Мерцедес е стандардот во новиот лаунџ-бар под трикраката ѕвезда во Скопје

Фотографии: Мак Аутостар

Светот често знае да ги препознае убавите работи и да спореди дека некои нешта се како Мерцедес. Скопје доби лаунџ-бар, кој не само што е како Мерцедес, туку и навистина е Мерцедес.

Од родстер Мајбах СЛ 680 Монограм вреден над 300.000 евра, до детска количка на туркање Боби-АМГ ГТ за 130 евра, сé е Мерцедес. На луѓето им се допаѓа и да имаат секојдневни предмети со знакот на најстариот производител на автомобили во светот. Од обувки до капа, од приврзок до очила, од пенкало до куфер, сé може да се добие со едно од најпрепознатливите обележја на марка во вселената. Секако, за тоа мора да задоволи одреден стандард. А, ресторан Мерцедес? Апсолутно, да.

Сé е премиум во деловниот центар Премиум, што е изграден пред пет години и составен дел е од Мак Аутостар, увозникот на Мерцедес-Бенц. Веднаш под трикраката ѕвезда што се врти на покривот, високо на 6-от кат, човек сега може да се раскомоти во несекојдневно релаксирачка средина, да прекрсти нозе, да ги слуша коцките мраз како се удираат во чашата, и спокојно, во убаво друштво, да пушти да тече времето додека се подготвува некоја отмена закуска. Точно, Мерцедес, меѓутоа лаунџ бар Мерцедес.

Тоа што му дава вистинска тежина на името Мерцедес што го носи овој отмен локал е чувството кога ќе се седне. Поточно, посебното чувство почнува уште од паркирањето. Додека во локалите во центарот на градот и каде било низ Скопје, човек прво ќе изгуби живци додека најде место за паркирање, тука ги има на стотини. Место човек да спасува глава додека пеш дојде до одредиштето, тука се пешачи спокојно, божем е ресорт. Рецепција како во хотел, скапи и чисти лифтови, архитектура на ентериер во нејзината уметничка смисла.

Печатот на архитектот навистина се чувствува во секој агол на просторот на Мерцедес Лаунџ Бар. Вистинското откритие на местово следи кога ќе се забележи дека свежиот и за чудо чист воздух не доаѓа од климатизацијата, туку од отворените прозорци. Делот на јужната страна, од каде што се гледа булеварот Киро Глигоров, Аеродром, Ново Лисиче, ќе биде во заднина на веројатно илјадници слики и видеа, што во овие и во сите следни денови ќе се појавуваат на друштвените мрежи.

Глетка што прилега за просторот со еден од највпечатливите архитектонски потписи во градот

Место гласна музика што треба да ги потисне звуците од турирање на мотори и сирени по улиците, тука музиката е нормално тивка, точно пријатна. Јасно е дека се внимавало посебно да се задржи природното. На сите страни и по сите агли ќе се забележи по некоја жардиниера што посебно е изработена за овој простор, по нешто зелено, што воспоставува природна врска со зеленилото што се гледало насекаде околу, но досега немало од каде.

Камен, дрво, сонце, воздух, природни земјени бои, платно место вештачка кожа, стакло, навистина остава впечаток оваа ретко совршена средина. Врв во опремувањето на просторот се теписите, што укажуваат на отменоста на локалот. Просторот не зрачи со скапи или ретки материјали, напротив, сé е природно, туку тоа што му дава благородност е токму вешто пренесената замисла на македонскиот архитект.

Совршенството од природни бои и секојдневни материјали го гради луксузот што го оддава овој простор, место тоа да се постигне со светнат метал или скапи мермери

Светот на автомобилите на Мерцедес-Бенц сепак е присутен насекаде, но тоа е толку ненаметливо, што само додава на совршенството. Освен по тоа што се почитувани врвни стандарди во проектирањето и изработката, исто како кај автомобилите, Мерцедес е присутен и по вешто избраните мотиви по ѕидовите. Во отмениот простор за состаноци, со посебна климатизација и со целосна звучна изолираност од клуб-просторот, што е издвоен малку на страна, на пример, секако дека пречекува слика со легендата Хуан Мануел Фанџо. На спротивната страна, во просторот каде што се изведени сепареата и се гледа со километри долж течението на Вардар, до Таор, поставени се мотиви со родстерот Р 109, легендарниот Пагоде, со 123-та, со модели што секој ќе ги препознае.

На површина од близу 700 метри квадратни, и при целосна зафатеност на Мерцедес Лаунџ Бар не се нарушува приватноста

Секако дека при посетата на местото не беше пропуштена можноста да се ужива во просторот, или поточно, во пригодата, да се погледне Скопје од друг агол. Метална лажица за кафето, послужено во порцелан, говори доволно. Тоа што е неочекувано, се цените. Тука нема доплата за премиум, цените се сосем нормални.

Претходна објаваФерари го зголеми профитот за 7%, купувачите имаат посебни желби
Следна објаваКупра од моделска изведба, во марка, до салон и нова автомобилска култура во Македонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here