Афалтербах, каде што е седиштето на АМГ, на 7-ми ноември соопшти дека се почнати тестирањата на моделот во услови на екстремен студ и објави негова силуета. Името уште не се соопштува, единствено е наведено дека СУВ-моделот е „роден во Афалтербах“, гратче северозападно од Штутгарт, Германија.
Мерцедес традиционално ги има во продажба АМГ-изведбите на своите СУВ-модели ГЛА, ГЛЦ и Е Ку Е, меѓутоа разликата е во тоа што новиот модел ќе биде прв СУВ што е развиен самостојно и независно во АМГ. Врвот во понудата на АМГ им припаѓа на ГТ и СЛ.
Првиот модел врз новата платформа е лимузина и тој беше најавен во март. Се претпоставува дека моделот што треба да се појави во 2026 година е наследник на купе-лимузината со четири врати АМГ ГТ.

Платформата АМГ.ЕА ќе воведе бројни иновации, вклучувајќи и електромотор со аксијален флукс што е развиен во соработка со Јаса, партнер на Мерцедес, како и нова батерија со високи перформанси. Платформата беше најавена со концептот Вижн АМГ.
Двата електрични модели на Мерцедес-Бенц што се конструирани врз сопствена платформа ЕВА2 се Е Ку Е и Е Ку С, заедно со нивните СУВ-изведби. Во почетокот на годинава, Мерцедес соопшти дека го паузира развојот на платформата МБ.ЕА за поголеми електрични модели.
МБ.ЕА беше планирана да стартува во 2028 година. Место тоа ќе се продолжи со усовршување на ЕВА2, а Мерцедес воедно ќе продолжи паралелно да развива модели со мотор со внатрешно согорување и модели со целосно електричен погон, подолго отколку што се планираше првично, веројатно до средината на 2030 година, поради забавената побарувачка за ЕВ.
















