Добивката на Ферари од основниот бизнис, продажба на автомобили, порасна за 7 проценти во третото тромесечје, иако се поднамали бројот на испорачани возила. Италијанскиот производител продолжува да користи придобивки од збогатената понуда од модели и од тоа што купувачите имаат сé повеќе посебни желби, што уште толку ги поскапува испорачаните возила.
Во месеците од јули до септември, бруто добивката на Ферари достигна 638 милиони евра, соопшти Маранело.
Збогатената понуда од модели, што вклучува поскапи модели, донесе позитива од 60 милиони евра во резултатите за последниот квартал, стои во соопштението од 5-ти ноември.
Голема улога имаше Дајтона СП3, вредна 2 милиони евра, со 12-цилиндарски мотор, како и „неколкуте продажби“ на 499П Модификата, што се изработува во ограничена серија и наменета е строго за тркачки патеки, вредна 5 милиони евра.
Во Ферари се мошне сигурни дека ќе ги исполнат целите што се поставени за годинава. Извршниот директор Бенедето Виња кажа дека книгите со нарачки се полни до 2026 година, со најголема побарувачка за семејството модели 12Чилиндри, што беше лансирано во мај.

Продажбата на Ферари трпи од намалената побарувачка во Кина
Бројот на испорачани возила опадна за 2,2 проценти, на вкупно 3.383 возила во третиот квартал. Овој пад се должи првенствено на забавената продажба во Кина, каде што се испорачаа за 29 проценти помалку возила. Иста е ситуацијата и со останатите производители на луксузни автомобили.
Според аналитичарите на Бернштајн, намалениот број на испорачани возила не е изненадување.
„Тоа не е знак дека побарувачката е намалена, туку ја прикажува способноста на Ферари да манипулира со бројот на испорачани возила, за да може да ја постигне предвидената маржа“, кажуваат аналитичарите на Бернштајн, додавајќи дека се очекјува испораките во последниот квартал да бидат повисоки во споредба со истиот период лани.
















