По хибриди, водород, платформа за емоции, следниот предизвик на Тојота се доставните возила

Лесните товарни возила, главно фургоните, досега не се поврзуваа толку силно со знакот на Тојота. Тоа важи само за Европа, затоа што Хај Ејс, легендата на Тојота во овој сегмент во изминатите преку пет децении, има изградено име насекаде, во Африка, во Азија, во Америките. На местото на Хај Ејс, денес во Европа вози Про Ејс. Гамата се шири постојано, се уриваат рекорди. Тојота Авто Центар го проширува своето делување во подрачјето на доставните возила.

Тојота се приклучи во сегментот на доставните возила во Европа, прво тивко во 2012 година, кога Фиат најави дека во 2016 ќе се повлече од проектот Еурован – од триото Фиат Скудо, Пежо Експерт и Ситроен Џампи. Тогашниот ПСА договори соработка со Тојота и во 2013 година се појави Про Ејс. Јапонците немаа никакво учество во развојот и производството, тоа беше класичен беџ-инженеринг, фургон со знак на Тојота.

Работите се сменија од корен, кога во 2016 година се појави втората генерација на Про Ејс. Тоа е веќе заеднички развиен модел на Тојота и тогашен ПСА, значи е исто толку Тојота, колку што некогашните Ситроен Ц1 и Пежо 107/108 се Тојота Ајго.

Про Ејс е моделот со средна големина и освен како фургон/ван, се произведува и во патничката изведба Версо. Тој доаѓа од истата фабрика на Стелантис во Валенсјен/Франција, со Ситроен Џампи и Пежо Експерт (доставните изведби), односно со Ситроен Спејс Турер и Пежо Травелер (патнички модели).

Во 2019 година, како дел од ПСА, се вклучи и Опел со своите Зафира/Виваро, а кон завршетокот на 2021 година, како дел од концернот Стелантис, се врати и Фиат, со Улис/Скудо. Тоа значи дека сите овие модели содржат во себе Тојота.

Со Про Ејс почна новото поглавје на доставните возила на Тојота во Европа, понудата во меѓувреме брои пет моделски серии, од Ајго Крос до легендата Хајлукс

Освен во развојот на моделското семејство околу Про Ејс, Тојота Европа учествуваше и во подготовката на фабриката за производство на вановите

Во мај 2020 година, Тојота Про Ејс почна да вози и како целосно електрично возило, со електромотор и батерија од Стелантис. Тоа е воедно и првиот модел на Тојота што е понуден како целосно електричен автомобил, со исклучок на кинескиот пазар.

Од летоска, Про Ејс се продава во освеженото моделско годиште. Понудата од мотори се состои од два дизели, 1,5-литарец со 120 КС и 6-степен мануелен менувач, и 2,0-литарец со 144 КС, со опција за автоматик. Електричниот модел минува до 330 километри со полна батерија. Може да се избира меѓу две должини на меѓуоскино растојание, зафатнината е до 6,1 метри кубни, внатре собира три палети. Може да се нарача и комбинирана изведба Кру Стајл, со втор ред седишта.

Версо им е познато име на автомобилистите и се поврзува со времето кога пазарот уште нудеше семејни ванови. Денешните „ванови“ се многу поголеми. Версо е достапен како патничка изведба на Про Ејс и Про Ејс Сити

Тојота Про Ејс Ван со 1,5-литарски дизел со 120 КС и носивост 1,1 тон чини 29.790 евра со ДДВ

Чисто патничката изведба Про Ејс Версо се повикува на прочуениот компактен ван Корола Версо од 2000-те, меѓутоа со просторноста и приспособливоста го засенува претходникот. Во опремувањето на внатрешноста, тука одвај дека се чувствува делењето на техниката со доставен модел. Тука се достапни две електрични варијанти, едната со батерија од 75 кВч и досег до 350 километри. Версо со 8+1 седишта почнува од 36.390 евра.

Соработката меѓу тогашен ПСА и Тојота во 2019 година се прошири и во сегментот на малечките доставни возила, со Тојота Про Ејс Сити. Освен во развојот, јапонскиот партнер учествуваше и во опремувањето на фабриката во Виго/Шпанија, каде што се произведуваат и Ситроен Берлинго, Фиат Добло, Опел Комбо и Пежо Рифтер.

