Опел Астра 1.2 Едишн · Тест · Најлесниот избор

Тоа што тест-возењето на оваа Опел Астра побуди толку дополнителни теми при снимањето на видео-емисијата, вистински говори за тоа колку оваа марка и овој модел ни значат на македонската сцена. Возење до Кокино, до мегалитската опсерваторија што непосредно се поврзува со името Астра, споредба со Кадет ГСи од 1984 година, споредба со првата Астра Ф. Уште една од содржините на Аутомедиа што сцената ги обожува.

Опел Астра се поврзува со една од најжестоките конкурентски трки што ги помни автомобилската сцена. Тоа е двобојот меѓу нејзината претходничка, Опел Кадет, и Фолксваген Голф. Таа трка го достигнува врвот во средината на 1980-те, кога Риселсхајм излегува со Кадет Е, што сцената го познава како „капката“. Прекарот доаѓа од аеродинамичната форма на каросеријата.

Врв во понудата на моделското семејство на Кадет Е претставува ГСи, чијашто ознака се води по именувањето на спортските и луксузни модели во гамата на некогашните Комодоре ГС/Е или Монца ГС/Е. Тој легендарен Кадет ГСи користи 1,8-литарски мотор со 115 КС. Со тој мотор, спортскиот модел постигнува највисока брзина од преку 200 километри на час и забрзува до темпо сто за девет секунди. ГСи ги пробива границите, побрз од 200 км/ч и спринт за помалку од 10 секунди.

Тогаш со 115 КС се постигнуваат такви чуда. Опел го менува името, по Кадет Е, доаѓа Астра Ф. Името е ново, но континуитетот во буквите според абецедата останува, по Е следи Ф. Тоа е време кога автомобилската бранша, и вооошто целиот свет, се подготвува за новиот милениум, и гледа да промени сé, па и имињата на моделите на Опел. Тогаш се преоѓа на вештачки создадени, измислени измислени имиња. Аскона станува Вектра, Опел Рекорд станува Омега, Кадет станува Астра. Секогаш завршува со А.

Оваа генерација на Опел Астра, со ознака Л, почна со продажба во 2022 година и понудена е во најразлични изведби, вклучувајќи и целосно електричен погон во Астра Електрик. Секако постои и комби изведба, што одамна не се води како Караван, името што целата сцена почна да го користи за секој модел со комби каросерија, иако името изворно потекнува од Опел. Кар-а-Ван, автомобил како комбе.

Опција за седишта АГР што вреди помалку и од некои мобилни телефони

Астра на тестот е во најосновната изведба, тоа е почетниот модел, со 1,2-литарски бензинец со турбо-натполнење и 110 КС, со мануелен менувач со 6 степени на пренос и со ниво на опременост Едишн. Во демо-возилото се додадени само неколку ставки од дополнителната опременост: Тоа се АГР-седиштата, со печат од германските ортопеди што потврдува дека се исполнуваат сите стандарди во поглед на ергономијата, и втората опција, широкоаголна камера во 180 степени.

Седиштата АГР се добиваат во пакет што е именуван Комфор, и доаѓаат заедно со грејачи, вклучувајќи и грејач во воланот, како и затемнети задни стакла, потпирач за рака напред и преграда. Тоа што остава впечаток кај седиштата, покрај цврстата и комотна потпора, се навистина богатите можности за нагодување, со извлекување и продолжување на седечката површина, електрично местење на истата по агол и местење во слабинскиот дел. Уште една добра вест е цената: 670 евра за овој пакет. Некои мобилни телефони се поскапи од тоа, да се седи правилно и безбедно.

Со двете опции, заедно со кардио-црвена боја, што чини 500.евра, оваа повеќе од пристојна Астра доаѓа до 25.370 евра, односно 23.900 евра, вклучувајќи го акцискиот попуст.

Каква е врската меѓу некогашниот спортски Кадет ГСи и денешната основна Астра 1.2

Споредбата меѓу Кадет 1.8 ГСи од 1984 и Астра 1.2 од 2024 година мошне верно го отсликува напредокот во браншата во изминативе четири децении. Неверојатно е кога ќе се увиди дека перформансите на Кадет со 1,8-литарец со 115 КС, денес ги постигнува Астра 1.2 со 110 КС. Тогаш 203 км/ч, денес 198 км/ч, тогаш девет секунди за спринт до темпо сто, денес 10,5 секунди, за автомобил што тежи точно 300 килограми повеќе и подолг е близу 40 сантиметри.

Споредбата на основните податоци на Астра Л 1.2 со Астра Ф 1.4 може да ги погледнете во следното поглавје во видеото

Астра е наједноставниот избор на автомобил на македонскиот пазар, па и пошироко на автомобилската сцена. Точно со овој мотор и оваа комбинација со менувач, со ова ниво на опременост, можеби заедно со двете ставки што ги поседува тест-возилото, Опел Астра е најлесниот избор. А, зошто е така? Астра е големо име, што долго постои на сцената и коешто е докажано, со сите вредности шпто ги поврзуваме со Опел.

Зошто Опел Астра 1.2 со мануелен менувач и ниво Едишн е најлесниот избор?

Астра е доволно е голема, без задршка ги задоволува барањата за семеен автомобил и претставува избор за подолго време да остане во служба. Во нашите економски услови ни е сосем разбирливо кога ќе се оцени дека Астра 1.2 Едишн е „конечен избор на автомобил“. Задоволува и багажникот, опременоста е далеку од основна и меѓу другото досега до автоматски клима уред. Комфорот и штедливоста исто така ѝ се доблести. Потрошувачката меѓу 6 и 7 литри, меѓу другото произлегува и од моторот од 1,2 литар, што уште збунува неколку групи на „мразачи на автомобили“ по друштвените мрежи.

Во поглед на цената, денешната Астра Л со овие неполни 24.000 евра, не е премногу далеку од Астра Ф, кога ќе се земе предвид дека само АБС системот, тогаш чинел доплата од 930 евра. За клима уред, во основниот модел со 60 КС тогаш не можело ниту да се сонува.

Овој автомобил ослободува од премногу грижа дали моторот е доволно силен и штедлив, дали кабината е голема, дали можеби да се посегне по хибриден погон, или по автоматски менувач. Моторот од 1,2 литар честопати досега бил комбиниран со 8-степен автоматски менувач во возилата на тест. Тоа даваше мазен, смирен карактер на возењето. Со комбинацијата со 6-степен мануелен менувач, допрво се открива дека овој мотор всушност располага со пристоен темперамент. Кој е расположен да вози подинамично и повеќе вклучено во возење, ќе најде симпатии во овој менувач, во комбинацијата со 1,2-литарецот со 110 КС. Затоа, оваа Астра е најлесниот избор, точно во изведбата како на тестов.

Куса репортажа до Кокино

Претходна објаваРуди работи за Џагјуар Ланд Ровер и затвора врати 84.000 пати
Следна објаваПо хибриди, водород, платформа за емоции, следниот предизвик на Тојота се доставните возила

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here