-
16 гуми со димензија 215/55 Р 17 В на тест во клубот АДАК
-
Не решаваат само зимските својства
-
3 модели добија оцена многу добро, 7 се добри, 3 се доволни и 3 се недоволни
Што е тоа што посебно се бара од една зимска гума? Одговорот е јасен: Таа мора да нуди висока безбедност во возењето во зимски услови на патот.
АДАК сепак бара многу повеќе од тоа. Не е доволно гумите да поседуваат само добри зимски својства, освен ако цела зима не се вози само по снег, мраз и раскашавен снег. Најголемиот број возачи во зима сепак возат по сув или по мокар пат. Затоа е важно зимските гуми да не покажуваат слабости во такви услови на возење.
Не е доволно гумата да биде добра само на снег
Најдобар пример за тоа каква не треба да биде една зимска гума дава тестираната кенда Винтерген 2 КР501. Вистина е дека оваа гума е врвна на снег и одушевува со добар контакт, со добри вредности на сопирање и тракција, па дури и со високи резерви во гранични услови на возење. Сликата се менува на сув пат, кога се стекнува чувство како да се врти во сунѓер и во свијоци мора постојано да се коригира со воланот. При избегнување ненадејна пречка при висока брзина, овие гуми тежнеат кон надуправување (занесува опашот) и патот на сопирање е долг.
Истото важи за влажен пат. Возилото на тестот, со гумите Кенда запре дури по 41,1 метри, од брзина од 80 км/ч. За споредба, најдобро сопирање на влажно постигнуваат Пирели Чинтурато Винтер 2. Кај нив, патот е долг само 34,2 метри. Затоа, АДАК за гумите Кенда се реши за оцена – недоволно.
Слично е со Трајангл Винтер Икс ТВ401, кои исто така се примерни во зимски услови, но попуштаат на влажен пат и исто како Даванти Винтура + се наоѓаат во дното на табелата. Сите овие три модели на гуми не се препорачливи.
За сите ситуации: Три гуми со оцена многу добро
Сепак постојат и резултати што радуваат. На врвот на табелата се најдоа три гуми, што го минаа тестирањето на зимски гуми за 2024 година со оцена многу добро. Нивните предности се во деталите. Победничката на тестот, Гудјир Ултра Грип Перформанс 3 и второпласираната Данлоп Винтер Спорт 5 се мошне хармонично проектирани и оставаат одличен впечаток и на сув и на влажен пат, како и на снег и мраз. Овие два модели добија оцена 2,1 за безбедноста.
Поради тоа што Гудјир понесе победа и при оценувањето на поволноста за животната средина (таа учествува со 30 проценти во крајната оцена), тие си обезбедија победа со вкупна оцена 2,0. Предвидената трајност дури е оценета со одлично, а за трошењето е доделена оцена многу добро. Тежината на гумите и влијанието врз потрошувачката исто така се незначителни. Ултра Грип Перформанс 3 е една од двете гуми, што се за повеќе од 10 проценти полесни од просекот од сите гуми на тестот.
На трето место е Вредестајн Винтрак Про, со оцена 2,4, што ја заслужи со посебно добрите својства во зимски услови, но на сув и на влажен пат, како и во поглед на животната средина, не ги достигнува двата конкуренти.
Гуми од средината на понудата што заслужуваат препорака
Може да биде корисно ако се погледне и по гумите со просечна оцена. Според мислењата на професионалците за тестирање гуми на АДАК, седум гуми со оцена меѓу 2,6 (Семперит Спид Тип 5 и Ханкук Винтер ај септ РС3) и 3,3 (Фајерстоун Винтерхок 4) исто така се вредни за препорака и може да бидат добра замена. Меѓу нив се најде и Континентал Винтер Контакт ТС 870 П. Кај ниту една од гумите со оцена добро не треба да се очекуваат непријатни изненадувања. Разликата е единствено во тоа, што точно бара возачката или возачот.
Добри зимски својства поседуваат сите гуми во средината на пазарната понуда, со мали отстапки кај Џити Винтер В2 (оцена 3,1). Заедно со Јокохама Блу Ерт-Винтер В906 и Фајерстоун Винтерхок 3, во главните критериуми за безбедност во возење и еколошки биланс, добиена е оцена добро.
Без препорака за гумите со оцена доволно
Во конечниот пласман следат три гуми што не успеаја да освојат оцена добро. Вајкинг ВинТек (3,6), Кумхо Винтер Крафт ВП52 и Максис Премирта Сноу ВП6, пропуштија да освојат повисока оцена, поради тоа што сите три покажаа слабости на сув пат. Иако нивната издржливост е пристојна, тоа не може да надомести за слабостите во безбедноста. Поради тоа, трите гуми останаа без препорака.
За кои модели одговараат гуми со димензија 215/55 Р 17
Тестираната големина 215/55 Р 17 В одговара за голем број модели од средната класа и компактни СУВ. Од Ауди Ку 2, Киа Ниро и Опел Инсигниа, до Сеат Атека, Шкода Суперб, Тојота Јарис Крос, Фолксваген Т-Рок и Фолксваген Тигуан, тоа е мошне широк дијапазон.















