Трагите од електрификацијата на возниот парк во Кина се наоѓаат насекаде, почнувајќи од полначите на Тесла по историските улички околу Забранетиот Град во Пекинг, до осамените одморалишта со полначи долж автопатите по пустините на запад. Тоа се воедно знаци и за крајот на бензинот.
Според службените статистики, продажбата на електрични и хибридни возила во Кина веќе ја достигна пресвртницата. Тие учествуваат со повеќе од половина во продажбата на патнички автомобили во периодот од јули до октомври. Тоа го соопштува Здружението за патнички автомобили во Кина. Овој тренд ќе води кон тоа да почне да се смалува апетитот за горивото што се троши во патниот превоз и тоа секако ќе има огромно влијание врз пазарот на нафтени деривати.
Брзината со којашто се одвиваше преоѓањето на електрични возила во Кина во последните неколку месеци ги смени од корен предвидувањата на експертите на нафтените концерни, во банките и меѓу научниот свет. За разлика од САД и Европа, каде што одвај дека се менува општата потрошувачка на нафтени деривати во подолг временски период, се очекува дека намалувањето на побарувачката во Кина, како најголем увозник на сурова нафта во светот, ќе биде многу драстично. Брокерската куќа ЦИТИЦ Фјучрс предвидува дека потрошувачката на бензин во Кина на годишно ниво ќе се смалува за 4 до пет проценти до 2030 година.

„Иднината во Кина пристига побрзо,“ вели Киаран Хили, аналитичар за нафта во Меѓународната Агенција за Енергетија во Париз. „Тоа што сега го забележуваме е дека предвидувањата на среден рок, се случуваат пред очекувањата, и тоа ќе влијае врз растот на побарувачката во Кина и во светот до завршетокот на десетлетието.“
Светскиот пазар на нафта, што се потпираше на Кина како најголем носител на раст во најголемиот дел од овој век, со тоа ќе изгуби клучен столб на потрошувачката. Земјата учествува со близу една петина во светската побарувачка за нафта, односно со една четвртина во светскиот пазар на бензин. Пазарот на нафта во Кина, од една страна губи од тоа што земјата масовно се префрлува на електричен погон, а од друга страна и индустријата троши помалку нафта, поради забавениот раст на економијата.
Паѓа и потрошувачката на дизел, затоа што електричните камиони се бараат сé повеќе, исто како и камиони што користат течен природен гас. Потрошувачката на дизел во Кина го достигна врвот во 2019 година и понатаму ќе паѓа за 3 до пет проценти на годишно ниво, до 2030 година, објавија месецов УБС Секјуритис.
Сé уште постои неизвесност како понатаму ќе се движи преоѓањето на електрични возила во Кина, односно дали некогаш ќе се постигне целосна електрификација во земјата и што ќе значи тоа за побарувачката на горива. Мора да се земат предвид и приклучните хибридни возила, што можат да се движат на струја, но во секое време можат да продолжат со погон со мотор со внатрешно согорување. Тие имаа најголем удел во растот на продажбата во последните неколку години, меѓутоа не постојат доволно податоци за тоа дали нивните возачи ја полнат батеријата и колку возилото го користат со електричен погон.

Светската агенција за енергетика предвидува дека „брзата, масовна електрификација“ може да доведе до тоа, побарувачката на бензин во Кина да почне да паѓа од 2025 година. За периодот од 2023 до 2030 година се предвидува просечен пад во побарувачката од 2,1 проценти на годишно ниво.
Годинава може да биде „пресвртница за кинескиот пазар на нафтени деривати, со тоа што потрошувачката на бензин ќе го достигне историскиот врв и понатаму ќе паѓа нагло,“ објави Луо Јантуо, виша инженерка во Институтот за планирање и инженеринг ПетроКина, којшто е дел од најголемата нафтена компанија во Кина. Таа предвидува дека бројот на возила со бензински мотор ќе го достигне историскиот врв уште во почетокот на следната година.
Пекинг го посади семето за преоѓање на електрични возила пред повеќе од една деценија, понудувајќи субвенции што на производителите на автомобили им обезбеди време да постигнат масовно производство и да ги скусат трошоците. Придобивките од тоа се покажаа во 2021 година, кога производството на електрични и хибридни возила се зголеми речиси тројно во споредба со претходната година. Нивната продукција годинава првпат ќе надмине 10 милиони возила.
Електричните и хибридните возила учествуваат со удел од околу 10 проценти во вкупниот број возила по патиштата. Се очекува дека тој број до 2027 година ќе надмине 20 проценти и понатаму ќе се приближи до 100 проценти во 2040 година. Тоа го кажува Андерс Хоув, истражувач за Кина во институтот за енергетски студии при Оксфорд. Побарувачката за горива за патничките автомобили до 2040 година ќе падне од сегашните 3,5 милиони барели дневно, на 1 милион, предвидува тој.

Кина напредува во електрификацијата побрзо од која било друга економија. Во САД, електричните возила уште учествуваат со околу 10 проценти во вкупната продажба. Блумберг НЕФ очекува, дека со победата на Републиканците, тој удел нагло ќе се смали.
Потрошувачката на бензин во САД во минатата година била намалена за само 12 проценти, од врвот што бил достигнат во 2004 година. Во Европа, каде што се вози и на бензин и на дизел, потрошувачката во патниот сообраќај се смалила за само 6 проценти од врвот во 2007 година.
















