Времето во Киа отсега се брои пред и по отворањето на новиот центар

Со автомобилската бранша секогаш се поврзуваат врвни достигнувања: Врв во инженерингот, во спортот, во менаџерската вештина, во маркетингот, па неретко и во архитектурата. Новиот центар на Киа е различен од сите досега, затоа што е простор што првенствено е создаден за човек тука да се чувствува пријатно и добредојдено. Тука не се доаѓа на гости кај автомобилите, тука луѓето се „дома“.

Во македонската автомобилска култура се помнат неколку коренити промени во изминативе триесетина години. Салоните на автомобили долго време беа сосредоточени во центарот на градовите. Автомобилите тогаш мораше да бидат изложени непосредно во средините каде што е најмногу раздвижено, за луѓе да ги видат и да ги гледаат. Салоните понатаму стануваа поголеми, попрестижни, понападни.

Првата следна еволуција беше преселувањето на сите активности во еден центар. Додека порано важеше принципот на „село од растурен вид“, со салон на едно, со сервисна работилница на друго, со складиште на трето место, автомобилските увозници пред преоѓањето во новиот милениум ја отпочнаа културата на големи автомобилски центри, по пример на западот, според начелото „сé на едно место“.

Пазарот се развиваше постојано, Западна Европа со половина нога беше доспеала тука, токму преку присуството на автомобилските марки што го изградија увозниците. Требаше да се опслужува пазар што веќе надминуваше 10.000 нови автомобили годишно. Тоа е поглавјето на т.н. автомобилски ресорти, град во градот, со раскошни продажни салони, сервисни работилници, кафулиња, паркови, паркиралишта.

Сега се случи Киа, повторно. Корејската марка и досега двоеше со раскошниот простор во поранешниот салон, секогаш климатизиран како шопинг-мол и со иста таква расвета. Менаџирањето водеше кон тоа секогаш да има најмалку по еден примерок од секој модел во понудата, вклучувајќи го луксузниот Соренто, а во поново време и целосно електричните модели Киа ЕВ6 и Ниро.

Новиот центар ја направи најдобрата реклама на Киа

Новиот центар на Киа, којшто се наоѓа стотина метри подолу од досегашниот салон, на улица Перо Наков, веднаш до Волво, прави најдобра реклама за марката. Тоа што човек може да го види како вешто послужена приказна во тв-рекламите или како понуда со звучна понуда на друштвените мрежи, постигнува само еден мал дел од доживувањето што се стекнува во новиот простор. Тука се запознава Киа.

Можеби во почетокот ќе се стекне впечаток дека се влегува во простор што е опремен најлуксузно што можело, меѓутоа по кусо време се забележува дека сé наоколу се сведува на природни материјали, текстури и бои. Тоа е воедно и суштината на марката Киа и на нејзината нова стратегија, којашто се нарекува План С.

Атмосферата на отворањето на новиот центар на Киа

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Природни материјали и бои, пријатно чувство, одржливост, услуги – не се само автомобилите

Почнувајќи го новото поглавје во 2021 година, Киа стави сé на картите одржливост и животна средина, на обезбедување на сите видови мобилност и понуда на сеопфатни услуги за клиентите. Планот се реализира на сите страни, почнувајќи од проширување на понудата од електрични модели, до користење одржливи материјали и примена на бои и материјали што се среќаваат во природата. Боите на каросеријата на македонскиот бестселер Спортаж, меѓу другото, сведочат најдобро за насоката во којашто Киа го развива своето присуство на сцената.

Човек тука се чувствува добредојдено и не помислува да си замине брзо. Повеќе културен центар, отколку салон за автомобили, овој простор навистина менува многу во автомобилската култура и несомнено е дека целата бранша ја повлекува во следното рамниште. Ова е простор што едноставно мора да се доживее. Во поглед на продажбата на возила, извесно е дека покрај овој простор, намерниците многу полесно ќе донесат решение за изборот на нивната марка на автомобил.

Честито Киа!

Претходна објаваКаде сé постојат фабрики за батерии за електрични автомобили ширум Европа
Следна објаваМерцедес АМГ ГТ 55 во Мак Аутостар: Како да е дојден од паралелен свет

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here