Ауди Ку 5 Спортбек во втората генерација напредува во изгледот и во техниката

Како што расте и се обновува понудата од електрични модели на Инголштат, така се освежува и понудата од модели со класичен погон. Додека новата платформа ППЕ ја менува играта кај новата генерација електромобили, бензинците и дизелите ја добиваат новата платформа ППЦ (Премиум Платформ Комбашчн). Напливот од новитети врз оваа платформа годинава почна со А5, како наследничка на А4, во септември се најави новиот СУВ од средна класа Ку 5, сега е на ред неговата купе-изведба Спортбек.

Исто како останатите новитети што се конструирани врз платформата ППЦ, така и новото издание на отмената купе-изведба на Ку 5 прави чекор напред во техниката и во изгледот. Во Германија, ценовникот почнува од 54.800 евра, спортската изведба С Ку 5 качува на 85.400 евра.

Исто како претходничката што беше претставена пред четири години, новиот Ку 5 Спортбек се одлкикува со мошне впечатлива појава – на сликата е спортскиот С Ку 5 Спортбек

Ауди релативно доцна излезе на пазарот со Ку 5 Спортбек, дури во 2021 година, и можеше да се очекува тековниот модел да остане уште извесно време во понудата. Меѓутоа, напредокот што го донесува новата платформа ППЦ ќе направеше Спортбек да остане во сенка на класичниот Ку 5.

Значајна промена има и во изгледот. Додека претходничката одеше на поостри линии и повеќе агресивен изглед, новиот Спортбек преоѓа на меки форми и става нагласок на елеганцијата.

Маската повеќе се втопува во предниот браник

Тоа што не е сменето е масивната маска, но таа сега повеќе се втопува во изгледот на носот. Светлата го оддаваат квалитетот на изработка на возилото, a додаваат и функционален квалитет со можноста да се избере графиката на дневното светло. Опција се задни светла со ОЛЕД, што можат да прикажуваат различни пиктограми, на пример, да го предупредат сообраќајот во случај на незгода. Уште еден чекор над тоа прави спортскиот С Ку 5, со хромирани украси и детали со изглед на метал.

Дисплеи се протегаат по речиси целата ширина на арматурната табла на Ауди Ку 5 Спортбек

Големите дисплеи се одомаќени во Ауди уште пред да прераснат во стандард во целата бранша. Новиот Ку 5 го проширува подрачјето под дисплеи по целата ширина на арматурната табла, по пример на Порше Тајкан и компанија.

Дигиталните инструменти и средишниот екран сочинуваат малку заоблен двоен дисплеј со скапа технологија ОЛЕД и со опција за дисплеј пред совозачкото седиште. Пред возачот е екран од 11,9 инчи, средишниот дисплеј мери 14,5 инчи. Третиот дисплеј заокружува со 10,9 инчи.

Дизајнерот Јуан Карлос Хуерта Мартинез ги прикажува обележјата на изгледот на новиот Ауди Ку 5 Спортбек

Како оперативен систем за оваа дигитална бина, сега и Ауди посега по Андроид Аутомотив од Гугл, заедно со вештачка интелигенција и услугата што се води како Фанкшн он Дименд, односно функции по барање.

Кај С Ку 5 Спортбек се добива проекциски дисплеј со богати можности за нагодување по желба. Преку него може да се ракува и со функциите на возилото и инфо-забавата. При телефонски повик, на пример, тоа се прикажува во проекцијата во ветробранот и возачот може да го вклучи повикот преку копче на воланот.

С Ку 5 продолжува на следното рамниште во поглед на перформансите и возната динамика, а секако дека спортскиот карактер се огледува и во надворешниоста, којашто се разликува од стандардниот модел

Уште од претходниот модел е познато дека назад има доволно простор и покрај тоа што покривот се спушта повеќе. Багажникот располага со 515 литри, односно 1.415 литри со соборена клупа. Кај С Ку 5, просторот се скусува на 470, до 1.388 литри.

Нов 48-волтен благ хибриден погон

Од погонските варијанти, Ауди нуди дволитарски ТФСИ и ТДИ, двата со 204 КС и 340, односно 400 њутнметри. Во спортскиот модел С Ку 5 работи Ве-6 од три литри, со 367 КС. Сите мотори добиваат поддршка од 48-волтен благ хибриден погон. Електромоторот постигнува максимално 24 КС, но и вртежен момент од 230 њутнметри.

Енергијата се чува и ја испорачува батерија од 1,7 кВч. Тоа дозволува при возење во град, кусо при поаѓање или при паркирање, Ауди да вози чисто на струја. Електромоторот инаку помага при сите сценарија во возење, за да обезбеди мала дополнтелна доза динамика, меѓутоа првенствено има улога да заштеди.

Погон на сите тркала е стандард кај дизелот и кај С Ку 5, кај бензинецот тоа е работа на избор на сопственикот, односно треба да се доплати.

Подоцна ќе се придружат два приклучни хибриди, со коишто Ку 5 ќе може да постигне автономија на струја од преку 80 километри.

Претходна објаваНовата Опел Фронтера: Електричен, просторен и забавен СУВ
Следна објаваКаде сé постојат фабрики за батерии за електрични автомобили ширум Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here