Средниот по големина Про Ејс, помалиот Про Ејс Сити и најсимпатичната меѓу нив, Ајго Крос Н1, што веројатно ќе биде и најпродаваниот доставен модел на Тојота кај нас

Про Ејс Сити исто така се произведува во две должини, вклучувајќи и комби изведба со втор ред седишта, со зафатнина до 3,9 метри кубни, односно 4,2 метри кубни, ако се користи системот Смарт Карго, со преклопливо совозачко седиште или отвор во преградниот ѕид. Носивоста е 1 тон, може да се натоварат две палети. Од погонските изведби, достапни се 1,2-литарец со 110 КС или 1,5-литарски дизел со 100 КС. Гамата тука почнува од 22.000 евра.

По истото начело, Тојота Про Ејс Сити се произведува и во патничка изведба Версо (од 25.190 евра), во две должини на меѓуоскино растојание, со 5 или 7 седишта, со дополнителна варијанта на 1,5-литарски дизел со 130 КС, со мануелен или 8-степен автоматски менувач. Електричниот модел се подразбира.

Третиот член во семејството на доставни возила на Тојота и најголемиот, соодветно е именуван Ејс Про Макс. Тоа е доставно возило од највисоката класа, односно е најновиот член во големото семејство, покрај Фиат Дукато, Ситроен Џампер, Пежо Боксер. Тука постои најголема разновидност: Три должини, три висини и класи на тонажа, зафатнина до 17 метри кубни, и веќе стандардно за целата гама на Тојота Професионал, верзија со целосно електричен погон и досег до 420 километри.

Тојота при претставувањето на Макс, којшто наскоро ќе биде достапен и на македонскиот пазар, ја промовираше и верзијата на легендата и воедно главен носител на сите товарни задачи во оваа марка досега, Хајлукс, со 48-волтен хибриден погон.

Ајго Крос веќе е стандард во градската слика, во комерцијалната изведба Н1, за којшто ТАЦ велат дека е „Вашиот мини партнер за макси добивка“.

Тоа што е клучно во работењето во оваа сфера, не се „само“ возилата, туку посебна тежина добиваат услугата, сервисирањето, поддршката, и секако најразличите модалитети на финансирање. Станува збор за сфера во којашто купувачи обично се големи фирми и обично се потпишуваат договори за одреден број возила за обновување на возниот парк. Тука ќе се покаже организацијата на Тојота Авто Центар, и секако поддршката од принципалот Инчкејп.

Стратегијата е скроена. Тоа што прави овие доставни возила да бидат Тојота: Гаранцијата важи во времетраење од 10 години (185.000 км), исто како за патничките возила, понатаму редовното сервисирање не е пропишано на 10.000 километри, како што е случај кај моделите на концернот Стелантис, туку се врши на 20.000 километри.

Тојота Хајлукс „припитомен“ во салон

Тоа се важни трошоци на ниво на фирма и на возен парк што може да вклучува и неколку дузини фургони. Покусо мирување на возилото иста така влијае врз економијата. На тоа следи и 3 години бесплатна помош на пат 24 часа, со грижа да се обезбеди друго возило или да се превезе возилото до најблиската сервисна работилница на Тојота.

Тоа што вистински го заокружува овој сериозен настап на Тојота Авто Центар во сегментот на доставните возила, секако е поглавјето на традиционалната соработка со Шпаркасе Лизинг. Искуството го прави своето и соодветно на различните потреби на секоја фирма, може во основа да се избира меѓу три видови лизинг:

  • Финансиски лизинг, со 10% учество, со одложено плаќање ДДВ до 90 дена или отплата на ДДВ на 12 месечни рати
  • Финансиски лизинг со последна балон рата, во износ од 30% од цената доколку се финансира на 60 месеци и 10% учество
  • Оперативен лизинг, со или без 10% депозит, и со остаточна вредност до 50%, зависно од периодот на отплата.

Директорот Димитровски во приватен разговор за време на презентацијата на гамата на Тојота Професионал, најверно ја опиша ситуацијата со доставните возила: „Директорите што поседуваат Лексус, секако дека во возниот парк за својата компанија ќе изберат доставни возила од Тојота.“ Сé е толку јасно.

Претходна објаваОпел Астра 1.2 Едишн · Тест · Најлесниот избор
Следна објаваПазарната вредност на Тесла се зголеми за 570 милијарди долари поради блискоста на Илон Маск со Трамп

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here