меѓу останатите модели во Топ 10 што се позабележани, се најде серијата 5 на БМВ, со продадени 2.288 возила и раст од 340 проценти од лани, додека соперникот во сегментот на вишата класа, Мерцедес-Бенц Е-Класа, го заврши месецот на 10-то место, со продадени 2.084 возила и раст од 193 проценти.

Ситроен е-Ц3 и Рено 5 го раздвижија сегментот на градските модели, додека БИД Сил Ју турка во сегментот на големите СУВ

Дебито на Ситроен е-Ц3 и Рено 5 донесе голем раст во сегментот на градските автомобили, којшто постигна раст од 7,4 проценти во ноември и 3,4 проценти за 11 месеци.

Друг сегмент со огромен раст во ноември се компактните СУВ, што ја зголемија продажбата за 8,2 проценти на ниво на месец и 0,6 проценти до ноември. Следат големите СУВ, со раст од 33 проценти во ноември, односно 10 проценти во досегашниот тек на годината.

Растот кај големите СУВ го донесе БИД Сил Ју, којшто го предводи сегментот со 2.271 возила. За споредба, во ноември лани, кинескиот ЕВ се продаде само во 11 примероци. Дури по него следи Фолксваген Туарег со 1.475 возила, а по него е новата генерација на Тојота Ланд Крузер со 1.433 возила.

Од премиум сегментите, сјаен месец имаа малечките автомобили, предводени од 4 нови модели: Волво Е Икс 30, втор најпродаван модел со 5.563 возила; Лексус ЛБИкс, 4-ти со продадени 1.926 возила; Алфа Ромео Јуниор, на 5-то место со 1.778 возила и Мини Ејсмен, шести по продажбата со 1.185 возила. Целиот сегмент напредуваше за 38 проценти на месечно и 27 проценти на годишно ниво.

Уште два нови модели се придружија во сегментот. Ланчиа Ипсилон е на 7-то место со 890 возила и Алпин А290, електричен модел со високи перформанси, на база на Р5, со продадени 56 примероци, на десеттото место.

Претходна објаваКинеските електрични автомобили наидоа на ѕид откако ЕУ им одреди високи царини
Следна објаваДомашниот автомобилски пазар ќе ја заврши 2024 со рекордна продажба на нови автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here