На БМВ трипати им се позлати воланот во изборот на Ауто Билд

Извршниот директор Оливер Ципсе со трите златни волани, за два модели на БМВ и едно Мини на струја

Главната вест во Минхен е златниот волан за новиот БМВ 540д икс Драјв во комби-изведба Туринг, којшто убеди со штедливоста и динамиката. Победа во класа и за електричниот Мини Купер СЕ, додека серијата 3 е одликувана како најдобар користен автомобил.

Групацијата БМВ постигна трикратен успех при доделувањето на Златните Волани за 2024 година во изборот од германскиот магазин Ауто Билд и високотиражниот неделник Билд ам Зонтаг. Во категоријата на возила од вишата класа, златниот волан му припадна на БМВ 540д икс Драјв Туринг. Кај малечките автомобили победи новиот Мини Купер СЕ, во неговата втора генерација со целосно електричен погон. Во посебната категорија на користени возила се докажа серијата 3.

Врачувањето на наградите вообичаено се одвиваше на свеченост во висококатницата на издавачката куќа Аксел Шпрингер во Берлин. Оливер Ципсе, извршен директор на БМВ, кажа дека „со постојаното усовршување на нашите високоефикасни мотори со внатрешно согорување и со постојаното проширување на понудата од модели за електрична премиум мобилност, постигнуваме разновидност за желбите и потребите на нашите клиенти ширум светот.“

Златниот Волан е најзначајниот избор во Европа и пошироко, покрај изборот за Европски Автомобил на Годината, и се одржува од 1976 година. БМВ постојано освојува најмалку по еден Златен Волан од 2019 година наваму.

Изборот годинава се состоеше од 78 нови модели на германскиот пазар, за коишто гласаше публиката. Трите модели со најмногу гласови во седум одделни класи на возила, понатаму беа тестирани на патеката Лаузицринг, во сопственост на Декра, од страна на стручно жири.

Жирито од 18 членови, покрај експерти од Ауто Билд и од Билд ам Зонтаг, вклучува уште тркачи, јавни личности и други профили, што оценуваат возни својства, дизајн, ракување, дигитализација, штедливост, противвредност и квалитет на изработка.

Видеото од тестот на БМВ Икс 2

Претходна објаваМерцедес АМГ ќе лансира сопствен целосно електричен СУВ
Следна објаваМини Џон Купер Воркс отсега го има во пет варијанти

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here