Расте добивката на Џили, продажбата се движи кон 2 милиони

Вкупната добивка во последното тромесечје порасна за 92 проценти, на 325 милиони евра, додека прометот забележа раст од 20 проценти, со близу 8 милијарди евра, објави компанијата.

Џили во првите десет месеци од годинава продаде 1,72 милион возила, што е за 32 проценти подобро од лани. Кинескиот производител е на пат да ја исполни целта за годинава, да продаде 2 милиони патнички автомобили. За тоа да се постигне, потребно е во ноември и декември да се продадат во просек по 150.000 возила.

„Во првите три квартали од 2024 година, групацијата го задржа силниот залет, со продажба зголемена за 32 проценти во споредба со лани, престигнувајќи го пазарот“, стои во соопштението.

Иако уште е голем заостатокот зад пазарниот водач БИД, којшто само во октомври продаде половина милион возила, преодот на Џили кон приклучни хибриди напредува одлично. Испораката на ЕВ и приклучни хибриди речиси е удвоена во споредба со лани, со околу 655.000 продадени возила во првите десет месеци од годината. Голема е побарувачката за премиум марката електрични возила Зикр и за серијата модели Галакси, којашто е наменета за најширокиот пазар.

Новите ЕВ, како што се Сингјуан и кросоверот Галакси Е5, постигнаа десетици илјади нарачки откако производителот објави почеток на продажбата.

БИД, Џили и останати производители, искористија многу од акцијата за замена на старите возила што практично се безвредни, со нови електрични возила, со помош од 20.000 јуани (околу 2.650 евра), а исто и локалните власти прискокнаа на помош за на граѓаните да им го олеснат купувањето нов автомобил на струја.

Вредноста на акциите на Џили годинава повторно расте и тие сега вредат 64 проценти повеќе од лани, додека индексот Ханг Сенг напредуваше за 15 проценти.

Извозот исто така постигнува голем удел во растежот на компанијата. Извозот до октомври порасна за 71 проценти. Помали се изгледите дека тој раст ќе продолжи, откако ЕУ се реши да воведе дополнителни царини за електричните автомобили што се произведени во Кина. За Џили сепак е одредена пониска царинска стапка, од 18,8 проценти. Реагираа и други пазари, како САД, Турција и Бразил, коишто веќе воведоа или најавија воведување царини и ограничувања.

Русија, каде што Џили е меѓу најпродаваните марки, откако производителите од западот си заминаа поради случувањата со Украина, исто така има намера да воведе царини за увозни автомобили.

Видеото од тестот на Џили Кулреј во Аутомедиа

Претходна објаваМатематика на БМВ-премиери во М Кар: 2 X 3 Х M 5
Следна објаваЕУ и Кина пред договор за најниска цена, царините уште се во сила

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here