
Двата големи јапонски производители на автомобили планираат да потпишат писмо на разбирање, за да се разговара околу еднакво учество во новата холдинг компанија, во чијшто рамки ќе работи заедничката компанија.
Здружувањето би имало за цел да им помогне на компаниите да се натпреваруваат со ривалите во електричните возила, вклучувајќи ги Тесла и производителите од Кина.
Нисан и Хонда, трет и втор најголем производител на возила во Јапонија, го губат својот пазарен удел во Кина. Повеќе од две третини од вкупната продажба на електрични автомобили во светски рамки во ноември отпаѓаат само на кинескиот пазар, со 1,27 милион возила само за еден месец.
Двете јапонски компании заедно постигнаа продажба од 7,4 милиони возила во 2023 година. Тие сепак мора да се соочат со нова и жестока конкуренција што постои на пазарот на електрични возила, посебно во Кина, каде што БИД граби сé поголем дел од пазарот.
Хонда и Нисан во март договорија да соработуваат во електрични возила, за во август да објават дека напредувале и заеднички ќе работат на батерии, електрични погонски оски и друга технологија.
Третиот партнер е Мицубиши Моторс, каде што Нисан поседува 24 проценти од акциите. Со соединувањето на трите производители би се создала една од најголемите автомобилски групации во светот.
Последно такво спојување од историски обем беше зделката меѓу Фиат Крајслер и ПСА во 2021 година, што доведе до создавање на Стелантис. Тоа соединување создаде компанија вредна 52 милијарди долари.















