Пазарната вредност на Тесла се зголеми за 570 милијарди долари поради блискоста на Илон Маск со Трамп

Фотографија: Austin Ramsey on Unsplash

Пред помалку од два месеци, акциите на Тесла се движеа во таа насока, што производителот на електрични автомобили ќе беше во загуба трета година по ред.

Меѓутоа, акциите во изминатите седум недели растеа постојано и Тесла одеднаш се најде во индексот на 500 најуспешни компании во 2024 година според Стандард енд Пур.

Како се случи оваа пресвртница?

Во компанијата ништо не е сменето. Побарувачката за автомобилите на Тесла слабее и натаму, а иднината не ветува многу. Пресвртницата се случи затоа што на инвеститорите во Тесла им се допадна умилкувањето на Илон Маск кон Доналд Трамп и неговата агресивна поддршка на политичката кампања на идниот претседател на САД. Сето тоа резултираше со доделување на неофицијална улога на Маск во администрацијата на Трамп.

Акциите на Тесла подзабавија минатата недела и изгубија 3,5 проценти од вредноста, откако во претходните две недели растеа по 12 проценти.

Иако Трамп отворено е против електричните автомобили, инвеститорите и натаму се убедени, дека блискоста на Маск до властите, ќе ѝ го олесни на Тесла патот да ја оствари замислата за автомобил што се движи самостојно. Аналитичари на Вол Стрит ги качија предвидувањата за вредноста на акциите. Тие ценат дека Белата Куќа под Трамп ќе ја промени играта во технологијата на автономни возила и дека новите власти ќе ја олеснат регулативата во корист на Тесла.

Правите линии и едноставните површини на Тесла Сајберкаб се изведени по пример на Сајертрак, затоа што извршниот директор Илон Маск цени дека „иднината треба да изгледа како иднината.“

На несигурна основа

Наспроти тоа, годинава значително се намалија предвидувањата за прометот и добивката на производителот на електрични возила за 2024, 2025 и 2026 година. Покрај тоа, уште е неизвесно дали роботското такси ќе почне да носи пари. Таа несигурност за следните неколку години, наведе некои инвеститори да се посомневаат дека огромниот раст на пазарната вредност на Тесла стои на слаби нозе.

„Постојат огромни пречки за акциите на Тесла во 2025,“ кажува Крис Ганати, директор за истражување во Виздомтри. „Тешко е да се замисли позитивно сценарио поаѓајќи оттука.“

Пазарната вредност на Тесла меѓу 500 и 600 милијарди долари се заснова врз бизнисот со електрични автомобили и со енергетика, според аналитичарот на Еверскор ИСИ, Крис Мекнели, додека остатокот се припишува на „нешта што ќе се случат“, како автономни возила и хуманоидни роботи. Пресметките на Николас Колас, соосновач на Дата Трек Рисерч, покажуваат дека повеќе од 90 проценти од вредноста на акциите на Тесла се поврзува со тоа што компанијата можеби ќе го направи во иднина.

Сличен е примерот со процените на успехот на производителот на чипови за вештачка интелигенција Нвидиа Корп. До неодамна, нивните акции беа најжешки на пазарот. Сега е ред на Тесла, иако двете компании работат во две различни сфери. Акциите на Нвидиа во моментов се 32 пати над проектираната добивка за следните 12 месеци, додека кај Тесла тие се 129 пати над проекцијата.

Стив Сосник, главен стратег во Интерактив Брокерс, кажува: „Како да ја одредиш вредноста, покрај фактот што Маск има дебели врски со идната влада? Можеш да наведеш било кој број.“

Се чини дека инвеститорите го прават точно тоа. Пред претседателските избори во САД, акциите на Тесла на годишно ниво изгубија 2,3 проценти од вредноста. Од изборите наваму,тие пораснаа за 73 проценти, односно на ниво на цела 2024 година, вредноста им е 69 проценти над лани. Тоа значи дека производителот на електрични автомобили, за помалку од два месеци ја зголемил пазарната капитализација за 572 милијарди долари и достигна 1,4 билион долари, иако ништо значајно не е сменето во компанијата.

Тоа е огромна разлика, посебно кога ќе се земат предвид ризиците со коишто Тесла ќе се соочи во претстојниот период. Владата на Трамп сака да ги откаже државните субвенции за електрични автомобили, што ќе направи електричните автомобили да им станат значително поскапи на купувачите, во споредба со возила со обичен погон.

Околу две третини од продажбата на Тесла во САД, што сочинува околу 20 проценти од вкупната продажба на компанијата во светот, се постигнати преку искористување на таа субвенција. Од друга страна, тоа повеќе ќе им наштети на помалите производители на електрични автомобили во САД и Тесла со тоа ќе стане само уште посилна на пазарот.

Обложувањето на картата дека властите ќе ја олеснат регулативата, исто така е голем ризик, затоа што треба да мине извесно време додека тоа се случи. Од друга страна, не е сигурно дали и кога Тесла ќе го пушти Сајберкаб во производство. Во случај законите да им го олеснат доаѓањето на самоуправувачките автомобили на сцена, не смее да се заборави на најостриот конкурент на Тесла на тоа поле, на Вајмо, дел од Алфабет, коишто имаат постигнато извесен напредок.

Претходна објаваПо хибриди, водород, платформа за емоции, следниот предизвик на Тојота се доставните возила
Следна објаваХонда и Нисан ќе се здружат во холдинг, со Хонда на возачкото место

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here